Образовните институции – монархии на каприциозните директори

Во образовните, како и во другите институции, со промена на власта како на локално така и на централно ниво, во некои фотељи седнаа нови гарнитури, а во некои сепак останаа старите. Она што никогаш не се менува, без разлика кој пион ке дојде на раководното место на одредена институција, е секако трулавоста, нефункционалноста и оној бдеачки дух кој владее во нив. Старите гарнитури како за инает почнаа да не почитуваат ништо, а и да не се интересираат за ништо во врска со институцијата во која работат, туку тихо се кријат во сопствените глувчешки дупки. Напати ваквото однесувањечесто е контрапродуктивно, а на власта пак никако не и текнува да ги смени. Но не можеме да знаеме, можеби и такви им се подобни!?

Додека, пак, новите гарнитури што ги презедоа фотељите уште пред да седнат во нив почнаа со закани и уцени кон учениците и вработените, а да не зборуваме за тоа да ги сослушаат истите.. Се игра орото по нивно, а статистички бројот на ученици што се запишуваат секоја година е во слободен пад, додека бројот на вработени останува ист или пак расте, за на матурските таблоа и прослави односот помеѓу професори и ученици да биде еден спрема два.

Секојдневно директорите вршат огромен притисок на работното место врз професорите. Тука користам прилика да укажам на едно мое лично исксуство. Во мојов случај, директор арогантно се расправал со професор затоа што професорот ги учел или подучувал учениците за револуција што воедно е дел од лекција и веројатно дел од годишната програмата од предметот кој го предава. Ова е еден од сериозните примери како овие монархисти (поради ретроградната струја во општеството чија што персонификација самите се) вршат притисок врз оние за коишто се тука да ја вршат нивната функција, учениците.

Се наврши една година и се уште тапкаме во место, а не ни знаеме во кој правец одиме со образованието. Секој месец се менува министер во ова подрачје. Министерската позиција служи само за исполнување на зделките на владеачките партии, за нивниот алашвериш со министерствата, а на учениците гратис им се само ускратените можности да критички погледнат на она што ги опкружува, заменети со реакционерната пропаганда, сервилна на нововоспоставените режими. Тоа покажува колку нив им е гајле за образованието за наместо да е алатка за продуцирање на политички свесни и критични поединци, со децении (намерно) системски е деградирано и претставува уште една гранка за поткусурување на партиските договори помеѓу најголемите политички партии.

Миле Јанкулоски, член на Централниот Комитет на Левица, Л.О. Кичево