Библиотека

Мировното прашање

Мировното прашање гледано како итна акциона програма на социјалистите и поврзано со него – прашањето за условите за мир – претставуваат универзален интерес. Може само да му се заблагодариме на Бернер Тагвахт (Berner Tagwacht) за неговите напори да го наметне ова прашање не од вообичаениот ситнобуржоарски националистички агол, туку од агол кој е вистински пролетерски и интернaционалистички. Неговиот напис дека германските социјал-демократи кои се борат за мир мора да се отргнат од политиките на јункерската влада беше одличен. Исто така, одличен беше нападот на другарот Антон Панекоек (Anton Pannekoek – холандски социјалист) за “помпезните издувни гасови на импотентните тргувања со фрази” (Wichtigtuerei macht loser Schönredner), кои залудно се обидуваат да го решат мировното прашање од ситнобуржоаска гледна точка. Да разгледаме како ова прашање треба да биде поставено од страна на социјалистите.

Мировниот слоган може да биде унапреден или во конекција со одредени мировни услови, или без никакви услови воопшто, како борба која не е за одреден тип на мир, туку е за мир воопшто (Frieden ohne weiters). Во вториот случај, очигледно имаме слоган кој не само што е несоцијалистички, туку и целосно е лишен од значење и содржина. Повеќето луѓе дефинитивно се залагаат за мир воопшто, вклучувајќи ги тука и Киченер (британски генерал во Првата светска војна заб. на превод), Жофр (француски генерал во Првата светска војна, заб. на превод), Хинденбург (германски генерал во Првата светска војна, заб. на превод) и Николај Крвникот (последниот император на Русија, заб. на превод), со оглед на тоа дека секој од нив посакува крај на војната. Проблемот тука е што секој од нив ги унапредува мировните околности кои се империјалистички (т.е. предаторски и угнетувачки кон другите народи) и во корист на неговата “сопствена” нација. Слоганите мора да се пренесат со цел да им се овозможи на масите преку пропаганда и агитација да ја видат непремостливата разлика меѓу социјализмот и капитализмот (империјализмот), а не со цел да се помират две непријателски класи и две непријателски политички линии, со помош на формула која ги “обединува” најразличните работи.

Да продолжиме: можат ли социјалистите од различни држави да се обединат околу конечните услови за мир? Ако e така, таквите услови без исклучок мора да го содржат правото на самоопределување на сите нации, како и одрекување од сите „анексации“, т.е. прекршување на тоа право. Меѓутоа, ако ова право е признаено само за некои нации, тогаш застанувате во одбрана на привилигираноста на одредени нации, т.е.. вие сте националист и империјалист, а не социјалист. Меѓутоа, ако правото е признаено за сите нации, тогаш не може да ја издвоите само Белгија на пример; туку мора тоа да се однесува на сите опресирани народи, како во Европа (Ирците во Велика Британија, Италијанците во Ница, Данците во Германија, педесет и седум проценти од руското население итн.), така и надвор од Европа т.е. сите колонии. Другарот А.П. направи добра работа со тоа што нѐ потсети на нив. Британија, Франција и Германија имаат популација од некои сто и педесет милиони, додека популацијата која тие ја опресираат во колониите изнесува над четиристотини милиони! Суштината на империјалистичка војна, односно војна водена во интерес на капиталисти, се состои не само од војна со цел опресирање нови народи или поделба на колонии, туку исто така војување примарно на најнапредните држави кои опресираат број народи кои го сочинуваат мнозинството светска популација.

Германските социјал-демократи (после Првата Интернационала Ленин го користи терминот комунисти, заб. на превод) кои го оправдуваат окупирањето на Белгија или се помируваат со истото, се всушност империјалисти и националисти, а не социјал-демократи, бидејќи тие го бранат „правото” на германската буржоазија (исто така и на дел од германските работници) да ги опресира Белгијците,Алзаците, Данците, Полјаците, црнците во Африка итн. Тие не се социјалисти, туку слуги на германската буржоазија на која ѝ помагаат да ограбува други нации. Белгиските социјалисти кои бараат ослободување и обештетување единствено на Белгија, исто така го бранат барањето на белгиската буржоазија која ќе продолжи да го ограбува петнаесет милионското население во Конго и која ќе добие отстапки и привилегии во други земји. Странските инвестиции на белгиската буржоазија изнесуваат околу три милијарди франци. Заштитата на профитот од овие инвестиции преку користење на секаков вид измама и махинации е вистинскиот “национален интерес” на “галантна Белгија”. Истото важи и во уште поголем степен за Русија, Велика Британија, Франција и Јапонија.

