Некогашниот турски амам во Струга заборавен од институциите се распаѓа

Некогаш најпосетуван објект, симбол на градот, а денеска оставен на „забот“ на времето, изгубен во институционалниот лавиринт – турскиот амам „Мустафа Челеби“ во Струга сè уште ја води битката за негова ревитализација и приказ пред јавноста.

Некогашниот амам што во превод од турски значи бања, каде мажите и жените од сите националности оделе да уживаат во своето слободно време, поради заплеткани имотно-правни односи е оставен на „забот“ на времето и чека институциите да најдат начин за негова реставрација.

Овој објект, којшто е под закрила на Завод и музеј – Охрид, е предаден на владение на Исламската верска заедница во Струга, од каде информираат дека неодамна го откупиле дворното место, кое некогаш било ваковско, но државата го подарила на приватно лице, кое потоа го продало на трет сопственик. Струшкото муфтиство почнува да ја отплеткува пајажината во која е заробен овој монументален објект.

– Имотно-правните односи сега се во постапка на решавање, односно префрлање на сопственоста на Исламската верска заедница. Дворот, кој беше куќа што ја користел човекот што го одржувал амамот, а тој ја продал на трето лице, е исчистен и во соработка со Завод и музеј – Охрид и донатори ќе се направи проект за реставрација на амамот, појаснува за МИА Јакуп Ќазимоски од Струшкото муфтиство при ИВЗ.

Тој се надева дека во скоро време ќе се најдат средства и турскиот амам во Струга ќе биде повторно во служба на сите граѓани, но и туристичка атракција во градот.

– Нашата желба и цел е амамот да се реставрива и да биде во функција на сите граѓани. Сакаме да биде отворен за јавноста, а доколку дозволат условите би го направиле да му служи повторно на населението како амам, вели Ќазимоски.

Пред неколку години, турската Агенција за соработка и координација –ТИКА сакала да интервенира, но поради нерасчистените имотно-правни односи немале пристап до објектот.

Објектот е во многу лоша состојба

Во срцето на Струга, на само неколку метри од чаршијата, амамот во многу лоша состојба ја покажува лошата слика на градот, но и на државата за негрижата на културното наследство. Иако одамна е прогласен за споменик на културата, тој е непознат за стружани и за посетителите, а до скоро беше и невидлив, скриен меѓу објекти.

Охридскиот Завод и музеј, под чија закрила е објектот од 2005 година, е свесен за неговата лоша и руинирана состојба.

Активен до пред половина век, стар околу пет века

Во однос на староста на градбата, МИА не успеа да добие точни податоци од Управата за заштита на културното наследство каде се наоѓа целокупната документација. 

Податоците со кои располагаат во Струшкото муфтиство се дека амамот бил изграден заедно со џамијата, која се наоѓа во негова непосредна близина, а таа е стара околу 500 години. 

– Според традицијата, граѓаните оделе барем еднаш неделно во амамот за бањање, бидејќи во исламот човекот мора да се бања најмалку еднаш неделно. Има постари стружани кои кажуваат дека како деца оделе да се бањаат во амамот, па потоа оделе во џамија. Според тоа, се претпоставува дека амамот бил функционален до пред 60-70 години, раскажува Ќазимоски.

До скоро објектот немал никаков пристап поради узурпација на просторот од сите страни. Сега со откупот на дворот, односно куќата која е срушена, се отвора пат кон влезот, иако имало влез и од спротивната страна, сега нема пристап поради изградени куќи.

Трошниот објект, којшто ги привлекува погледите на минувачите се состоел од три-четири големи простории, кои служеле за капење, како и други придружни соби за потребите на корисниците, кои немо сведочат за она што некогаш постоело тука. Стручната реконструкција ќе даде точен приказ што сè содржел амамот и како точно изгледал одвнатре.