[Фото] Водно изобличено до непрепознатливост

Иницијативата „Скопје мора да дише” на својот фејсбук профил објави слики од актуелната состојба со трасата на гасоводот низ Водно, од каде се гледа дека активно се гради низ шумата.

Реагираа и иницијативата Го сакам Водно, потсетувајќи дека против ова се бореа цела година и застануваа пред багери. „Ова е страшно, но замислете го десеткратно повеќе. Замислете 25 метри, наместо 10 метри ширина. Замислете ги 25 метри долж најгустата шума на Водно. Тоа ќе се случеше ако никој не се спротивстави. Лагодно ќе си го истераа целиот проект“, велат активистите.

Тие се уверени дека граѓаните да беа побројни во отпорот, сигурно ќе беше спречено и ова сценарио. Освен дежурање во шумата и застанување пред багери, Го сакам Водно досега неколку пати анализираше документи, правилници и закони, при што реагираше на повеќе недоследности и неправилности во изградбата на гасоводната траса 5, за која беа уништени голем број дрвја од заштитената Парк-шума.

Иницијативата, меѓу другото, изминатиот период побара да се донесе „Закон за Водно“ во форма на Lex specialis, а во негова изработка да учествуваат и претставници на граѓанските здруженија. Потоа, јасно дефинирање на границите на Парк-шума Водно и нивно обележување, преиспитување на постапката за Сончев град и патот што води до него, но и да се изнајде решение за ублажување и санација на штетата предизвикана со тој проект.

Исто така, еко-активистите побараа кулата на АЕК да се опслужува само со жичарата и сопствено возило за достава, да се направи увид на деградираните пасишта и земјоделско земјиште во Парк-шумата, да се лоцираат и исчистат сите депонии формирани на Водно, формирање на ново ЈП „Водно“ надвор од рамките на „Паркови и зеленило“, но и ренџерска служба во новото претпријатие.