АктуелноИнтернационално

Чиле и Македонија- опустошени од истиот економски модел

На протестите во Чиле излегоа милион луѓе. Скоро 20 луѓе веќе беа убиени од страна на полициските и воените сили, откако Владата објави војна врз сопствениот народ. Вестите за народните протести во Чиле доаѓаат од друг континент. Но, изворот на гнев во Чиле е ист како и тука, а тој може да се лоцира од една страна во децениското потиснување на народот и опустошување на јавното, а од друга во богатењето на владејачките профитери кои ја контролираат државата. 

Идеологијата позади овие деструктивни процеси е неолиберализмот. И Македонија и Чиле во изминатите децении претставуваат заедници кои се опустошени токму поради слепото следење на овој модел, промовиран од институциите во служба на глобалниот капитал како Светската Банка и Меѓународниот Монетарен Фонд.  Еден од главните слогани на протестите кои започнаа поради зголемувањето на цената на карта за метро за 30 пезоси е: „Не сме гневни поради 30 пезоси, туку поради 30 години неолиберализам“.

„Ние сме пролетери, не граѓани” – слика од протестите во Чиле

Но што во суштина значи неолиберализмот, на што се заснова неговата идеја за организирање на економијата во една држава? За да ги препознаеме процесите предизвикани од него кај нас како и во Чиле, доволно е да ги определиме трите столба врз кои тој се заснова: 

1.Неутрализирање и разединување (цепкање) на работничката класа; 

2.Прераспределба на капиталот од многумина кај малкумина (акумулација по пат на обезпоседување”);  

3.Впрегнување на државата исклучиво во служба на капиталот. 

Трагични лични и општествени последици

Чиле се смета за „миленичето“ на Светска Банка. Според извештаите на Светската Банка, Чиле е “најстабилната и најпросперитетна“ нација во Јужна Америка. Меѓутоа, надвор од извештаите, во секојдневието на обичните Чилеанци се крие поинаква реалност. Таму, неолибералниот социјален експеримент донесе трагични лични и општествени последици, слични на оние кои претставуваат наше секојдневие:

1.Раст заснован на експлоатација на (заедничките) природни ресурси

Економијата на Чиле во голема мера се заснова на екстракција и извоз на суровини. Рударскиот сектор во Чиле е еден од столбовите на економијата, а само извозот на бакар зафаќа повеќе од една третина од приходот на владата. Во осумдесеттите во Чиле беше приватизирана и водата. Денес водата во главниот град, Сантиаго, е во монополска сопственост на фирмата Агуа Андинас, која наплаќа енормно високи сметки за вода.

„Ако нема леб за сиромашните, нема да има ни мир за богатите“

Спротивно на тврдењата, приватното менаџирање со водата ни во Чиле не донело ефикасност. И покрај високите сметки за вода, со денови има прекин на водоснабдување што предизвика бројни протести и во минатото. Иако природните ресурси претставуваат колективна сопственост на сите Чилеанци, од чие искористување корист би требало да имаат сите, сепак тие досега се експлоатираат само за обогатување на малкумина. 

2.Огромна нееднаквост

Позади привидот на „силна“ економија, во Чиле се крие огромна нееднаквост. Па така, дури и кога има економски раст тој не се прелева во подобрен животен стандард за обичните Чилеанци, туку во богатство за малкумина бизнисмени и политичари. Претседателот на Чиле, Себастијан Пињера, се смета за еден од најбогатите Чилеанци, со богатство кое се проценува на скоро 3 милијарди долари. Најсиромашниот процент на Чилеанци заработуваат помалку од 140 долари месечно. Дванаесет милијардери од Чиле поседуваат еквивалент на 25% од чилеанскиот БДП. A 36% од населението во градовите живее во екстремна сиромаштија.

3.Уништување на социјалната држава

Во осумдесеттите и деведесеттите Светската Банка ги охрабруваше реформите кои вклучуваа „флексибилизација“ на пазарот на трудот, кои всушност значеа уништување на синдикатите на начин кој понатаму служеше како пример за уништување на синдикатите кај нас и во нашиот регион. Братот на сегашниот чилеански Претседател воведе пензиски реформи според кои работниците даваат задолжителен дел од нивната плата во приватни пензиски фондови, а добиваат пензии кои зависат од приходот на ваквите приватни фондови.

Така пензиите стануваат дел од капиталистички рулет, кој често профит им носи само на менаџерите на фондовите. Денес, повеќето чилеански пензионери добиваат пензии од 200-300 долари во земја која се смета за приближно (80%) исто скапа како и САД. Како резултат на реформите од осумдесетите, во Чиле здравството од човеково право се претворило во уште еден начин за профитирање. Ваквите реформи создале структурни нееднаквости кои посебни ги погодиле сиромашните, старите и жените. 

Во шеесеттите, Чиле имале најдобар здравствен и образовен систем на континентот, динамична индустрија и растечка средна класа. Чилеанците тогаш веруваа во нивната држава и затоа го избраа социјалистот Салвадор Аленде за да ја предводи државата по избраниот пат. Токму овој пат беше прекинат со државниот удар врз Аленде, од страна на Пиноче со поддршка од САД и Британија. Од тогаш до денес, неолиберализмот е владејачкиот систем во Чиле, без разлика дали на власт е диктаторот Пиноче или христијанскиот-демократ, милијардерот Пињеро.