Проф. Љубомир Цуцуловски – за „активистот“
НЕШТО ЗА ВИКЕНД. Никогаш не сум можел да го разберам значењето на зборот „активист“. Дали тоа значи дека земјоделците по полињата или рударите во окната ништо не работат, туку само лежат и сеират? Ни ми е јасна и синтагмата „борец за човекови права“, како што не ми се јасни значењата на зборовите „деец“ или „општественик“ Значи ли тоа дека останатите се антиопштествени или легачи/недејци? Има уште многу зборови кои не ми се сосема јасни. Додуша, јасни ми се и само глумам дека ми се нејасни, бидејќи намерно се така конструирани да остават снажен впечаток врз човекот/граѓанинот. Најчесто се користат за да ја замаглат суштината на нештата. Оваа постапка на замаглување преку јазикот/зборовите омилена е на хокус-покус општествата, во кои сѐ се преобразува во својата спротивност. Постоеја и во таканаречениот социјализам. Во СФРЈ бев научен работник (никако професор), додека чистачките беа технички хигиеничарки. Значи, јас (како работник) се мачев работејќи, додека тие „уживаа“, бидејќи беа техичарки, па уште и по хигиена. Милина невидена.
Едноставно, без непотребно филозофирање, секој систем ја злоупотребува идејата дека блажени се сиромашните по дух. Затоа и ги држат во духовна беда, за да бидат блажени, бидејќи сѐ што прават го прават за нивно добро. Само што се овие „глупави“, па тоа не го сфаќаат. П.С. За олеснувачите, мониторинзите… во некоја друга пригода.