Левица: Ромите сѐ уште се најмаргинализирана група во државата
Соопштение на политичката партија Левица.
Денес го честитаме Меѓународниот Ден на Ромите на сите припадници на ромската етничка заедница. Но, истовремено ја користиме приликата да укажеме на потребата од политичко организирање на ромската заедница и солидаризирање на останите етникуми со ромскиот етникум во борбата за подобро општество.
Да се биде ром/ка значи државата да те гледа како граѓанин од најнизок ред. Припадниците на ромската заедница живеат со најголем страв за сопствената егзистенција. Несигурноста за тоа што ќе донесе утрешниот ден е поистакната од кој било друг стратум во државата. Интеграцијата на Ромите во заедницата е речиси непостоечка, а во голем број од случаите, Ромите се принудени да просат за да преживеат, па покрај тоа што се економски најзагрозени, и основното човечко достоинство брутално им е нарушено.
Многубројни политичари и бизнисмени од ромската заедница се декларираат дека се борат за унапредување на правата на Ромите, но како и политичарите и бизнисмените од останатите етнички заедници, тие се здружуваат во експлоатацијата и опресијата на работниот народ, без разлика на кој етникум тој му припаѓа. Политичарите од калибарот на Амди Бајрам се непријатели на ромската етничка заедница, како што политичарите од калибарот на Али Ахмети се непријатели на албанската етничка заедница, или како што политичарите од калибарот на Зоран Заев се непријатели на македонската етничка заедница.
Ние бескомпромисно се залагаме за еманципација на Ромите, но тоа не можеме да го сториме сами. Затоа, ве повикуваме да ни се приклучите, за заедно и поефикасно да ја градиме Левица како народна работничка партија, за заедно да ја водиме борбата за подобра иднина, за општество без експлоатација, за држава која ќе нѐ третира сите со почит и достоинство, која што ќе ни ги пружи неопходните услови за живот и која што нема да нѐ дискриминира по етничка линија.
Македонија може да биде држава за сите кои живеат во неа, без разлика на својата родова, етничка или верска припадност. Но, само заедно и солидарно можеме да се избориме за да ја направиме таква.