АктуелноИнтернационалноЛокално

500 години Куманово и 243 години САД: која е поврзаноста?

Практиката на профитерите во колонизираните нации да ја прифатат и шират културата на колонизаторот помеѓу народните маси е стара колку и самиот чин на колонизирање, а првиот чин во антиколонијалистичката борба е секогаш ослободувањето на нацијата од ваквите регресивни субјекти и вредностите кои тие ги пропагираат. Посебно станува перверзно ваквото ширење на колонизаторска култура кога во еден град, симбол на отпорот против фашизмот, како што е Куманово, се отвараат изложби кои историјата на тој град ја заменуваат со историјата на најагресивната земја во светот во изминатите 70 години.

Одбележувањето на 500 години Куманово логично треба да е поврзано со неговото основање, со неговата историска значајност во борбата против фашизмот и борбата за национално ослободување која токму на овие и Прилепските простори започнала. Но, уметникот Борче Тодоровски кој, да е иронијата уште поголема, потекнува од градот Прилеп, не смета така. За овој уметник, кој ги има дизајнирано првите банкноти на независна Република Македонија, соодветниот начин да се прослави 500 години Куманово е со отворање на изложба на графики насловена „Портрети на американските претседатели“, под покровителство на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и Општина Куманово, во чест на 4-ти јули, денот на американската независност, и успешната соработка помеѓу амбасадата на САД и Општина Куманово.

Се наметнува прашањето: за каква успешна соработка, побогу, зборува Тодоровски? Дали можеби мисли за наметнувањето на американската волја и одземањето на сувереното право на народот на Република Македонија да се самоопредели? Дали можеби мисли на „доброволното“ (зборот е во наводници бидејќи никој доброволно не оди да гине за туѓа кауза, за каузата на крупниот капитал, доколку истиот не е економски угнетен и егзистенцијата, иронично, не му зависи од жртвувањето на својот сопствен живот) испраќање на огромен број Кумановци на борбените полиња на Авганистан, да се борат во име на ненаситноста на Западниот империјализам? Или можеби мисли на приватизацијата и систематското уништување на сите јавни добра, под присила на САД, кои Куманово ги уживаше после Втората Светка Војна, па се до распадот на СФРЈ и „осамостојувањето“ на Република Македонија како земја зависна од Западниот капитал и диктат?

Родното место на Тодоровски, Прилеп, и градот каде што тој ја отвора оваа перверзна галерија, Куманово, се првите места на просторите на денешната оваа држава каде што народот се спротивставил на фашистичкиот окупатор. Денес, Тодоровски сервилно одработува за агендата на САД, кои економски комплетно ја има окупирано Републиката, кои суверенитетот го имаат комплетно срозено од народот, кои хараат низ целиот свет, уништувајќи ги ресурсите и производствените сили на угнетените држави, ефективно претворајќи го во земји на Третиот Свет, и уривајќи ги демократски избраните влади кои не им одговараат и пркосат на нивната замисла за комплетна светска доминација. Ваквата потчинетост на овој уметник е дефинитивно причина за Кумановските и Прилепските партизани да се превртуваат во своите гробови.