Македонија – одново посетена (II дел)

2. Текстилен центар

Во ридестиот регион на земјата, меѓу памучните полиња на Источна Македонија, лежи Штип, град со 11 000 жители. Јас можев да го опишам Скопје, главниот град, или пак Охрид, покрај неговото убаво езеро. Но Штип, кој не е ниту познат, ниту пак убав, ме одушеви како карактеристичен пример за тоа што револуцијата направи во оваа заостаната земја. Цела генерација Штип пропаѓал пополека. Кога прв пат ја посетив Македонија тој имаше 20 000 жители и беше релативно просперитетен, поради неговите вешти занаетчии кои што имаа добар отворен пазар за нивните производи во Солун. Тие беа горди на нивната православна црква, изградена во осумнаесеттиот век, со големина на катедрала,  и кажуваа горделиви приказни за огромните суми што нивните дедовци ги плаќале како мито на Високата порта за купување дозвола за нејзината изградба.

Но кога Турската Империја колабираше, Солун потпадна во Грција, додека Штип во Србија, така што пазарот на кој Штип се потпираше со векови беше пресечен. Неговите млади луѓе ги бараа сопствените среќи во странство, некои од нив преку Атлантикот. Под монархијата, Штип, како и останатиот дел од Македонија, стагнираше. На неговите луѓе им беше забрането да го користат нивниот јазик, и кога се јавив на едни мои стари пријатели, дознав дека тие биле присилени да ги променат нивните презимиња во нешто што звучеше српски. Штип оживеа тогаш кога Тито со инспирирачка непромисленост, ги подигна неговите партизани и ги предизвика сите сили на Оската, заедно со католичката хиерархија и домашните фашисти.

Младите во акција

Сегашните титови млади луѓе се задолжени за речиси се во Југославија, од фабриките до театрите. Смелоста на младите е јасна за се што тие прават. На планинските врвови и во шумите тие разговараат за нивните планови во иднина. Да се претвори Југославија во индустриска држава можеби звучи како фантастична амбиција, но дали е тоа брзоплетост, како што овие момчиња навистина правеа – одржувајќи се со нивните старомодни оружја против 28 дивизии на непријателот? Способната, магнетска личност, што ние ја познаваме како градоначалник на Штип бил командант на партизаните во голем регион северно од тука. Некои од градоначалниците што ние ги сретнавме во Македонија биле во нивните дваесетти, а Тито ни рече со притаена насмевка дека во неговата армија имал генерали со 25 години. Градоначалникот на Штип можеби имал триесет или  приближно. Што тој и неговите демобилизирани младичи сториле во пет години за да го вратат просперитетот на нивниот запуштен град е изненадувачки. Основата на промената (како и во сите останати југословенски републики) е социјалната трансформација на околните села. Лихварските долгови што ги земаа срцата на селаните биле отповикани, бидејќи каматните стапки од 60% биле честа појава. Исполничарите од кои порано земјосопствениците земаа половина од нивните приноси сега се господари на имотите што ги обработувале. На сопствена иницијатива некои од селаните ги здружиле нивните ниви и стада и основале кооперативни фарми. Со социјално здрава селска околина околу, луѓето на Штип започнале да ги реорганизираат нивните традиционални занаети. Дрводелците, некои 120 луѓе, формирале производен кооперативен еснаф и со помош во кредит од Републиката изградиле и опремиле голема работилница за да ги задоволат потребите на селаните. Фамилиите што до сега биле навикнати да спијат на под, сега бараат кревети.

Похрабра одлука било основањето на леарница за изработка на земјоделски алатки и машини, вклучително и електрична пумпа. Во нова и импресивна зграда познатиот тутун одгледуван во овој дистрикт е пакуван за извоз. Но главната амбиција на Штип е да стане текстилен центар. На раскошно место во новиот индустриски кварт ние видовме мажи и жени што работат на темелите на голема фабрика, каде локалниот памук ќе биде преден и ткаен. По голема суша, од далечен бунар, тие беа принудени да носат вода потребна за изградбата. Машините беа нарачани од Ланкашир[5] и еден ден тие ќе бидат склопени од англиските техничари. Веќе пријателските луѓе на Штип гледаат на нивното доаѓање како на единствен настан во историјата на нивниот град.  Додека ѕидарите градат просперитетно утро во фабриката за памук, инженерите се зафатени, на 80 милји далечина, со предизвикот да се изгради хидро-електричен систем што ќе обезбеди евтина енергија и ќе овозможи изградба на иригација на пространата рамнина составена од спржена но плодна почва за одгледувањето на уште памук.

