Ароганција на шаренилото во власта

Интересно е како „шарените“ во самоперцепијата, токму сега пост-режимски, се прикажуваат како жртви, но сепак, изразувајќи разочараност од Владата (помалку емфатично), уствари зборуваат за своите заслуги. Од некаде овие миленичиња на власта, чувствуваат потреба за одговор на прашањето „каде побогу се шарените“? Иако непрашани, тие сепак се одзваа. Но, нивното обраќање беше проследено со еден милозвучен тон и со манирите на владејачкиот политички бонтон, монотоно, во еден глас ни болдираат: “Не! Не нѐ повикувајте повеќе! Толку од нас, еден режим соборивме, за другиов мислете му ја вие, ние веќе отпор не сме“.  

Ваквите реакции се толку мотивациски проѕирни, та се на работ на непристојна разголеност, со која и дел од нивните (шарени со изразена нијанса на сина) соборци се користат, обидувајќи се да извршат еутаназија на политичкиот логос, укинувајки ја секоја дихотомија помеѓу власта и плебсот, со што отфрлаат релевантност за било каква опозиција. Имено, овие партиски независни владини експерти, подражавајќи макотрпност во признанието, со есхатолошки призвук за консеквенции по историјата, извикуваат: „Не се криви сепак тие од Власта, туку ние (народот) си сме самите криви!“  Што доволно не сме ѝ удоволиле можеби?!

Но навистина, ништо така грубо не го поматува умот како ароганцијата. Оваа група уште од самиот почеток поради заемните афинитети  а не заедничките, бидејки такви афинитети можат да делат два или повеќе субјекти кои се взаемно рамнодушни, или дури и се мразатсо баграта опозициска, конституенти на сегашната Власт, и привлечени еден од друг, во процесот инсталацијата метастазира по сите нејзини (владини) пори, и како политички канцер се обидува да го угуши сиот револт надвор од самата нејзе. Некои, и покрај бројните укажувања, никогаш не увидоа дека имаат клучна заедничка ограничувачка црта/карактеристика со моменталната Власт – редуцираноста на нивната визија врз манифестациите на политичките проблеми, а не врз заедничкиот именител како носител на тие манифестации. Токму оваа политичка ситуација, каде се укинати сите антагонизми со власта – дури и на мета политичко ниво, погледната низ призмата на пост фестум замената на власта – преставува еден монументален граѓански еп за ароганцијата.

Секој понатамошен критички осврт или коментар кон ваквите и слични епопеи на Шарените може само да даде доза сериозност на нивниот сериал политички бурлески. Кристално јасно е веќе дека политичкиот простор кој беше скициран од страна на анти-владиното движење од време на „режимот“, потоа експлозивно беше капарисан токму од шарените. Понатаму овој простор беше разграбан, расцепкан на ситни интересни парцели [парцели на интерес] врз кои на ситен начин, се владее од ситни души за ситни или најчесто никакви цели, а уште помалку идеали.