АктуелноЛокално

Стружани со месеци се жалат на гласната музика, инспекциите и МВР ништо не преземаат

Текстот е пријавен до редакцијата од загрижен граѓанин.


Населението од Струга изминатиов период неколку пати реагираше дека во центарот на самиот град преку цело лето е нарушен нивниот мир од гласната музика, но и покрај пријавите до МВР институциите ништо не преземаат. Се работи за објект во центарот на Струга во сопственост на градежната фирма „Ми-Транс” од село Велешта, додека локалот „Дрини Мол” од каде доаѓа гласната музика се наоѓа на кровот  на самиот трговски објект. За ова очигледно прекршување на Законот за заштита од бучава во животната средина е реагирано и до МВР, но поединците кои го пријавија случајот тврдат дека објаснувањето за нивното непостапување е “дека ништо не можело да се преземе”.

Надлежен орган за вршење на стручни работи за управување со бучавата во областа на животната средина е Управата за животна средина, односно државните и овластените инспектори за животна средина. Државните инспектори за животна средина и овластените инспектори за животна средина се должни во рок од  седум дена од поднесувањето да постапат по иницијативата или пријавата за поведување на инспекциска  постапка. Државните инспектори за животна средина и овластените инспектори за животна средина се должни да  го известат подносителот на иницијативата или пријавата за поведување на инспекциска постапка во рок од седум дена од денот на спроведувањето на инспекцискиот надзор. Овластениот инспектор за животна средина при општина Струга е Натмир Неџипи кој нема никаква постапка поведено против овој случај за кој стружани неколку пати алармираат.

Очигледно е дека  дивеењето на локалните моќници од ДУИ не престанува, после скандалите со советникот Нефи Усени и бесправното градење и узурпирање долж струшкото крајбрежје. Во овој регион се чини дека ниту еден закон не важи и заштитените партиски моќници непречено можат да го малтретираат локалното население, без разлика дали се работи за узурпација на јавен простор, палење трски за нови хотели или прегласна музика. Иако премиерот Заев пред неколку дена изјави дека „во Македонија подобро се живее” очигледно тоа се однесува само за недопирливите функционери од ДУИ за кои „никој ништо не може да направи”.