АктуелноИнтернационалноЛокално

Отворено писмо од Пиринец до Вардарците

Објавено во:Народна волја, год. XXXIX, бр. 9 (септември 2019), стр. 9

Почитувана редакцијо на в. „Народна волја“

Ние, Македонците од с. Гореме, општина Струмјани, праќаме поздрави на луѓето покрај Вардар (барем реката уште е таму) и се „восхитуваме“ на дејствата на нивните мудри државни мажи.

Мили Вардарци, најпосле се растеретивте од тешкото историско наследство и со лесни чекори може да одите насекаде!

Се откажавте од Александар, се откажавте од Солунските браќа и како капак на сè едно никому познато момче Стево објави дека Гоце не е Македонец!!!!

И веднаш Гоце е прекрстен – сега е Че Гевара. Сепак ќе ви остане Јордан Пиперката, ако веќе не се бендисал некому?

Е сега можете да ја почнете историјата на сосема нова основа, начисто, на пример како едно селско момче од Струмица ве повело во темнината и така не ве извело на светлина. Во новата историја гордост ќе ви бидат Зоран и Стево…

Ако сега се најде таму некој да каже дека саркофагот со коските на Гоце треба да се врати во Софија – кашата ќе биде полна!

Ние Зоран и Стево ги разбираме – тие сакаа да се покажат пред новите шефови колку се послушни и дека пред ништо нема да сопрат. Затоа ние ги ставаме во графата „Најголеми предавници во македонската историја“.

Мили Вардарци, тие горните ги разбираме, но никако не можеме да ве разбереме вас – обичните Македонци. Премолчивте за Александар, за браќата од Солун, ама да молчите и за Гоце – тоа е нешто нечуено, како да не се однесува на вас (срам да ви е барабар со децата)!!!

Дали знаете, мили Вардарци, дека во 1905 год. гробот на Гоце во Баница е раскопан и коските му се ставени во едно дрвено сандаче, специјално направено за тоа? А дали знаете што е напишано на тоа сандаче во 1905 год. од соборците на Гоце од целото Серско раководство на Организацијата, од Јане, Михаил Чаков и др. Ќе ви помогнам:

„Коските на великиот Гоце треба да почиваат само во престолнината на слободна Македонија“!!!

Е, ако вие не сте таа држава, тоа е нешто друго!

Кутар Гоце, и во гробот нема мир за него.

Мили Вардарци, ние никогаш не сме биле слободни и не знаеме како изгледа слободата, затоа никако не можеме да разбереме зошто толку си ја замразивте државата?!

Дали да влезете во НАТО е смислата на вашиот живот? Дали таму ќе бидете побезбедни? Дали знаете дека таму ќе бидете во друштво со сите ваши смртни непријатели, без ниту еден пријател? Дали можете да сфатите што ќе ви се случи таму?

Во светската историја има само еден познат случај кога една слободна држава отишла под ропство по своја желба. Тоа е малото царство Пергам на територијата на денешна Турција, кое пред повеќе од 2200 години се потчинило на Рим. Повеќе ништо не се чуло за тоа царство. Дали вие сакате да сте втората таква држава?

Мили Вардарци, единствениот вистински пат и за вас и за нас во иднина е патот по кој ве водеше Тито – „Неврзани“!!! Уште не е доцна, помислете и вратете се на здравиот пат, инаку Бог нека ви е напомош.

Од сè срце ви посакуваме сè најдобро, што дава Господ да ви се случи!

Од името на група непокорни Македонци од село Гореме – поздрави за сите Македонци ширум светот и во редакцијата.

Со почит: Санде Горемски