Баздникин: Антируската информативна кампања доби невидени размери

  • Извадок од говорот на Амбасадорот на Русија во земjава Сергеј Баздникин на приемот по повод Денот на народното единство (4 ноември 2022 година):

Активностите на организациите на сонародниците ширум светот носеа и продолжуваат да носат мирна, обединувачка агенда. Во ова се совпаѓа со надворешната политика на Русија – секогаш отворена за соработка со другите држави – врз основа на рамноправност и взаемно почитување, земајќи ги предвид меѓусебните интереси. Токму на ваквата основа ќе градиме односи и со Скопје.

За жал, раката на пријателство подадена кон земјите од Запад беше одбиена. Наместо мирен соживот со почитување на основните принципи на меѓународното право, сведоци сме на нов обид да се уништи Русија, да ѝ се наметне „поредок заснован на правила“.

Против нашата Татковина е започната тотална хибридна војна. Нејзината цел е да нѐ принуди да се откажеме од нашите национални интереси, од заштита на вредностите на рускиот свет, од нашите граѓани во Украина и во други држави.

Има огромен притисок врз Русија, врз руските граѓани. Антируската информативна кампања доби невидени размери. <…>

Денес, кога станува збор за иднината на руската држава, моралната должност кон нашите предци и потомци нè обврзува да сториме сѐ што е можно за да го зајакнеме единството, внимателно да ги зачуваме нашите духовни корени, почитувањето на историјата, јазикот и културата, што нашите непријатели залудно се обидуваат да „откажат“.

Во минатото не успеваше, а нема да успее ниту овој пат – Русија ќе преживее и ќе победи. Нашето дело е праведно – со нас се Господ Бог и вистината. А ние добро знаеме дека Бог не е во сила, туку во вистина.