АктуелноЛокално

Студенти протестираа во дворот на „Стив“: топла вода немало две недели

Група студенти сместени во студентскиот дом „Стив Наумов“ одржаа мирен протест во дворот на домот бидејќи две недели немале топла вода ниту греење. Порачаа дека проблемот се решава две недели, но резултати нема.

– Ни студи и не можеме да се избањаме. Цевките од парното две недели стојат во дворот, раскопано е, но никој не работи. Не можеме веќе вака- изјавија тие.

После најавата на студентите дека ќе протестираат бидејќи две недели немале топла вода, ниту греење, со соопштение се огласи Државнот студентски центар. Оттаму велат дека екипи го решаваат проблемот.

– Проблемот е настанат како резултат на задоцнетата интервенција и поправка пред почетокот на грејната сезона на снабдувачот на топлинска енергија, фирмата „БЕГ“. По реакцијата, компанијата вети дека итно ќе ги отстрани проблемите во најбрз рок. Од компанијата информираа дека веќе работат и уверуваат дека до најдоцна четврток ќе се реши проблемот. Дотогаш, ги информираме студентите дека може слободно да користат дополнителни грејни тела на струја – пишува во соопштението.

Студентите на протест во дворот на „Стив“

Студентите, протестот го најавија на фејсбук групата на овој студентски дом. Напишаа дека  во првата зграда нема топла вода, а целиот дом е без греење.

Директорот на студентскиот центар, Дарио Николовски изјави дека не е во можност да присуствува на протестот за да се види со студентите.
– Поканив група на студенти на состанок во среда за да поразговарам за ситуацијата и сите останати моменти битни за периодов и периодот што доаѓа – вели Николовски.

Студентите велат дека секој ден ќе протестираат пред зградата, додека не добијат топла вода и греење.

Преземено од Факултети.мк