Може да се заклучи дека за да не биде барањето за слобода на нациите лажна фраза која го прикрива империјализмот и национализмот на одредени поедини земји, тоа мора да биде проширено на сите народи и на сите колонии. Сепак, такво барање е очигледно бесмислено, освен ако не е придружено со низа револуции во сите напредни земји. Покрај тоа, истото не може да биде постигнато без успешна социјалистичка револуција. Дали ова значи дека социјалистите треба да останат рамнодушни кон барањата за мир што доаѓаат од сè поголемите маси на народ? Во никој случај. Слоганите на работничката класно-свесна авангарда претставуваат една работа, додека спонтаните барања на масите се нешто сосема поинакво. Копнежот за мир е еден од најзначајните симптоми кои ги откриваат почетоците на разочарувањето од буржоаската лага за војната за “ослободување”, “одбраната на татковината” и слични невистини со кои класата на капиталисти ја замајува масата. Овој симптом треба да го привлече најблиското внимание од социјалистите. Сите напори мора да бидат наклонети кон искористување на желбата на масите за мир. Но, како тоа да се искористи? Да се ​​препознае барањето за мир и истото да се повтори би значело охрабрување на “помпезните издувни гасови на импотентните (и честопати, што е полошо: лицемерните) тргувачи со фрази”; тоа би значело заведување на народот со илузија дека постоечките влади, денешните господарски класи, се способни – без да им се „одржи” лекција (или подобро, без да бидат елиминирани) со серија револуции – да доделат мир кој на каков било начин ја задоволува демократијата и работничката класа. Ништо не е повеќе штетно од ваквата измама. Ништо не фрла повеќе прашина во очите на работниците, ништо не е поизмамнички за отсуството на длабоки контрадикции меѓу капитализмот и социјализмот, ништо не го разубавува капиталистичкото ропство повеќе од оваа измама. Не, ние мора да ја искористиме желбата за мир за да им објасниме на масите дека придобивките што ги очекуваат од мирот не можат да се добијат без низа револуции.

Крај на војните, мир помеѓу народите, престанок на грабежи и насилство – таков е нашиот идеал, но само буржоаските софисти можат да ги заведат масите со овој идеал, ако истиот е разведен од директен и непосреден повик за револуционерно делување. Подлогата за таква пропаганда е подготвена; за да се практикува таа пропаганда треба само да се стави крај со опортунистите, оние сојузници на буржоазијата, кои директно и индиректно ја спречуваат револуционерната работа (дури и до степен на доставување информации до властите). 

Правото за самоопределување на нациите, исто така, треба да биде истакнато во контекст со империјалистичката ера на капитализмот. Ние не се залагаме за статус кво, или за филистерската Утопија да стоиме настрана во големи војни. Ние се залагаме за револуционерна борба против империјализмот, т.е. капитализмот. Империјализмот е стремежот на нациите кои угнетуваат многу други нации, за проширување и зголемување на таа опресија и за редефинирање на колониите. Затоа прашањето за самоопределување на нациите денес зависи од однесувањето на социјалистите на угнетувачките нации. Социјалист од било која од угнетувачките нации (Велика Британија, Франција, Германија, Јапонија, Русија, Соединетите Американски Држави итн.) кој не го признава и не се бори за правото на угнетените нации на самоопределување (т.е. правото на отцепување) во суштина е шовинист, а не социјалист.

Само преку оваа гледна точка може да се дојде до искрена и конзистентна борба против империјализмот, кон пролетерски а не филистерски приод (сегашниот) на националното прашање. Само оваа гледна точка може да донесе до доследна примена на принципот на борба против каква било форма на угнетување на нациите; да ја отстрани недовербата меѓу пролетерите на угнетувачките и угнетените народи, да направи обединета интернационална борба за социјалистичката револуција (т.е. за единствениот остварлив систем на целосна национална еднаквост), различен од филистерската Утопија за слобода за сите мали држави генерално под капитализам.

Ова е гледиштето на нашата Партија, односно на оние Социјал-демократи кои се со Централниот Комитет.Ова беше гледиштето што го усвои Маркс кога го поучи пролетеријатот дека “ниту една нација не може да биде слободна се додека угнетува други нациии”. Од оваа гледна точка Маркс побара одвојување на Ирска од Британија, ова е во интерес на движењето за слобода, не само на Ирските, туку особено на британските работници. Ако социјалистите од Британија не го признаат и не го поддржат правото на Ирска на отцепување; ако Французите не го сторат истото за италијанската Ница; Германците за Алзас-Лорен, данскиот Шлезвиг и Полска; Русите за Полска, Финска, Украина, итн; и Полјаците за Украина – ако сите социјалисти од “големите” сили, т.е. големите ограбувачки сили не го поддржат тоа право во однос на колониите, тоа е единствено бидејќи тие се всушност империјалисти, а не социјалисти. Смешно е да се негуваат илузии дека оние кои не се борат за “правото на самоопределување” на угнетуваните нации, додека самите припаѓаат на угнетувачки нации, се способни да практикуваат социјалистичка политика.

Наместо да се остави на лицемерните тргувачи со фрази да го измамат народот со фрази и ветувања поврзани со можноста за демократски мир, социјалистите мора да им  објаснат на масите дека е невозможно да се добие нешто приближно слично на демократски мир, освен ако не бидат подигнати серија на револуции и ако не се води револуционерна борба против властите. Наместо да им се дозволи на буржоаските политичари да го измамат народот со говори за слободата на нациите, социјалистите мора да им објаснат на масите во угнетувачките нации дека тие не можат да се надеваат за нивно ослободување, се додека помагаат во угнетувањето на други нации и не го признаваат и не го почитуваат правото на тие нации на самоопределување, односно слободата да се отцепат. Тоа е социјалистичката, различна од империјалистичката политика, која ќе се применува во сите земји во однос на прашањето за мирот и националното прашање. Навистина, оваа политичка линија во најголем број случаи е некомпатибилна со законите кои казнуваат велепредавство, но исто таква е и Резолуцијата од Базел, која беше толку срамно предавство на речиси сите социјалисти од угнетувачките нации.

Изборот е помеѓу социјализмот и пoтчинување на законите на Жофр и Хинденбург, помеѓу револуционерната борба и сервилност кон империјализмот. Не постои среден пат. Најголемата штета му се нанесува на пролетаријатот од страна на лицемерните (или глупави) автори на политиката на  “среден пат”.

Превод на „The Question of Peace” од Владимир Илич Ленин, напишано 1915 година.