АктуелноИнтернационално

Милијардерите се збогатиле 20% во 2017

Во недостаток на програми за распределба на богатството кои ќе го адресираат прашањето на сопственоста, класната нееднаквост во светот забрзано расте. Во 2017, според извештаите на УБС, милијардерите во светот го зголемиле своето богатство за 20%, бележејќи ја својата најпрофитабилна година во историјата. За тоа колку е голем порастот на нивното богатство сведочи фактот што тој пораст од 1.4 трилиони долари е боголем од БДП-то на Шпанија или Австралија, а зголемувањето на класната раслоеност станува евидентно ако се забележи дека најбогатитот 1% од населението, кој што во 2008 година поседуваше 42.5% од богатството, денес поседува 50%, додека 3.5 милијарди луѓе (50% од населението, 70% од работното население) поседуваат само 2.7%, според извештај на Кредит Свис од 2017 година.

2017 бележи и пораст на бројот на милијардери за 179, од кои 40 го наследиле своето богатство, со што вкупниот број на билионери сега изнесува 2158. Процентот на нови билионери кои го наследиле богатството продолжува да расте од година во година, со тоа природно наметнувајќи го прашањето за тоа дали капитализмот има тенденција да создава економски династии.

Во една ваква поставеност на нештата, комплетно крахира концептот на trickle-down економија, кој што претпоставува дека богатството на богатите слоеви природно, по нивна волја ќе се прелее кон пониските. Напротив, скандалот со документите од Панама (2015 година) и Парадајс (2017 година) откри дека голем дел од капиталистичката класа го трупа своето богатство на оф-шор сметки, искористувајќи ги дупките во даночните закони, наместо да отвара нови работни места или да ги зголемува платите на своите вработени, како што претпоставуваше овој концепт.