Охрид СОС: Повторно се пали трска на Охридското крајбрежје
Од иницијативата „Охрид СОС” информираа за повторно палење трска, овој пат во областа Андон Дуков. Изминатиот период беше запалено огромен простор со трска во близина на струшкото село Калишта, за кое сѐ уште не се откриени сторителите. Во продолжение го пренесуваме соопштението во целост.
„Вчера попладне гореше трска и ниска вегетација во близина на „Андон Дуков“. Дали започнува „традиционалното“ палење на овој потег? Оваа активност е законски забранета, но и покрај тоа одредени поединци и понатаму продолжуваат со оваа пракса. Веројатно не се свесни дека со палењето тие ја загадуваат животната средина и ја намалуваат плодноста на почвата. Или толку им е гајле.
Со палењето на стрништата (како што ги класифицира државниот инспектор за животна средина) се уништуваат големи количини органска материја и скоро целокупната количина на азот во почвата. Исто така, палењето го забрзува намалувањето на содржината на хумус во почвата, ги уништува некои од потребните микроорганизми. Сепак, се чини како да е најлесен начин за некого да исчисти одреден простор кој потоа се користи како земјоделско земјиште, или за други цели.
Да потсетиме дека казната за палење стрништа, плевели и други растителни отпадоци се движи од 6 до 8 илјади евра за правни лица и од 1,5 до 3 илјади евра за физички лица. Освен казната, сторителот ќе треба да ја надомести и штетата. Засега, нити некој е казнет, нити има желба за превенција и укажување на негативните последици од овие активности. Се пали, противпожарната служба ќе изгаси, ќе се смират страстите и ќе се заборави, до следниот пат. Инспекторите, ако излезат, само ќе продефилираат и толку.”