Поништен конкурсот за класични композиции поради административни пропусти во неговото спроведување
По поминати повеќе од два месеца напори од страна на Соком за да воспостави комуникација и да добие некаков одговор, денеска Министерството за култура објави дека го поништува конкурсот за откуп на класични композиции за 2017 година поради административни пропусти во неговото спроведување. Министерството за култура најави дисциплински постапки за службите задолжени за спроведување на конкурсот, со цел да се утврди одговорноста за направените пропусти, без притоа да каже за какви пропусти се работи.
Конкурсот беше објавен на 6 април 2017, траеше до 31 октомври, а резулатите беа објавени на сајтот на Министерството на 18 јануари оваа година и истиот ден беше повлечен. И покрај тоа, многу медиуми ги објавија добитниците од овој конкурс во повеќе категории и од тој ден па се до денеска, траеше неивесноста околу потпишувањето на решенијата. Министерството за култура ќе го повтори овој конкурс, а како утеха за „поништените“ добитници е што тие ќе имаат право повторно да учествуваат со свои дела?!
Објавените резултати на веб страницата се всушност предлози на комисијата, а не финални резултати, бидејќи за истите министерот за култура не донел решенија“, стои во соопштенито на Министерството за култура.
Согласно Законот за култура, член 65 ставови 2,3 и 4, министерот за култура одлучува по Конкурсот на предлог на Комисијата, со донесување на решенија, а резултатите потоа се објавуваат на веб – страницата на Министерството за култура, се вели во соопштението на Министерството за култура, иако досегашната праакса покажува дека секогаш прво се објвувале резултатите, за пото да бидат потпишани и решенијата помеѓу добитниците и Министерството за култура.
Инаку овој конкрс беше востановен од петходната Влада, „…во согласност со Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/13) за остварување на националниот интерес во културата, обезбеди средства од Буџетот на Република Македонија во 2017 година за стимулирање на домашното музичко творештво, кои ќе се доделуваат на домашни автори, односно композитори преку Конкурс за откуп на музички композиции во 2017 година.
„Наспроти досегашната пракса од изминатите конкурси, да се достават решенија и договори до наградените автори во роковите законски определени од самото Министерство, тоа досега не е направено од причини кои нам сѐ уште не ни се познати. Поради тоа, се обраќаме до Министерството надлежно за спроведување на Конкурсот со барање постапката без понатамошно одложување да се доврши и да се достават договори до наградените автори согласно објавените резултати“, реагираше СОКОМ.
На конкурсот во повеќе категории беа наградени повеќе композитори како Благој Цанев, Никола Коларовски, Јана Андреевска-Димитровска, Андреј Блажевски, Драган Стојков, Валентина Велковска-Трајановска, Горан Начевски, Ана Пандевска, Панде Шахов, Никола Коларовски.
Во категоријата музичко – сценска композиција за „Танец“ единствената предвидена награда ја доби Тодор Трајчевски. Во категоријата композиции за мјузикл за деца единствената предвидена награда ја доби Никола Димушевски, а во категоријата композиции за балет, единствената предвидена награда му припадна на Сони Петровски.
„Во точка 10 од Конкурсот стои дека по Конкурсот ќе се одлучува во рок од 45 дена, а за Конкурсот решение ќе се донесе во согласност со Законот за културата. Резултатите од Конкурсот за секоја одделна категорија ќе бидат објавени до крајот на декември 2017 година. Во Конкурсот стои дека пријавите се доставуваат под шифри за да не се открие идентитетот на авторите на најдобри композиции. Комисијата за разгледување на пријавите од Конкурсот, ги разгледала пријавите и изработила Записник од 29. 12.2017 година во кој ги сумирала резултатите од направената евалуација на доставените пријави. На 18.01.2018 година, по доставена предлог-листа на резултати од страна на комисијата, истите се објавени на веб страницата на Министерството за култура.
Соопштението на Министерството следи по денешната реакција на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), чиј претседател е Сони Петровски, дека министерот за култура десет месеци одбива средба со нивни претставници и дека сѐ уште не добиле одговор зошто композициите избрани на Конкурсот за откуп на нови музички дела распишан во април минатата година биле објавени, а потоа и повлечени од веб страницата на Министерството на 18 јануари годинава.
Преземено од Култура.