Здрава Котлина: Ќе нè остави рудникот без вода?

Соопштение на иницијативата „Здрава Котлина.”\

ЌЕ НЀ ОСТАВИ ЛИ РУДНИКОТ БЕЗ ВОДА?
…И МОЖЕН ЛИ Е РУДНИК, ВООПШТО?

Според Оценката за влијание врз животната средина (ОВЖС), изготвена од концесионерот Еуромакс Рисорсис, огромните количини вода потребни за работ на рудникот Иловица-Штука ќе се снабдувале од акумулацијата „Турија“, преку цевковод до помалата акумулација над Иловица, а оттаму до рудникот.

Иако сама по себе оваа операција делува проблематично, да кажеме дека во ОВЖС стои дека дневните потреби на рудникот изнесуваат 1.700.000 м3 вода, или годишно 630.720.000 м3. Вкупната водозапремнина на „Турија“ изнесува околу 50.000.000 м3. За информација, браната на хидројаловиштето на рудникот ќе има четири пати поголема запремнина (полна со отров). Акумулацијата „Турија“ е изградена да се користи како вода за пиење и за наводнување на земјоделските површини во струмичко. Не е предвидена за потреби на каков било рудник, бидејќи тоа стратегиски би ги загрозилоа граѓаните.

Покрај ова, Еуромакс тврди дека за да се справи со огромните количини прашина од рудникот, ќе се прскале додатни големи количини вода (која ја нема) на дневна основа, што е уште една лага, бидејќи е невозможно да се спречат огромните наноси прашината, но да го вкалкулираме и тоа. Што значат овие податоци? Постојат две главни можности:
1) Ако проработи, рудникот недвосмислено ќе предизвика долгорочна криза со водоснабдување во целиот струмички регион. Не само што ќе биде загрозено наводнувањето на земјоделието, туку и водоснабдувањето на домаќинствата. И онака веќе се појавуваат проблеми заради зголемени сушни периоди.
2) Целиот проект е целосно нереален, едно класично Потемкиново село и блеф, не само затоа што е планиран среде доминантно земјоделски регион, туку е и опасна манипулација, чија единствена цел е компанијата да се дограби до дозвола за работа на рудникот, а потоа да ја продаде и така да се спаси од банкрот. Едноставно, невозможно е да се обезбеди толку многу вода за рудникот, без сите ние да бидеме фатално оштетени.

Сето ова оди во прилог на нашите тврдења: Имено, во еден неодамнешен тв-настап, самата претставничка на компанијата и се испушти да признае дека Еуромакс не е рударска компанија, туку „компанија за истражување и развој на рударството“. (Добар ден, фала за информацијата, тоа ќе ве чини банкрот). Тие немаат ниту еден рудник низ светот. Тогаш, што се овие приказни дека ќе граделе модерен, еколошки рудник, па ќе развивале земјоделие, па ќе донеле социо-економски развој и слични папазјании? Што ќе градат, што ли ќе развиваат кога не се рударска компанија? Што е сето ова?

Едноставно, се работи за голема измама.

Во таа измама се вложени нашите судбини како залог на една меѓународна банда која беше набркана од Грција, а потоа и од Бугарија. На ред е да „летаат“ и од Македонија. Главна цел моментално им е да ја измамат Владата на РМ. Измама е и нашироко прокламираното тврдење дека немало да се употребува цијанид и сулфурна киселина. Тоа тврдење со ништо не е покриено, а и нелогично е компанија која ќе ја продаде концесијата да тврди дали ќе се користи цијанид или не. Единствена цел моментално им е да ја „одоброволат“ владата да им издаде дозвола за експлоатација. И тука престануваат сите одговорности на Еуромакс. Потоа веднаш да ја продадат концесијата, бидејќи банкротот им виси над глава. Еуромакс Рисорсис добро знаат дека овде рудник не може да има и нема да има, но нив тоа не ги занима, бидејќи едноставно ќе си заминат со парите, а зад себе ќе остават дестабилизиран регион.