Не е Амди Бајрам виновен што работниците подржуваат бизнис партии
Амди Бајрам влегува во влада, изјави премиерот Зоран Заев.
Ај нека ни е честито! За многу години! А многу години ова го гледаме. Амди Бајрам е на власт подолго од што сум јас жив. И покрај сите „промени“.
Ова е човекот што успеа да ја надмудри работничката класа. Гледајте и плачете. И ќе гледаме уште и ќе плачеме уште, ама тивко. Оти слабо ни се слуша гласот.
Ова погоре е слика од писменоста во Кралството Југославија во ‘31ва година. На територија на денешна Македонија писменоста била само 16%. Денес имаме поминато какво-такво задолжително основно образование.Помладите дури и средно задолжително имаат. И?
Десет години по пописот од ‘31ва македонците (не мислам во етничка туку во територијална смисла, од сите националности) масовно се приклучиле на работничкото движење, го поразиле фашизмот и основале држава. И тоа, за разлика од повеќето народи, директно основале работничка држава.
Сиромашни и неписмени биле, во буквалната смисла на зборот, ама сепак знаеле! И се бореле! Денес еве сите (или безмалку сите) сме писмени. Па дури некои од нас се гледаат себеси (не јас) како политички писмени. И? Дозволуваме да не владеат кретени како Амди Бајрам, Зоран Заев, Никола Груевски и еден куп други гниди кои себеси се нарекуваат луѓе. Кој е виновен?
Нормално, виновни се најмногу баш тие, гнидите. Што преку корупција, сеење страв, насилство, лаги и слично успеваат да се одржат на власт и да бидат паразити на општеството. Но, не се само тие виновни. Распадот на работничката држава не разочара сите. Не скрши! И сега, трпиме и траеме, бираме бизнис партија по бизнис партија, оти излез, ни се чини, нема. И додека постапуваме вака, ќе се реди Амди Бајрам по Амди Бајрам. До кога?
Место тоа време е да се фатиме за градење работнички синдикати и работничката партија. Не си правете Бајрам со умот!
– Гораст Муратовски, член на Централниот Комитет на Левица