АктуелноЛокално

Левица: Приватизациите ги поскапуваат услугите и ги јакнат олигарсите

Економскиот сектор при политичката партија Левица силно ги осудува најавените приватизации во општеството. Во целост го пренесуваме нивното соопштение.


Новиот бран на распродажба на јавните добра кој го сведочиме периодов се одвива стихијно и без јавна дебата, а неговиот резултат е повеќе од јасен: зголемување на цената на услугите, намалување на платите и условите на вработените и јакнење на олигарсите кои ќе ја стекнат сопственоста врз овие претпријатија.

Од предлозите да се реши проблемот на железниците и поштата со нивна либерализација, па се до најавената либерализација на енергетскиот пазар и распродажбата на брзата помош и детската кардиохирургија, очигледно е дека 27 годишната традиција на распродажба на јавните и државните добра не е завршена. Притоа, власта манипулира со јавноста, стихијно спроведувајќи ги овие приватизации, избегнувајќи медиумска покриеност и јавна дебата.

Во оние ретки моменти кога власта сепак мора да се произнесе, таа користи две стратегии за да не создаде револт кај масите: го избегнува терминот приватизација и кокетира со јавната перцепција дека државните претпријатија се неефикасни.

Од една страна, терминот „приватизација“ со право стекна негативна конотација во периодот после осамостојувањето на Републиката. Власта вешто го замени овој термин со други, помалку оцрнети називи, што кулминираше со именувањето на приватизацијата на детската кардиохирургија како „преселба“.

Од друга страна, јасно е дека државните претпријатија се неефикасни и корумпирани, но притоа мора да се земе предвид дека причината за ваквиот феномен е тенденциозното уништување на овие претпријатија, се со цел нивна полесна распродажба на олигарсите во државата. Дополнително, годинава бевме и сведоци на скандалот што го обелодени „Трансперенси интернешнл”, во кој политичката партија ДУИ се финансирала преку државни институции. И на крај, неефикасноста на овие претпријатија е и една од последиците токму на неспособноста на Владата која има мандат и должност да менаџира со истите!

Во оваа насока, приватизациjата како решение на властите не е ништо освен избегнување на одговорноста и зацврстување на врските со бизнис елитата. Услугите не стануваат поквалитетни кога ќе се префрлат во рацете на капиталот, туку стануваат поскапи. Такви примери имаме и во Македонија (приватните болници и училишта се поскапи) и низ Европа (после либерализацијата на енергетскиот пазар, во повеќето земји во Европа електричната енергија поскапела, некаде дури и дупло). Напротив, решението е во квалитативното подобрување на државните претпријатија.

Потребно е да прекине да се троши државниот буџет по диктат на Западот (за интеграции во НАТО и милитаризација) и да се инвестира во државниот сектор. Потоа, потребна е поголема демократизација на овие претпријатија преку поголемо учество на вработените во носењето на одлуките, како единствен ефикасен начин на борба против нивната корумпираност. Менаџерите и директорите треба да бидат избирани од самите вработени, по пат на гласање, и нив да им се доделува ограничен мандат, а трошоците на претпријатијата мораат да бидат транспарентни и достапни за јавноста.

Распродажбата на јавните и државните добра не е ништо друго освен распродажба и на онаа мала количина слобода што нам ни преостана, и која што сега ја препуштаме во рацете на капиталот. А капиталот не се грижи за квалитетот на услугите, ниту за нас, туку единствена цел му е да го зголеми својот профит. Затоа, мораме да ставиме крај на приватизацијата.

Сектор Економија
07.XII.2018