Паренти: Разликата помеѓу марксистичката и либералната анализа на капитализмот
Либералите во однос на огромниот воен буџет би рекле дека тоа е расипничко и глупаво трошење на пари за воени оружја кои веќе ги поседуваме. Дека милијарди долари се трошат за оружје кое непотребно се дуплира. Додека пак појдовната точка на марксистите е дека тоа не е расипничко и глупаво трошење на пари. Односно, тоа е глупаво и расипничко трошење на пари само од хумана гледна точка, од гледна точка на даночните обврзници, од гледна точка на реалните потреби на човековата заедница. Но, кој воопшто мисли дека капитализмот има врска со потребите на човековата заедница? Ако го мислите тоа, само слушнете што зборува Џорџ Буш за потребите на човековата заедница. Ова не е расипничко однесување, ова претставува одлично однесување, ако сте бизнис за воена опрема, и тогаш за вас е одлично да имате еден договор со воздухопловните сили, и еден договор со марината и постојано да продавате оружје, и сето тоа е потполно рационално од оваа гледна точка.
Марксизмот е теорија за капитализмот која тврди дека капитализмот има одредена динамика, односно дека капитализмот има тенденција да акумулира капитал во име на акумулирањето капитал. Капитализмот не е систем за креирање работни места, или за градење заедници или за креирање подобар животен стандард. Капитализмот ќе создаде работни места и ќе уништи работни места само ако има профит од тоа. Капитализмот ќе создаде најразлични заедници и раскошни куќи, само доколку има кој да плати за тие раскошни куќи или ќе уништи заедници, додека има профит од тоа. Ќе создаде работни места или ќе уништи работни места преку процес на автоматизација или извоз на работни места на пазари со евтин труд, како на пример во Хонк Конг или во Јужна Кореја.
Капитализмот е динамичен процес кој има многу малку заедничко со човековите потреби и претставува динамичен процес кој се однесува само на максимизирањето на профитот. Негов главен, централен императив, главното движење и развој на капитализмот е насочено кон максимизирањето на профитот, кон пенетрација на капиталот со цел акумулирање на повеќе капитал. И капитализмот ќе ја искористи животната средина како септичка јама, не заради тоа што луѓето се гадни, не заради тоа што луѓето се глупави или нешто друго, туку поради тоа што ова е рационално. Рационално е да се направи сето ова и токму ова претставува марксистичката анализа на капитализмот.
И ова е всушност разликата помеѓу либералното жалење и радикална анализа. Затоа што либералот ќе го помине целиот свој живот жалејќи се за овие работи колку се погрешни, кажувајќи колку ние луѓето сме глупави, колку сме нерационални што ја третираме на овој начин природата и колку сме несовесни. И перцепцијата е дека личноста која го кажува ова е морално подобра од останатите збунети и глупави луѓе наоколу.
И марксистичката анализа тврди „НЕ, ова не е вистина!”. Причината зошто големите корпорации ја уништуваат природата и уништуваат реки кои мајката природа ги создавала со милиони години, реки кои биле користени за рекреација, за риболов и за пиење вода и фабриките не го фрлаат својот индустриски отпад во реките затоа што се наивни или глупави, или затоа што се збунети и неинформирани, туку затоа што тие се рационални. Затоа што тие не се грижат за реките, или за природата, или за тоа каде децата ќе играат или за идните генерации или за општеството, иако нивната ПР пропаганда ќе ве убедува во спротивното. Како што го прават тоа сега со Денот на планетата Земја кога најголемите корпорации – уништувачи на природата истовремено се презентираат како општествено одговорни бизниси загрижени за животната средина.
Тие немаат никаква врска со планетата земја или со природата или со животната средина и ова е маркистичка анализа! И марксистите тврдат дека е прилично рационално да го фрлиш или испуштиш индустрискиот отпад во реките затоа што тоа ги максимизира профитите и суштината на постоењето на овој систем е токму во максимизирањето на профитите и акумулирањето на капиталот. И секоја друга човекова вредност е секундарна и всушност најверојатно е антагонистичкка на овие капиталистички вредности. Но, ова не е важно затоа што овие вредности мора да бидат уништени. Некогаш дел од човековите вредности можат да бидат исполнети, нормално ако се вклопуваат во параметрите на профитот., Ако не, тогаш мора да бидат избришани.
И сега на тебе е да одлучиш дали ќе го поминеш остатокот од твојот живот како наивен либерал, жалејќи се за ирационалностите и глупававоста на сите овие процеси. Всушност, ова е единственото што го слушаме во медиумите, без суштинска критика за постоечките политики. Или конечно ќе укажиш на големината на класната моќ и класните интереси кои стојат позади овие работи, кои континуирано ги прават овие работи. Дали навистина мислиш дека само поради тоа што ти не знаеш тие што прават, тие навистина не знаат што прават?!