[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација V: Југословенскиот социјализам и женското прашање

Политичката одлука за гасење на АФЖ е донесена во 1950, но оваа организација била толку цврсто врзана за процесите на образование на жените, нивно вклучување во политичкиот и економскиот живот на државата како и во решавањето на секојдневните животни проблеми, па демонтирањето на организацијата траело цели три години[1]. Со што, парадоксално, процесот на децентализација ги обезмоќи жените во помалку развиените републики во поглед на учество во политиките (policies). Чести биле и изблиците на незадоволство по повод оваа одлука, посебно кај селските жени, сведоштвата од таквите протести го искажувале следново: „Тоа што го направивте е ужасна работа. Па каде сега ние ќе се собираме? Нашите мажи одат во биртијата, пијат, играат карти, коцка, а ние седиме само дома со децата. Откако се укина АФЖ жените веќе не се собираат.“[2]

Создавањето на Сојузот на Женски Друштва на Југославија (СДЖЈ) поминува во атмосфера на колебање, збунетост, пасивизација и намалување на активистките. Таквото колебање особено се вртело околу прашањето дали е потребна посебна женска организација и кои точно треба да бидат нејзините задачи и цели. Се одело кон тоа тие да се постават кон решавање на некои сосем конкретни прашања кои би биле под одредена организација (Жена и дом, Современа жена, Жена и опшество, Организација за здравствено просветување и сл.). До 1959 нивната бројка нараснала на 1000 организации, со различна дифузија низ републиките (Србија 472, Хрватска 425, БиХ 248, Словенија 80, Македонија 50, Црна Гора 32). Според препораките, во новите друштва требало да учествуваат и мажи, но тоа било ретко[3].

Слевајќи го посебното во општото, со проблемите на жената работничка требало да се занимаваат синдикатите, но кога е увидена негативна тенденција, жените почнуваат (повторно) самостојно да се организираат во комисии и посебни одбори.[4] Голем дел од пленумските расправи на СДЖ се однесуваат на жената во нуклеусното смејство, што дирекно не упатува на следното: дотолку сме навикнати на таксативно наведување на институциите на социјалистичкиот систем, што забораваме дека некаде по патот тој се здобива со бројни елемнти токму на пазарната економија (и проблемите кои ги има жената во неа). Тоа Окиќ маестрално го поедноставува на следниот начин: „Еманципацијата во СФРЈ се сведуваше исклучиво на моделите на економската еманципација, неделлива од „слободниот“ наемен труд. Разликата меѓу сталинистичкиот и југословенскиот модел се состоела во тоа што во првиот, социјалната репродукција зависела од маханизмите на државата, а во другиот од механизмите на пазарарната акумулација. (…) Еднаквоста за комунистите никогаш не е цел до кој треба да се дојди, туку претпоставка од која се поаѓа. Еднаквоста како цел секогаш била идеја на либералите и реформистите.“[5]

Денес, од удобноста на сопствена позиција, имаме и си земаме за право да навлегуваме во детални анализи на разликите во еднаквоста и еднаквоправноста и контрадикциите кои го следа АФЖ. Но, од се досега наведено, како помирувачки deux ex machina ни се појавува фактот за епохалното премостување изведено од жените на АФЖ: нивните вредности за мобилизација и ослободување беа формулирани како антитрадиционалистички, антипатријархални – што ќе рече, еманципаторски. Нивниот сходен интерес се совпаѓал со „ослободувањето на народот“ и „социјалистичката револуција“. Проектот на социјалистичка револуција тежнее кон прогресија на опшествената егалитарност, што би довело до укинување на класните антагонизми на вертикален план, и на сите видови дискриминација на хоризонтален.[6] Но, можеби најголемата заслуга која ја должиме денес на АФЖ е тоа што, и покрај своето самоукинување, многу гласно укажа дека неравноправноста на жената е евидентна во секојдневното искуство.

Сенката која го следеше АФЖ и неговата активност можеби беше сенката на неговата суптилна критика на моралот (кој го носи својот патријархален и христијански багаж). А секоја критика на моралот, е критика на идеологијата. Факт е дека борбата протв нормата како систем на угнетување на човекот, во социјалистичката револуција, дојде накнадно, токму преку движењето за женско ослободување. Оттаму и потребата за „посебност“ на женското прашање[7].

Историјата на АФЖ е од круцијален значај за денешните модели на еманципација, но и историско искуство кое пркоси на тезите за „крајот на историјата“.

***

[1] G. Stojaković, исто, 3.

[2] C. Bonfiglioli, Revolutionary networks.., 204.

[3] N. Božinović, исто, 171. [4] Ibid., 174.

[5] Т. Oкић: Пoсao ниje дoвoљaн увjeт eмaнципaциje https://www.portalnovosti.com/tijana-okic-posao-nije-dovoljan-uvjet-emancipacije.

[6] L. Sklevicky, исто, 28.

[7] B. Despot, Žensko pitanje i socijalističko samoupravljanje, Zagreb 1987, 113.
***
Слики: BUKA magazine, blog.hrvojemihajlic.com

Преземено од Пиреј.