Симбиозната врска помеѓу архитектурата и социјализмот

Доколку зборуваме за архитектурата во општа смисла, може да се каже дека таа претставува комплексен спој на уметност и наука на проектирање и издигнување на градби и други материјални објекти, генерирани со помош на креативна манипулација и координација на светлина, технологија и материјали. Содржана од проектирачките вештини на архитектот, како и самиот процес и производ на проектирањето, создавањето на формата, просторот и амбиентот, кои се одраз на социјални, функционални, технички и естетски сфаќања, архитектурата е рефлексија на човековото битисување во општеството. Уште од првите форми на нејзината појава, поривот и фокусот на архитектурата е човекот, обидувајќи се да му обезбеди основни, функционални и одржливи услови за престој и живот во просторот кој таа го дефинира.

Во почетокот на 20 век, со зголемувањето на комплексноста на градбите, архитектурата започнува да се трансформира во сè повеќе мулти-дисциплинарна област. Покрај претходно дефинираните аспекти низ нејзината историја (структура и функционалост), бил воведен нов, важен аспект – концептот на долготрајност. Токму поради него, прифатени се идеите на социјалистичкиот реализам кој се навраќа на настанокот на архитектурата чија примарна цел е таа да постои за човекот, да обезбеди покрив над глава и потребен простор, чиј наратив исклучиво се испишува во јазикот на функционалноста и рационалноста, притоа речиси и воопшто да не размислува за архитектонските идеи. Подоцна, искористувајќи го фактот дека честопати архитектонските дела се сметаат за културни и политички симболи, кај објектите кои би требало да прикажат моќ и статус на државата, започнува да се имплементира монументалниот и експресивен израз на социјалистичкиот реализам и неговите архитекти. Како и низ историјата, овие архитектонски достигнувања создаваат моќна и единствена идентификација на уште една историска цивилизација.

Симбиозата на архитектурата и политиката, како што кажавме, веројатно постои отсекогаш. Но, симбиозната врска која подоцна ќе остави силен траг на едно време, врска со уште посилен идеолошки предзнак, помеѓу политиката и социјалистичкото ,,неимарство“, датира од почетоците на 20 век. Предвесникот на архитектонската социјалистичка револуција, токму во тој период се појавува во името на германската ,,Баухаус’’ школа, која најпросто речено ги комбинира занаетите и ликовната уметност.

Поразот на Германија во Првата Светска војна, овозможува зголемување на радикалното експериментирање во сите уметности поттиснати со стариот режим. Германскиот архитект Валтер Гропиус инспириран од Вилијам Морис (поет, британски социјалистички активист и текстилен дизајнер), ги поставува темелите на уметничкото училиште ,,Баухаус’’ во Вајмар, Германија во 1919. Движењето предизвикано од пристапот и дизајнот на оваа Школа било многу влијателно врз модернистичкиот дизајн и архитекутра, со едноставни облици и форми, хармонија помеѓу функцијата и фокусот врз масовното производство. Гропиус се декларирал како аполитичен, но неговото делување го зборувало спротивното. Имено, тој вели дека неговата цел е да креира околност без класни разлики, во која арогантната бариера помеѓу занатлиите и уметниците ќе биде отстранета.

Неговиот марксистички наследник, Ханс Мајер, кој токму Гропиус го назначува за директор на Школата (1928-1930), соочен со безбројните притисоци, изнајдува начин да ја избави од незавидната ситуација со која таа се соочува. Водејќи се по неговиот нов слоган: ,,Потребите на луѓето наместо потребата за луксуз“, тој носи една друга перцепција на архитектурата, дефинирајќи ја како организациска задача која нема ништо заедничко со естетиката, но со ниските трошоци и исклучиво исполнувањето на социјалните потреби. Комунистичката трансформација на начинот на живот бара квалитативна промена во концептот на населување врз основа на органска интеракција на сите три елементи на градот: индустрија, домување и социјални институции. Според тоа, функционалните аспекти на архитектурата мора да подложат на соодветна промена. За жал, неговите политички делувања и ставови придонеле тој да биде разрешен и на некој начин присилен да ја напушти Германија и замине во СССР, зад себе оставајќи врвен егземплар за функционалистичка архитектура – Синдикалното училипте АДГБ ( ADGB Trade Union School) во Бернау, близу Берлин, дизајнирано заедно со Ханс Витер.

