АктуелноИнтернационално

„Слободниот“ пазар го возвраќа ударот…на слободниот пазар

Зошто Канада, на барање на САД, ја уапси генералната директорка на Хуавеи?

Пред скоро 70 години, со крајот на граѓанската војна, Народна Република Кина го почна своето постоење со огромен предизвик. Кинеската економија беше воглавно аграрна и многу слабо индустријализирана. Покрај тоа, немањето на кадри, искуство, институции и економска соработка со поголемиот број на држави дополнително го отежнуваше проблемот. Иако на почеток економијата беше во бум, достигнувајќи дури 21% раст на БДП годишно, по заладнувањето на односите со СССР, секнувањето на економската помош, како и серија неуспешни политичко-економски „авантури“ (Големиот Исчекор Напред, Културната Револуција,…), кинеската економија колабира, со дури негативен раст (пад) на БДП од 27% годишно, политичка нестабилност и, најважно, глад кој ги одзеде животите на милиони луѓе.

Кинеската Комунистичка Партија решава да реагира на контраинтуитивен но, во ретроспектива, успешен начин. Согледувајќи дека пребрзо пробале да ја прескокнат фазата на капиталистички индустриски развој и дека економијата можат да ја развијат брзо само прегу трговија со светот. Затоа, во 1978 година, ја воведуваат политиката на „Реформа и Отварање“. Тие решаваат да направат серија отстапки, како дозволување на долгогодишно изнајмување на земјиште, приватна сопственост на производнии услужни капацитети, успорени повишувања на плати и строго контролирани синдикати итн, и сето тоа поради повисока цел. За возврат, Кина добива пристап до (практично) сите светски пазари, наплив на странски капитал и членство во релевантни меѓународни организации, како Светската Трговска Организација (СТО) и ООН (од каде го истиснуваат Тајван). Секако кинеската економија, и покрај „оптимистичните“ предвидувања на западните експерти, иако пазарна не е слободно пазарна економија – туку социјалистичка пазарна економија. ККП има цврста контрола врз сите релевантни домашни приватни претпријатија, контрола која ја користи да ја уредува хируршки и долгорочно стазата по која се движи домашната економија.

Резултатот е евидентен. Кина има конзистентен економски раст од 1978 година па навака (измеѓу 3,9% и 15,2% БДП годишно, просечно 9,83%), раст со кој стана втора светска економија во номинален БДП и прва во реален БДП (според куповна моќ), предводник во борбата за загадување (пошумување, намалување на емисии, префрлање кон обновливи енергетски извори), па дури и доминантен фактор во СТО. Земјите кои се залагаат за слободен пазар беа поразени во нивната игра, на домашен терен, и тоа ги боли – па го возвраќаат ударот.

Официјалниот повод за апсењето е кршење на санкциите спрема Иран, санкции кои и самите се косат со концептот за слободна трговија. Да беше американскиот државен апарат сериозно загрижен за спроведување на правда врз директори, ќе ги испоуапсеше и осудеше сите оние кои со своето нелегално и неодговорно однесување ја предизвикаа последната светска економска криза. Реалната причина е задавање удар на економскиот гигант Хуавеи, кој е под кинеска државна контрола, а преку тоа и на самата кинеска економија и политичко влијание.

Додека очите на светот се свртени кон Париз или Сирија, битка се одвива, позади затворени врати, во Берлин. Според извори од американскиот весник „Политико“, лобисти на Хуавеи, од едната страна, и технолошки „експерти“ на САД, од другата, се трудат да влијаат врз германските политичари за учеството на Хуавеи во воспоставување на новата 5G интернет инфраструктура. Кинеските компании, поради супериорниот начив на економско функционирање, ја заменија улогата на технолошки „ученици“ со онаа на „учители“. Имено, Кина е понапред во развој на 5G технологија, и ова им е познато на сите релевантни политичко-економски чинители. Затоа имаат адут да притискаат токму тие да бидат избрани за поставување на новата инфраструкура.

Од друга страна, и според американските и според кинеските аналитичари, успехот или неуспехот во Берлин ќе се пренесе врз цела Европа. Како главен економски играч на континентот, одлуката на Берлин, најверојатно, ќе биде урнек за останатите европски држави. Сега засега не е донесена никаква одлука од страна на германските државници. Фактот што Трамп е непопуларен во Берлин, несогласувањата по прашањето за Иран како и фактот што американските обвинувања за „сигурносни ризици“ се комплетно без докази и евидентно лицемерни (САД беше фатен како ја прислушкува Меркел) оставаат простор за оптимизам.