Бујрум „левичари“

На 11 јануари 1934 Коминтерната (Комунистичката Интернационала / Третата Интернационална Работничка Асоцијација) ја усвојува „Резолуцијата на Коминтерната за Македонската Нација“ со што го дава најзначајното интернационално признавање за постоењето на Македонска нација. Во резолуцијата, Коминтерната ја подржува борбата на македонските работници и селани за градење на социјалистичка држава, но, пропратно и во борбата за национално ослободување од регионалната (Српска, Грчка, Бугарска) и светска (Француска, Британска, Германска) империјалистичка буржоазија. Наведено е дека врз македонското население се врши брутална експлоатација и дека грабањето територија за таа цел, од страна на регионалните земјопоседници и газди, е мотивот за негирање на посебниот македонски национален идентитет.

На трибината одржана во Скопје, по повод спорот со името, член на грчка левичарска организација кажуваше како бил апсен и тепан од полицијата во 90тите бидејќи сметал дека грчкиот третман према Македонија е некоректен. Друг грчки левичар, уште во 1940, напишал „Секој оној што го негира Македонското национално прашање, кое стои нерешено до ден денес, во Грчка, Српска и Бугарска Македонија е без сомнеж слуга на буржоазијата“.

Десничари, што знаат што е левичарење!

Тогашните комунисти ги немале на каршилак денешниве себепрогласени „левичари“ и „експерти“ на темата национализам да им објаснат дека не се левичари туку се национал-шовинисти. Македонски национал-шовинисти ете имало и во интернационално комунистичко движење – и тоаод секаква националност. Или пак можеби и имале пандан на нив, ама знаеле подобро од тоа да слушаат такви „критики“ кои се сведуваат на празни фрази.Фрази кои сосем случајно се поклопуваат со обвинувањата за „ретроградност“ од страна на владеачката либерална партија, СДСМ.

Одлуката која ја критикуваат денешниве „вистински левичари“ е одлуката на Президиумот на Левица да поднесе пријава за сторено кривично дело против премиерот Заев за „ставање на Македонија во потчинета или зависна положба“. Президиумот на Левица е највисок раководен орган на партијата и се состои од 7 члена. Тројца од овие седум члена се луѓе кои имаат етничко потекло кое не е македонско (Албанско, Турско и Хрватско) и сите тројца гласале „ЗА“ оваа одлука. Нив како да им објасниме дека се македонски национал-шовинисти?

Епа бујрум. Бујрум нека направат „вистнските левичари“ една поинаква (од Левица, секако не и од СДСМ) и „вистински лева“ партија, кога веќе не помагаат никако во работата и одлуките на Левица туку само гледаат сеир од страна. Ако ние глупавите, национал-шовинистички, десничарски левичари успеавме не само да ја создадеме Левица туку константно таа да јакне – тогаш за „вистинските левичари“, кои се секако генијалци, тоа (и повеќе) ќе е прелесно.

Гораст Муратовски, член на Централниот Комитет на Левица