За Хаг и Никола Димитров

Со распадот на Институтот за глобална правда во Хаг, поради неговата неможност за само-финансирање откако биле потрошени сите субвенциски средства наменети за истиот, како и фактот што сегашниот македонски министер за надворешни работи, Никола Димитров, е поранешен вработен во Институтот, се поставуваат неколку прашања.

Првото прашање е која била улогата на Никола Димитров во таа организација и колкава била неговата компензација за истата. Второто, а и до некаде поважно прашање, е како дошло до распадот, односно до потрошување на целосната сума на алоцирани субвенции за финансирање на Институтот.

За одговорот на второто прашање, ќе се упатиме кон холандскиот весник, „Де Гројн Амстердамер“, кој направи истражување за работата на Институтот. Имено, Институтот бил формиран во 2011, и како што сугестира неговото име, неговата цел била да го промовира Хаг како глобален центар за меѓународен мир и правда. За таа цел, владата на Холандија одвоила 17.45 милиони евра. Институтот исто така помош побарал од Општината, која одобрила 2.5 милиони евра, што се сумира во 20 милиони евра субвенции.

Аби Вилијамс бил назначен за декан на институтот, но првите знаци на неволја се појавиле кога тој ја побарал титулата „претседател“ наместо декан. Тој за себеси земал плата од 223,497 евра годишно, што била изненадувачки голема за релативно мал институт. Институтот бил користен за организирање разни богати коктели и формални забави за истакнати професионалци, дипломати, судии, адвокати и истражувачи. Како што јавува „Де Гројн Амстердамер“, анонимни поранешни вработени не биле задоволни од работата во истиот, нарекувајќи го „токсично место за работа“ и дека Вилијамс константно се делел себеси од останатите работници, контактирајќи со нив само преку неговите личен асистент, секретар и советник. Тој никогаш не јадел со нив од бесплатниот оброк што им бил доделен, туку вообичаено нарачувал ручек со бисквит и јастог од хотелот близу Институтот, кој го јадел сам во канцеларијата.

Покрај тоа, генерално Институтот бил познат по неговиот луксуз, било да е во организирањето на богати гали и коктели или во исклучителните трошоци за такси-превоз од околу 10,000 евра, што посочува дека можно е Вилијамс да користел услуги и практики кои се граничеле со корупција.

Но, да се вратиме на првото прашање, односно, која била улогата и позицијата на сегашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров?

Имено, како што весникот МакФакс истражува, Димитров бил близок човек со Вилијамс и бил еден од ретките луѓе во институтот со „невообичаено висока плата“, односно околу 62,000 евра годишно кога почнал да работи во Институтот, на почетокот на Април, 2014та година до 75,000 евра годишно, кога го напуштил институтот во Април минатата, 2017та година.

Од овие две прашања, можеме да дојдеме до уште едно важно, не-толку реторичко прашање: Дали може човек како Димитров или Вилијамс, кој работел во луксузни услови и со висока компензација, човек навикнат на буржоаски живот, да ги брани интересите на обичниот човек?