Мелоски дијалог

* сите сличности со веќе постоечкиот меѓународен поредок и неговата суштина, како и меѓународните односи и дијалози, се намерни.

Мелоскиот дијалог е најпознатиот дел од единственото писание на ,,учителот на политиката” Тукидид, ,,Историјата на Пелопонеската војна”. И не претставува само ,,уште еден писмен приказ на античкото време”, туку претставува иницијален момент на поимањето на меѓународната политика и односи, како поле во кое посилниот секогаш победува, без разлика што и како се наоѓа на спротивната страна.

Или Мелоскиот дијалог е моментот на израѓањето на империјалистичкиот светоглед. Оној одамнина, оној сега и за жал, веројатно и оној утре.

Во разговорот помеѓу Атињањите и Мелосите, воден на островото Мелос (југоисточно од Пелопонез) доминираат и се истакнуваат клучните категории на политичката мисла: слободата, интересите, честа, правдата и моќта. Мелосите не сакале да ја загубат слободата без отпор, иако биле далеку послаби во однос на Атињањите. Од самиот почеток на преговорите, тие инсистирале на зачувување на нивната слобода и тоа по секоја цена:

,,Нашата одлука, Атињањи, е непроменета уште од самиот почеток од разговорите и ние не сме подготвени во еден краток миг да се откажеме од слободата што ја ужива нашиот град веќе 700 години од своето постоење. Веруваме во среќата што ќе ни ја пратат Боговите, која и досега нè штитеше и во помош од луѓе, поточно од Спартанците, така што ќе се обидеме да се спасиме себеси. Ви предлагаме мир и пријателство, но за време на војната сакаме да бидеме неутрални и ве молиме да ја напуштите нашата земја, по заклучувањето на прифатлив договор за двете страни”.

Атињањите верувале во својата моќ, потценувајќи ги нивните надежи преточени во помош од Спартанците и навестувајќи ги нивните интенции: ,,Наместо тоа, ви предлагаме да се обидете да го добиете она што е можно да го добиете, имајќи го предвид она што навистина го мислиме. Зошто вие добро знаете, како и ние, дека кога практични луѓе расправаат за вакви прашања, стандардот на правдата зависи од еднаквоста на моќта да се присили некој нешто да направи и дека всушност, силните го прават она што имаат моќ да го направат, а слабите го прифаќаат она што мора да го прифатат”.

Мелосите, во очите на Атињањите изгледале мали, простодушни и политички нерационални. Наместо да се потпрат врз моќта на силата и да претпостават со каков противник се соочено и какви последици нивниот конфликт може да предивизика, Мелосите искрено, толкувајќи ја политиката во нејзината вистинска смисла, се потпреле врз честа и правдата.

Атињањите ги советувале да попуштат кога разговараат со посилни од нив: ,,А кога ви е дозволено да избирате помеѓу војна и безбедност – не бидете толку бесчувствително арогантни, правејќи погрешен избор. Ова е безбедно правило – да им се спротиставиш на оние што ти се рамни, да попуштиш пред оние што се супериорни и да се однесуваш со умереност кон оние што ти се инфериорни. Тогаш размислете уште еднаш кога ќе се повлечеме од овој состанок и ова нека биде нешто што постојано ќе ви се навраќа во мислите – дека вие решавате за судбината на татковината, дека имате само една земја и дека нејзината иднина, за добро или зло, зависи од оваа единствена одкука што вие сега ќе ја донесете”.

Во дијалогот со Мелосите, Атињањите се држеле цврсто до премисата, која и тогаш, но и од денешна дистанца, звучи бесмислено и политички неисправно – ,,вие би дејствувале на ист начин како и ние, ако би ја имале нашата моќ”. Цивилизациски пред се, неодговорна премиса, денес, водилка во меѓународната дипломатија. И теориски, да бидеме фер, во одредена мера, но во реалноста, со сиот обем.

Мелосите не се согласувале со ставовите на Атињањите. Тие биле убедени дека со право ја бранат слободата и дека Атињањите ќе бидат казнети на крајот од војната, ако не постапат кон нив справедливо и чесно. По неуспешните разговори, Атињањите ги напаѓаат Мелосите, усмртувајќи ги сите нивни мажи способни за војна. Жените и децата, пак, ги продале како робје, а на нивнити место населиле нови колонисти, како замена за убиеното и депортирано население.

Веднаш по капитулацијата на Мелос, Атина како империјалистичка сила број еден ја напаѓа и Сицилија, со цврста убеденост и волја за потчинување и Сиракуза. Нападот воедно означувал и крај на атинската империја. Во 4004, Атина е поразена од Спарта и нејзините сојузници, но, интересно е тоа што на Атина не и е нанесена таква одмазда каква пто предвиделе Мелосите. Спартанците не дозволиле целосно разоровуање на Атина.

Од Мелоскиот дијалог произлегува една целина од која јасно и недвосмислено се гледа централната мисла на атинскиот империјализам и карактерот на Пелопонеската војна како енергичен одговор на атинската неправда.

Став на Давор Јосифоски, член на Централниот Комитет на Левица