Националното прашање и левицата

„Работниците кои се класно освестени не се залагаат за отцепување. Тие ги знаат предностите на големите држави и обединувањето на голема маса работници. Но, големите држави можат да бидат демократски единствено ако постои целосна еднаквост помеѓу нациите: еднаквост која подразбира право на отцепување.” – Ленин

Една од поголемите грешки која што може да и се препише на современата левица е обидот да го прикаже третманот на националното прашање како инхерентно шовинистичко, спротивно на социјализмот и интернационализмот. Да се третира националното прашање воопшто не е во конфликт со интернационализмот. Напротив, игнорирањето на ова прашање и третманот на нациите единствено како буржоаски концепт отвараат процеп во левичарската теорија, на ист начин на кој што тоа го прават и игнорирањето на родовото или сексуалното прашање, притоа поткопувајќи го интернационализмот, кој подразбира меѓусебна помош, поддршка и соработка помеѓу нациите.  Интернационализмот одделен од националното прашање претставува празен термин.

Голем дел од левицата западна во тенденцијата да ја прикажува нацијата како креација на буржоазијата. Но, реалноста е поинаква. Нациите беа креирани од народните маси во борбата против аристократијата. Во овој историски контекст, интересите на буржоазијата се совпаднаа со интересите на народните маси, но после преземањето на државната моќ и средствата на производство од страна на буржоазијата, концептите на нации и национализам беа искривени и злоупотребени од страна на новите опресори, со цел да ги скријат своите класни интереси.

Дали САД или било која друга империјалистичка власт ја користат нацијата во корист на народните маси? Не, бидејќи тие го попречуваат и се мешаат во развојот на другите нации. Тие го градат просперитетот на својата нација на сметка на државите и народите кои се жртви на нивниот империјализам. Ваквиот национал-шовинизам, национализам на опресорите, е спротивен на интернационализмот, додека стремежот на потиснатите народи за национално ослободување и просперитет кој не е на сметка на другите нации е прогресивен.

Затоа левицата која тврди и пропагира дека по секоја цена мора да се спротиставиме на национализмот, па и на оној лев, прогресивен национално-ослободителен стремеж на угнетените народи, свесно или несвесно ја одработува агендата на империјалистите. Затоа што токму империјалистите во моментов претставуваат пречка за самостоен развој на нациите. Империјалистичките држави предводени од САД макотрпно и лукаво ја реализираат својата цел за доминација и моќ во името на “процесите на глобализација и интеграција”. Империјалистичката пропаганда агресивно агитира дека идеалите на градење суверена држава и љубовта кон татковината претставуваат предрасуди заостанати во времето, со што се минира потенцијалниот отпор и соединувањето на народните маси во малите држави кои претставуваат извор за експлоатација на ресурси и труд во корист на овие империјалистички сили.

Лицемерно маневрирајќи со „градењето на демократски и слободен свет“, всушност американскиот империјализам ги насочува глобалните процеси согласно интересите на своите економски и политички елити и ги доведуваат сите нации и држави под нивна доминација и подреденост. Но, човековата историја изградена од масовните движења на народните маси, кои се стремат за независност од опресорот, е доказ дека империјалистичките процеси на ширење моќ и доминација во името на „глобализацијата” и “интеграцијата” се преодредени на неуспех.