АктуелноЛокално

ГО САКАМ ВОДНО: Владата манипулира со најавената дебата

Во целост ви го пренесуваме соопштението на иницијативата ” Го сакам Водно”.

МЕСТОTO НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ШИЛЕГОВ Е ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ОВАА ДЕБАТА, во друштвото на МЕР, МЖСПП и МТВ.

На трибината / дебатата, која никогаш не била одржана, а требало, која Град Скопје ја организира во понеделник, во 13 часот, во нивни простории:

– Градоначалникот Шилегов во улога на модератор и домаќин СЕ ИЗЗЕМА од дебатата.
– НЕ Е ПОКАНЕТ заменик министерот на МЖСПП Макрадули, иако само тој јавно на социјалните мрежи го прифати нашиот повик,
– Поканети за дебата се само директорот на МЕР, Реџепи и министерот Сугарески од Министерството за транспорт и врски, наспроти двајца наши, во траење од еден час.

Со оглед дека парк-шумата Водно се наоѓа под надлежност и управување на Град Скопје и со оглед дека Град Скопје издал Решение за сеча за изградба на гасоводот, ние НЕ МОЖЕМЕ да го прифатиме градоначалникот Шилегов за модератор на дебатата, бидејќи со таков акт веќе одбрал страна, па во своите делувања веќе не е непристрасен и неутрален. НЕГОВОТО МЕСТО Е ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ОВАА ДЕБАТА, во друштвото на МЕР, МЖСПП и МТВ.

!!! ВАЖНО: !!!

Присуството на трибината / дебатата во просториите на Град Скопје во понеделник, под изменети услови, нема да биде замена за дебатата која ја бараме и на која инсистираме пред една од националните телевизии и која ѝ ја должиме на целата македонска јавност под овие околности.

За да бидеме јасни и да нема погрешни интерпретации:

Од почеток на мај, на наше барање, бевме активно вклучени во средби со претставници од сите засегнати страни и истите се одвиваа во салите на Владата, МЕР, Министерството за транспорт и врски и Град Скопје. Сме биле и на средби само со Град Скопје. Во тие 4 месеци разменивме доста аргументи и информации.

Ако сме можеле 4 месеци да разменуваме аргументи, ставови по е-маил, состаноци и медиуми, веројатно не е проблем градоначалникот Шилегов, директорот на МЕР, Реџепи и заменик министерот на МЖСПП Макрадули да одвојат 2 часа од нивното време и излезат на јавна дебата на една од националните телевизии, која би одела после работното време на најголемиот дел од граѓаните, во вечерните часови и го кажат сето она што ни го кажале во изминативе 4 месеци. Јавноста го заслужува тоа во најмала рака.

Сега откако е инволвирана сета јавност од Македонија за проблемот, не само јавноста од Скопје, откако е активиран живиот ѕид, сметаме дека граѓаните на цела Македонија треба да имаат можност да ги проследат аргументите на двете страни и да донесат свое мислење по прашањето на гасоводот низ Парк-шума Водно.

Со оглед дека се работи за заштитено подрачје, еден од спорните документи е и оценката за влијание врз животната средина, сметаме дека е неопходно присуството на заменик министерот на МЖСПП Макрадули, кој беше на прес конференцијата на Владата по прашањето гасоводот да продолжи низ Водно и кој впрочем генерално потврди учество во дебата.

Да заклучиме:

Ние не бегаме и никогаш не сме бегале од покана за разговор, трибина или дебата. Впрочем тоа е покажано до сега.

За дебата на некоја од националните телевизии кои се заинтересирани да ја одржат, очекуваме во најскоро време потврден одговор од Шилегов, Реџепи и Макрадули.

За трибината / дебатата / јавната расправа во понеделник во 13ч во Град Скопје, очекуваме неутрален модератор, не градоначалникот Шилегов, негово активно учество во дебатата и присуство на заменик министерот на МЖСПП Макрадули.

ДО ТОГАШ, НИЕ СМЕ ГОРЕ, ВО ОДБРАНА НА ВОДНО!

Го Сакам Водно