Непознатиот сторител ДУИ

Деновиве Министерството за труд и социјална политика, предводено од Мила Царовска, обелодени финансиски скандал во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во износ од 19 милиони евра. Станува збор за криминално управување со Фондот во период од 2007 до 2018 година, при што не биле уплаќани парични средства во вториот пензиски столб и биле оштетени 12 000 осигуреници. Министерката на самиот прес на кој го „разоткри“ огромниот скандал, решително најави дека ваквиот криминал ќе има развршница, односно дека ќе биде поднесена кривична пријава против непознат сторител и дека украдениот износ ќе биде надоместен од буџетот на РМ. Очигледно за Царовска и за „европската“ влада на СДСМ, борбата со криминалот единствено подразбира милионските суми (украдени од сегашните коалициони партнери на владата) да ги надоместат граѓаните кои секој ден се повеќе осиромашуваат, без никаква политичка и кривична одговорност за ниту еден функционер.

Најверојатно премногу се навикнавме на Монти Пајтон водењето на држава, каде најголемиот криминален партнер на владата на Груевски – ДУИ, моментално е коалиционен партнер и главен предводник на евроинтеграцискиот процес. И во овој скандал со ПИОМ, податоците лесно достапни до јавноста (најверојатно и за министерката?!) покажуваат дека во овој период со Фондот управувале директори на ДУИ, меѓу кои и влијателниот Беким Назири, кој во 2014-та година беше унапреден во министер за економија (најверојатно поради одговорното управување со Фондот).

Сета оваа наводна решителност на СДСМ против криминалот и корупцијата станува уште побанална, ако се има предвид фактот дека за овие финансиски малверзации медиумите известуваа уште во 2015-та година, со тоа што тогаш предвидената штета изнесуваше 13 милиони евра. Односно, цели две години од доаѓањето на власт и со сите бомби кои привилегирано ги поседуваат, СДСМ не биле способни (читај: не сакале) да го откријат скандалот – кој во меѓувреме пораснал за 7 милиони евра – и станува се појасно дека не се ни способни (читај: не сакаат) да покренат кривична постапка против одговорните лица од коалициониот партнер ДУИ.

Ноторен факт е дека СДСМ целиот свој политички капитал го стекна со селективното објавување на бомбите (при што скромно беа обелоденати криминалите на ДУИ) и со ветувањата дека вистината единствено им припаѓа на граѓаните. Очигледно, вистината за граѓаните има многу горчлив вкус, кои мора да се помират со привилегираниот третман кој го ужива вечниот коалиционен партнер, иако истиот доби очајна поддршка на изминатите парламентарни избори. Но, и покрај катастрофалниот рејтинг кој го ужива ДУИ кај албанските граѓани, оваа Влада (која демонстрираше извонредна неспособност во многу клучни сегменти) единствено беше способна да го рехабилитира казнетиот ДУИ,  длабоко заглавен во организиран криминал и корупција.

Актуелниот премиер Зоран Заев во предизборната кампања не штедеше критики и кон тогашниот коалицонен партнер на ДПМНЕ, обвинувајќи ги ДУИ дека „примарната цел поради која останувале во владата била моќ, власт и пари” и дека „јасна е нивната одговорност за ужасната состојба во Македонија, затоа што ништо од тоа што го направил Груевски, од криминал и корупција, до удар врз човековите слободи и права, не би можел да го стори без знаење и поддршка од неговиот коалициски партнер ДУИ”. Но, веднаш после парламентарните избори кои имаа катастрофален исход за ДУИ, токму нивните највисоките челници беа поставени да ја креираат визијата на „новата европска и демократска власт”, очигледно длабоко заглавена во криминалите на стариот режим. За главен носител на евроинтеграциските простори, Заев одлучи довербата да ја додели токму на Бујар Османи, против кој претходно актуелниот премиер од опозиција поднесуваше кривични пријави за криминали направени додека Османи беше министер за здравство.

Од премолчената амнестија на целокупното раководство на ДУИ, циркусот наречен бегство на Груевски, ужасните резултати на СЈО со четири осомничени избегани и ниту еден ефективно процесуиран случај, до амнестиите во Парламент, се поставува прашањето – дали новата Македонија со присилниот предзнак Северна, може да зачекори кон европска иднина на просперитет и демократија, кога главните предводници на таа посакувана европска Македонија се остатоците на режимот на Груевски, олицетворени во ДУИ, Амди Бајрам и Лиле ДОМ? И зошто истата меѓународна заедница која беше најголем критичар на недемократскиот и криминален режим на Груевски, сега ги поздравува евроинтеграциските процеси предводени од остатоците на истиот тој режим?! Дали на истата меѓународна заедница, која го легитимизира еден катастрофално неуспешен референдум и која молчеше пред фрагрантото кршење на правото и амнестирањето на тешки државни криминали, потребна и е една клика на корумпирани функционери и криминалци, за да може да ги реализира своите геостратешки интереси? Дали, после горчливата вистина дека нема да „си лежат“ и дека нема да ги „вратат парите“, граѓаните ќе мора да проголтаат уште една горчлива вистина, дека прифаќањето на историска неправда заради посакуваниот европски просперитет гарантиран од меѓународната беше залудна жртва, кога истата меѓународна заедница ги штити криминалните остатоци на Груевски?