Став

Во НАТО ни под уставно име!

Иронично е, но измислениот проблем со името е денес единствената пречка за Македонија да добие покана во воениот сојуз НАТО. Атлантскиот воен сојузот кој продолжи да постои по распадот на Советскиот Сојуз и крајот на Студената Војна, е расположен, па дури и притиснат, да се шири. Неговата цел е јасна, цел која што вешто е сокриена со изговорот „ние само ги браниме нашите земји членки“: воено да интервенира во земји во корист на капиталот на империјалните сили, како што се САД, Франција, Велика Британија итн.

Таква беше ситуацијата со Сирија, Ирак, Авганистан, Либија, Србија итн во изминативе децении. Ниту една од нив не ги нападна земјите членки на НАТО прва: НАТО воено интервенираше, со цел да ги рашири својот пазари, да го збогати воено-индустрискиот комплекс и да експлоатира природни ресурси во овие земји.

Денес, западниот империјализам е во криза. Интервенциите во Сирија не беа успешни, ситуацијата на Корејскиот полуостров се подобрува на штета на САД, а Кина го продлабочува своето влијание во Африка и на светскиот пазар. Се повеќе земји планираат да го напуштат петродоларот, а стравот од Русија расте. Дополнително, САД и Турција ги влошуваат односите, што допринесува да се зголемува внатрешната неконсолидираност на пактот. Во една ваква ситуација, на НАТО се повеќе му се потребни нови земји членки и Балканот станува, се повеќе и повеќе, важна точка каде што НАТО сака да се рашири.

Неуспехот на НАТО да ја внесе Македонија, или која било друга земја, во својот воен пакт и да не се рашири доволно сега може да има поголеми импликации од порано. Потенцијалното незајакнување на НАТО создава уште поголем мотив во НАТО скептичните земји да ја напуштат алијансата, соочени со нејзината неефикасност и неспособност да го оддржи моменталниот баланс на силите во светот.

Затоа, сакам да поставам една теза, за која се повеќе имам сомнеж дека е точна: Македонија евентуално ќе добие покана да стане членка на НАТО, дури и доколку не го реши спорот со името со Грција. Како што ќе се случи и со повеќето земји на Балканот, како што моментално се продлабочува соработката со Колумбија и сл. Причината е токму кризата на западниот империјализам на која погоре посочив. Ризикот дека Грција ќе го напушти НАТО пактот поради влез на Македонија во НАТО под уставно име е мал – веројатно само Ципрас и СИРИЗА ќе изгубат политички поени.

Доколку се согласиме дека е голема опасноста да влеземе во НАТО и се потсетиме дека токму влезот во НАТО пактот е тој поради кој е актуелен спорот со името, станува јасно дека реториката треба да се промени. Актуелното „НАТО не вреди за да го промениме уставното име“ треба да прерасне во „во НАТО ни под уставно име“.

Целта не е единствено да не се промени името поради уцена, туку и да се испита тој „консензус“ кој 27 години го имаат СДСМ и ДПМНЕ, однесувајќи се како да е изгубен анти-империјалистичкиот карактер на работничката класа на Балканот. Многу прашања не се јавно обработени кои не се во полза на аргументот дека треба да се зачлениме во НАТО. Дали Македонија стреми да стане продолжена рака на империјализмот? Дали е целта да го засилиме нашиот статус на „получленка“ на НАТО (луѓе од Македонија учествуваа во мисиите во Авганистан во НАТО, иако не сме дел од НАТО) или да пресечеме со ваквиот сервилен однос кон западот? Кои се вистинските придобивки од нашето членување и колку земји ќе страдаат ради истото? Колкава сума пари ќе двоиме за воени цели, наместо за здравство, образование, наука, заштита на животната средина? И за крај, која е поврзаноста меѓу членувањето на Македонија во НАТО со нејзиното членување во ЕУ? Дали е навистина НАТО предуслов за членството на Македонија во ЕУ и дали сите останати нивни услови ги исполнивме, па остана уште овој?

Јован Крајевски