АктуелноЛокално

Нова снимка: Јанева на Камчев – не се секирај ќе биде се во ред!

Италијанскиот весник Ла Верита утрово сподели ново видео за случајот Рекет. На снимките се слуша и гласот на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

„Не се секирај за ништо се ќе биде ОК“, му вели во еден дел Јанева на бизнисменот Орце Камчев.Камчев во видеото вели дека парите на Боки 13 му ги спакувал во соодветна торба „Луј Витон“ и дека не оди да му дава него пари во Адидас торба. Во снимката се слуша и договор за вечера на Боки 13 со „Бобо и жена му”, односно мажот на Радмила Шеќеринска.

Скандалот кој ја потресе политичката сцена во земјава и надвор се случува кога од неразбирливи причини обвинителката Рускоска и СЈО е на одмор, а за Катица Јанева не се преземени никакви мерки на претпазливост и покрај сите индиции кои процурија во јавноста.

Ларис Гајзер, сопственикот на италијанскиот весник „Ла верита“ кој вчера и денес објави снимки од средба на Бојан Јованоски – Боки 13, Зоран Милески – Кичеец со бизнисменот Орце Камчев, на која тој им предава торби полни со пари, денеска објаснува дека со овие објави сака да помогне во потрагата по вистината во Македонија.

„Денеска на ‘Ла верита’ го објавив вториот дел од мојот прилог за раширеноста на корупцијата во Македонија. Од 2015 година ги следам и известувам за тоа како група некомпетентни политичари (десни и леви) со помош на непријателски странски сили бесрамно играат со секојдневниот живот и судбина на македонскиот народ. Заслепеноста на политичките елити измешана со злобните меѓународни притисоци ја донесоа Македонија до корупција и опасен пример за општо прифатен ограничен суверенитет.

Сите мои претходни прилози и говори го докажуваат напорот да ја заштитам Македонија од понижување, да ја предупредам ЕУ за нејзиното недолично однесување и да ја поштедам меѓународната заедница од создавање неприфатливи преседани.

Не сум богат. Мразам глупости и манипилации. Верувам во човечката интелигенција и во слободата. Двете секогаш го наоѓаат патот до површината. Мојата надеж, денес со моите извештаи е да ги охрабрам добрите, сѐ уште независни, слободни судии – вистински верници во важноста на владеењето на правото – да истражуваат понатаму и да ја направат Македонија светол пример за стабилна земја!

Избегнувајќи да бидам вовлечен во политички борби, би сакал да го дадам својот мал придонес во потрагата по вистината за да му помогнам на македонскиот народ да најде нови сили на патот кон организирана држава. Со тековните сложени геостратешки промени, ние Европејците ѝ должиме на Македонија стабилност, сигурност и уникатна историска мудрост. Наместо да биде вештачки изолирана, Македонија треба што поскоро да стане член на нашата, иако несовршена Европска Унија, правејќи нѐ посилни и побогати“, напиша Гејзер на својот профил на Фејсбук, на кој вчера имал рекорден број побарувања за пријателства од Македонија и го надминал бројот од 5.000 пријатели.”

Ова е второ видео на италијанскиот новинар, а најави и трето продолжение.