Ми претставува тешкотија да набележам за останатото што ние го видовме. Нова Македонија има малку што, освен нејзината храброст, со старата. Штип го создава неговото градско планирање на остатоците на трагедија. Нацистите ги масакрирале Евреите и го спалиле нивното маало. Таму, архитектот што ги планирал улиците и шеталиштето, предвидел јавна градина. Во болницата високо на ридот, единствен посветен лекар, заедно со неколку необучени медицински сестри под него, се грижи за болните во осумдесет кревети. До скоро во Штип постоеше клиника за маларија, но со сушењето на големото мочуриште и внимателната употреба на Д.Д.Т[6] маларијата беше искоренета и таа зграда сега служи како генерална и забна клиника за жени и деца, раководена од страна на една нежна и стара жена-лекар. Новости по револуцијата беа и среќата на забавиштата, средно училиште што беше издигнато до универзитетско ниво, и големo интернатско училиште сместено меѓу виноградите во кое постарите момчиња и девојки поминуваат две години во обуката за култивација на вино.

На крајот на градот, отворениот театар е веќе изграден. Стоејќи помеѓу дрвјата на ридот, тој претставува убав детал во пејзажот, и човек може да ги слушне дури кротоките зборови изговорени на неговата сцена. Дел од изградбата беше завршена со волонтерска работа. Затворениот театар е помал, но граѓаните се одлучни дека сакаат поголем. Ние се прашувавме себеси, дали некаде во некој град со приближна големина на Британските Острови, постои дури еден театар, не два. Неговиот директор, млад човек на 23 години, бил партизан. Тој глуми, тој предава и ја дизајнира сцената. Секогаш на Балканот малкутемина обучени мораат да им служат на многуте ненаучени. На ѕидовите стојат преведени извадоци од Хамлет и Вилхелм Меистер, кои го слават дигнитетот на актерскиот занает. Со возбудата на истражувачи Македонците го освојуваат кралството на културата, нешто што ние на Запад го земаме како „здраво за готово“.

Партизански меморијали

Македонија не ги заборава партизаните. Преживеаните партизани ќе бидат лидери за генерациите што ќе дојдат. Но преживеаните на првиот час на борбата не се бројни. Комунистичката партија во цела Југославија броела единствено 12 000 членови во 1941 година, кога започнала борбата. Од тие, 9 000 биле убиени. Југословените посветиле многу споменици во чест и сеќавање на младите мажи и жени што се бореле во оваа епска борба. Каде и да патувавме, на карпите и рамнините, ние посведочвиме плочи на кои беа запишани нивните зачудувачки подвизи. Во Штип, исто, тие продолжуваат да живеат. Доминирајќи над градот, постоеше преубава џамија, оригинално византиска црква, што Турците ја ковертирале за време на нивното освојување. Неколку дена пред нашата посета, општината се решила џамијата да ја пренамени во музеј и повикала за давање на подароци за поставките и волонтери кои ќе учествуваат во уредувањето. До денес не е многу соберено – само некои локални селски костуми и неколку акварели. Она што граѓаните сакаа да ни го покажат на нас беа портретите насликани од локален уметник на двајца од нивните херои. На ѕидовите беа истакнати пушките што тие млади мажи ги носеле. До пушките, стоеше сандакот во кој еден од нив се криел додека Нацистите го бркале да го убијат. Зад стакло во витрина стоеја поемите што другиот ги напишал за неговата мајка на денот пред да биде убиен.


Македонија – одново посетена (I дел)

Македонија – одново посетена (III дел)

Хенри Ноел Брејлсфорд (1873 – 1958) бил истакнат лево-ориентиран британски новинар и публицист. Својата слава ја стекнал како надворешен дописник на Manchester Guardian од Франција, Балканот и Египет во 90-тите години на XIX-от век. По задушувањето на Илинденското востание, Брејлсфорд кон крајот на 1903 година пристигнал во османлиска Македонија и од сопствените истражувања ја објавил книгата Македонија: нејзините раси и нивната иднина која што изобилува со податоци за политичката и социо-економската ситуација во областа во тој период. Авторот и книгата стекнале голема репутација меѓу тогашните прогресивни политички струења во Европа поради позитивниот став што го имале кон македонското револуционерно движење. Во 1907 година тој се приклучил на Независната лабуристичка партија во Велика Британија, а во 1913-1914 година како експерт станал член на Карнегиевата комисија задолжена за истражување на злосторствата за време на Балканските војни. Во меѓувоениот период Брејлсфорд во неколку наврати го посетил Советскиот Сојуз и објавувал дела за социјализмот. Во 1951 година Хенри Ноел Брејлсфорд повторно ја посетил Македонија за што објавил текст во Manchester Guardian составен од три дела. Во текстот, преку примена на компаративниот метод, се анализира процесот на модернизација што започнал со победата на НОВ и воспоставувањето на социјалистичка Југославија и целата повоена атмосфера во стопанството и културата на НРМ.

Превод: Стефан Илиевски