Работниците од Еурокомпозит: „Ни останаа само тапаните од играорната секција, сега ќе ги чукаме пред влада“
СКОПЈЕ/ПРИЛЕП, 05.07.2018 – Работниците од прилепската фабрика Еурокомпозит продолжуваат да протестираат пред владата на Република Македонија. Тие го одбија предлогот на владата да им се исплатат вкупно 3 милиони денари за плати и 3 милиони денари за трошоците на фабриката. Претставници од синдикалното здружување завчера се сретнаа со премиерот Зоран Заев, но средбата завршила набрзо затоа што, премиерот ќе закаснел на прославата што ја организирала американската амбасада, а и на работниците ваквите ветувања им беа познати и неприфатливи.
Заев потенцирал дека за оваа „финансиска инекција“ ќе се бара заем од државните компании ЕЛЕМ и МЕПСО во вкупен износ од 6 милиони денари. Истовремено, владата на двете компании им препорачала да го обезбедат побараниот заем, но за работниците од Еурокомпозит ваквите решенија се само трошки.
На работниците не им се исплатени 18 плати, а придонесите не им се платени од 2012 година. Тоа според нивните пресметки изнесува вкупно 2.8 милиони евра. На ова додаваат дека и фабриката кон доверителите должи уште 2 милиони евра, така што, сумата од 6 милиони денари која ја презентирал Заев на состанокот е смешна.
„ Многу моќна фирма бевме, имавме се’. Пред 6 години престана да постои и играорната секција во самата фабрика. Ама ни останаа тапаните. Сега не за ора, ама ќе ги чукаме за протестите пред влада“, вели еден од работниците во Еурокомпозит.
Паралелно со протестот во Скопје, нивните колеги во Прилеп вчера го блокирале патот Прилеп-Скопје од 09:00 до 11:00 часот. За денес очекуваат уште еден автобус со минимум 40 колеги да пристигнат во Скопје за да ја зголемат бројката пред влада.
Ако нема брза разрешница, тие планираат до одат до крај а и да ги радикализираат протестите со блокади на улиците.
Превземено од Гласник