Едностраното повлекување на САД од нуклеарниот договор со И.Р.Иран – последица на империјализам во криза?!
После подолг период на тензии во меѓународиот политички простор поради обвинувањата дека Исламската Република Иран наводно сака да развие нуклеарно оружје во 2015 година, оваа земја дојде до договор за својата енергетска нуклеарна програма со групата П5+1 на светски сили составена од САД, Велика Британија, Франција, Кина и Русија. Со овој договор Иран се согласи да ги ограничи своите нуклеарни активности и да им дозволи редовни инспекции на меѓународните инспектори во замена за укинување на економски санкции.
Но, Доналд Трамп по доаѓањето на власт во САД, како што беше и најавено во неговата предизборна кампања, одлучи САД еднострано да се повлече од овој договор и повторно да воведе економски санкции кон Иран, вклучително и кон компаниите кои истите не ги почитува во минатото. Наспроти САД, другите земји потписнички на договорот се согласија дека истиот треба да продолжи и дека ваквиот однос на САД ја загрозува меѓународната стабилност и го поткопува поредокот, што може да доведе до поголема криза на блискиот исток и пошироко.
Американската администрација предводена од Трамп наметна сериозни санкции за банките кои ќе процесуираат ирански трансакции. Помеѓу овие банки се наоѓаат и оние стационирани во Велика Британија, како што се Standard Chartered, HSBC и Lloyds. Франција, Германија и Велика Британија велат дека и понатаму остануваат посветени на нуклеарниот договор со Иран и проширување на деловните врски доколку Иран се придржува до своите обврски. Министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ајвес Ле Дриан, уште и подвлекува дека европските компании не треба и нема да трпат штета од оваа еднострана одлука на САД и дека треба да се испочитува правото на земјите кои не сакаат да го прекинат овој договор.
Сепак, ваквиот чин на САД од кои беа изненадени пред се неговите европски партнери како учеснички во договорот не може да се објасни само како последица на нестабилната личност на Трамп или пак само како последица на анти Иран лобирањата од страна на Израел и арапските тоталитарни режими. Напротив, американскиот империјализам е присилен да се повлече, а непредвидливите политики што ги спроведува се производ на очај.
Ако се погледнат подалекусежно последиците од ваквиот акт на САД ќе се забележи дека оваа криза е последица на кризата на империјалистичката позиција на САД во светот.
Имено, после Втората Светска војна, хегемонијата на САД не се темелеше само на нивната индустриска, финансиска и воена надмоќ, туку во исто време оваа хегемонија беше поврзана и со долгорочна контрола на монополите кои беа вкоренети во различни национални држави. Воспоставувајки контрола на ресурсите во различни држави, САД долгорочно обезбеди чист пат за својата империјалистичка активност која следеше понатаму. На овој начин се ограничи и влијанието на Советскиот Сојуз. Како резлутат на ова понатаму, во светот на капитализмот, империјалистичката позиција на САД беше овозможена од нивната надмоќ во уделот на профитот од искористување на овие монополи кои ги црпеа ресурсите од различни земји во светот.
Понатаму, откако Советскиот Сојуз беше распуштен со контрареволуција, користа од оваа хегемонија на САД се прошири и за другите европски држави односно нивниот удел во користа од монополската позиција во црпење на ресурсите ширум светот. Така и Југославија беше препуштена на, пред се, Германија и останатите европски држави; кои подоцна пак предводени од САД заедно извршија инвазија на Авганистан, а потоа и на Ирак, а пак поранешните социјалистички републики беа глатко потчинети под оваа хегемонија.
Сега се чини дека САД брзо се оддалечија од тоа да ги претставуваат долгорочните интереси на меѓународните монополи, па империјализмот, во глобала, како да влезе во криза, а помалите негови привезоци се осетија загрозени од движењето кое стреми да се ослободи од старите империјалистички стеги. Дури и Германскиот канцелар, Ангела Меркел, после повлекувањето на САД од договорот со Иран изјави дека „повеќе не може да очекуваме безбедноста на Европа да ја гарантира САД, ЕУ мора да изгради сопствена воена сила“.
Не треба да се залажуваме дека европските држави потписнички на договорот сакаат да го одржат затоа што се принципиелни или пак праведни. Напротив, тие и порано бараа овие санкции према Иран да бидат редуцирани, пред се затоа што Иран за нив е огромен загубен пазар. Всушност, по 2015 година, трговските односи на Иран со компаниите од ЕУ се зголемија стотици пати повеќе од претходно.
Блискиот исток е најголемиот извозник на нафта во светот во целост и овој капацитет значи огромен обем на трговија за глобалниот капитализам. Само Иран продава 2,5 милиони барели нафта дневно. И Иран, покрај сојузот со Русија и Кина, се чини дека е најнаклонета земја што овој извоз сака да го прави без американскиот долар. Неодамна на државниот канал Pres-Tv беше најавено дека девизните трансакции во иднина ќе бидат спроведувани во валута евро наместо, како што досега се спроведуваа, во долар. Се чини дека најважната алатка во одржување на империјалистичката хегемонија на САД е доларот и намалувањето на неговата економска моќ ке значи и намалување на моќта на САД.
Низ сета оваа криза во меѓународниот поредок се чини дека САД имаше единствен „успех“ со тоа што успеа да направи сојуз од најархаичните држави од минатиот век: Израел, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин. Очигледно е дека налогот на Израел за нападот врз иранските бази во Сирија беше врачен по повлекувањето на Вашингтон од спогодбата со Иран. Всушност, Трамп отиде многу подалеку и му го даде на Израел секое потребно охрабрување за еден ваков чин, изнесувајки ги новите барања меѓу кои и тоа „Техеран да ја прекине својата потрага по уништување на Израел“?! На тоа, секако, Нетанјаху не дочека и веднаш го обвини Иран за распоредување на „многу опасно оружје” во соседна Сирија и дека од ситестрани изолираниот Иран се спрема „целосно да го уништи Израел“.
И по се изгледа дека овој „успех“ на САД во веков што следи ќе биде сведок на повлекувањето од историската сцена на овие држави предводени од него.