Помалку интернационалнo позната, но во ниеден случај помалку важна е и ,,Вутемас“, руската државна и уметничка школа, формирана од Владимир Илич Ленин во 1920 година. Евидентната сличност со германската ,,Баухаус“ школа (добар дел од уметниците од оваа школа, по нивното протерување од Германија, продолжуваат да го шират уметничкиот израз во СССР и ,,Вутемас“), се огледува во нивниот заеднички модернистички акцент и архитекурната едукација која одразувала реални потреби, креирани од објективните општествено-политички околности. Главните уметнички влијанија врз школата биле конструктивистичките и суперматистичките движења во тоа време. Имено, конструктивизмот е уметничка филозофија, зачната во Русија во 1913 година, непосредно пред ,,Октомвриската револуција“, која претставува отфрлање на идејата на автономна уметност. Противењето на автономната уметност, секако, се базира врз општиот идеолошки принцип на ,,колективизам“, како единствено правилен и можен начин на живот. Конструктивистите ја отфрлаат идејата на ,,уметност заради уметност“ и почнуваат своите цели да ги насочуваат кон практични вештини на индустрискиот дизајн. Движењето ги повикува уметниците и архитектите, конечно да започнат со користење на уметноста во вистинска смисла и за социјални цели. Суперматизмот пак, не се поврзува со чувство, туку со сензација. Неговиот создавач Казимир Маљевич, фокусот го насочувал во уметност на основните геометриски фигури, насликани во ограничен опсег на бои. Во прво време, токму суперматизмот се сметал за средство кое може да контрибуира и пропагира  револуцинерни политички идеи. Илустративниот приказ на овие две уметнички струи, се отелотворува преку преку споменикот на Владимир Татлин ,,Споменик на Третата Интернационала“ и е наследство на нивната визија, проткаена со футуристички етос и револуционерен симболизам. Симболизам кој подоцна станува социјалистичка архитектонска есенција и води кон појава на социјалистичкиот реализам.

Во СССР, идеолошката енергија формира ново социјалистичко општество, специфично по рапидниот индустриски развој и миграцијата село-град и отвора простор за синтеза помеѓу радикалната уметност и архитектурата. Конструктивистичкото движење создава голем број иновативни јавни објекти и згради, дизајнирани за имплементација на концептот за ,,заеднички живот’’, со заеднички простор за исхрана и рекреација. Класичен пример е ,,Наркомфин’’ – Koмуналната куќа во Москва, изградена во 1931. Зачудувачки е фактот што конструктивистите за толку брз период, креирале нов визуелен јазик, неконвенционален и дотогаш непознат, или помалку познат, соочувајќи се со низа материјални недостатоци, неразвиена технологија и релативно менлив политички амбиент.

 

Архитектурата секогаш претставувала своевидно отелотворување на моќта на владетелот, подоцна и на самата државата. Социјалистичката архитектура во Југославија, во многу нешта се разликува од земјите слични со комунистичко или социјалистичко државно уредување. Веднаш после војната, започнува големата обнова на земјата. Поголемиот дел од обновувањето е спроведено со помош на луѓето кои доброволно учествувале во работните акции, карактеристични за Југославија. Паролата ,,Братство и единство’’ како и заедничката желба за изградба на земјата, биле главна движечка енергија на масовните волонтерски акции. Со оддалечувањето од Советскиот сојуз, Југославија сакала да ја истакне својата диференцираност и автономен израз, поотворен и попрогресивен од сите eклектицизми.  Делови од главниот град, изградени се од нула, на основите на Корбизијеовите принципи и принципите на другите модернисти. Aрхитектурата била сметана како општествена дисциплина која морала да биде функционална, но пред сè, морала да ги разгледа и перцепира човековите потреби. Златните години на југослевенската архитектура биле ’60-ите и ’70-ите, кога и се заѕидани многу капитални објекти. Почетокот на ’90-ите, со распадот на Југославија, земјите од дотогашната држава започнуваат со изградба на своите идентитети врз основа на националистичките, десничарско-конзерватистички политики. Единствено Словенија успеала донекаде да изгради свој архитектонски релевантен стил. Според многумина од фелата, но и од политиката, архитектурата претставува златно доба на модернизам и останува едно од највредните, ако не и највредно нешто што Југославија го поседувала. Исчезнувањето на оваа архитектура, исто така ни говори и за исчезнувањето на една идеологија и нејзината суштинска вредност.

Водејќи се по материјалистичката концепција, архитектурата е човечки изградена средина и на тој начин е една од просторно-временските (темпоралните) организациски форми на општествените процеси. Токму во овој поглед архитектурата има големи можноста за кондиционирање на истите. Одразувајќи го општествениот развој, таа не претставува само пасивен коверт за општествените процеси, туку станува фундаментално средство за развојот на комунистичкиот начин на живот.

 

Плоштад на револуцијата, Едвард Равникар, Љубљана, Словенија, 1960

 

Музеј за воздухопловство, Иван Штраус, Нов Белград, Србија, 1988

 

Градски порти, влез во Кишинев, Молдавија, Сквортсова, Марковиќ, ’80-ти години на 20 век

 

Меморијален комплекс на Тјентиште, Национален парк ,,Сутјеска’’, Миодраг Живковиќ, Босна и Херцеговина