Поразените на патот кон ЕУ

Реџеп Исмаил (Хактан)
член на Президиумот на Левица

Централен мотив за политичка акција на сите владејачки елити, во епохата на независна Република Македонија, беше да си обезбедат 100% од просторот за маневар во (од нив) создадената политичка организација на Републиката, НО притоа, за народот да не остават никаква можност за било каква реакција на тоа! Во денешната реалност на овој нивен сон, секоја од овие владеачки структури поединечно, допринесе максимум во изградбата на вакви ефикасни средства и методи се со цел да го разбие и да го оневозможи секој обид за активно несогласување со нивните „визии“ на обичниот народ. 

Во оваа отуѓеност од масите, лидерските средби израснаа во централна политичка институција за усогласување на политичките решенија во интерес на партиските пазарења и тоа се на државна сметка. Последната лидерска средба, далеку од очите на јавноста, каде беше обелоденета безалтернативноста и отсуството на било каква визија за водење на државата од страна на овие елитистички структури, уште еднаш беше само демонстрација на нивната сложност и обединетост (истоветност) кога се однесува на нивната сервилност, некритичност и апсолутна покорност кон странските фактори. 

Во оваа насока, блокирањето на патот кон ЕУ претставува пораз на целиот политичкиот естаблишмент во државата. Сите поразени се собраа на лидерската средба како да им гори под нозе. Нивната цел на оваа лидерска средба и објавување на изборите, не беше да најдат некакво си решение – туку да најдат изговор пред народот со што ќе дадат смисла за нивната понатамошна бесмислена политичка егизстенција во јавниот простор на (од нив) заробената Република. Но народот не беше поразен баш сега! Тој одамна е поразен од перверзната итроштина на целиот политички естаблишмент. Но, мора да забележиме дека сосега сите порази се колективизираа, а победите се приватизираа. Како и до сега, така и овој пат, кога државата губи, ни велат дека тоа е загуба на народот. Никогаш досега одговорноста за поразите и катастрофалните состојби, во сите општествени полиња, не беше понесена од нивна страна. 

Сепак сиот денешен политички естаблишмент, не само што не ги трпи последиците од нивните расипнички политики, туку напротив, овие структури профитираат од таквата состојба. Токму затоа, ДУРИ и да добиевме датум за преговори, тоа единствено ќе служеше за корист на бизнисмените, транзициските профитер и бирократите блиски до власта. 

Единствената “иновација” на сегашната Власт беше менувањето на името. И токму за ова тие очекуваа зелено светло од ЕУ?! Но, народот не го смени името. Народот тоа јасно го покажа на референдумот, и народот победи овој пат. Затоа, ова не е пораз за цела држава, туку пораз за оние кои ја заробија државата за лична корист. 

Дојдени сме до состојба каде слободно може да констатираме дека, помеѓу сегашниот економско-политички естаблишмент и народот, договор за владеење не постои, таквиот општествен договор одамна е раскинат! Државата е претворена во реликвија, шуплива кутија во која се вгнездени банди со најниски страсти. Барање праведност и мир во вакви услови е како да барате бандите вгнездени во шупливите ќибритчиња да си го запалат сопствениот дом. Тие заборавија пред кого сносат одговорност и од каде извира нивниот легитимитет!

Бирократите на ЕУ, или лидерите на европските држави, не одговараат пред нашиот народ: тие одговараат исклучиво пред сопствените народи и држави. Пред нашиот народ ќе понесе одговорност, и не само политичка туку и кривична, целиот естаблишмент кој сиве овие години го држи јаремот во кој е впрегнат цел народ.