Став на Левица за законот за двојазичност

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Со оглед на настанатиот хаос со законот за јазиците ви го пренесуваме интегрално официјалниот став на политичката партија „Левица“ како единствен кој одскокнува од досегашното етничко препукување:

Ние, како класно ориентирана, надетничка и интернационалистичка партија, која има членови од сите етнички заедници, секогаш се залагаме и го поддржуваме проширувањето и зголемувањето на правата на сите заедници. Секој граѓанин, без разлика на етничката припадност, треба да ја има слободата своите права и економски интереси да ги остварува на мајчиниот јазик, односно да комуницира со институциите на системот на јазикот што најдобро го зборува и разбира. Затоа, потребно е во службена употреба и комуникација со граѓаните на Република Македонија да се воведат и употребуваат јазиците на албанскиот, турскиот, ромскиот, српскиот, босанскиот и влашкиот етникум. Албанскиот и турскиот јазик веќе имаа статус на официјални јазици во Социјалистичка Република Македонија и нивната институционална употреба на никој начин не ја загрози употребата и постоењето на македонскиот јазик.

Сепак, треба да истакнеме дека политичките елити во Македонија, низ минативе триесетина години, системски работеа и работат на поделба на народот врз етнички линии, отворајќи си простор за политичко делување и егзистирање кое се заснова на политиканство и национализам, а во суштина претставува узурпација на позициите на моќ за лично богатење. Пример за неспособноста и безволноста на политичарите за решавање на внатрешните проблеми е Охридскиот рамковен договор, кој не доведе до реално унапредување на економската и социјалната положба на малцинствата, дури ни на Албанците, туку придонесе кон поголема гетоизација на граѓаните по етничка основа. Ова е најочигледно во образованието, што, пак, понатаму овозможи шовинистите и националистичките популисти лесно да манипулираат со поделените граѓани, а за проблемите со кои се соочува заедницата да ги обвинат „другите“ (без разлика дали се работи за Македонците или за Албанците). Резултат на вака поставениот систем беше десетгодишното непречено криминално владеење на здружените националисти ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Новиот предлог-закон за употреба на јазиците, кој се заснова на одредбите од Охридскиот рамковен договор, исто како и Охридскиот рамковен договор, отвора реална можност за понатамошно продлабочување на поделеноста во општеството врз јазична/етничка основа. Оваа опасност произлегува, пред сè, од општите и нејасни (воедно – рестриктивни) прописи на новиот предлог-закон. Дополнително, вака поставената логика на предлог-законот за јазици, со процентуална фундираност и рестриктивни мерки, ќе придонесе кон дополнително зголемување на јазот кај веќе поделениот народ, што повторно ја отвора можноста за националистите, уште полесно, да се наметнат во „својатаетничка групација“.

Левица смета дека национализмот не може да се намали напросто преку еден закон за употреба на јазиците. Напротив, за тоа треба да се вложи поголем труд и напор и да се преземат други, посуштински мерки. Поточно, ние сметаме дека македонските, албанските, ромските, турските и другите општествени чинители не смеат да бидат вештачки поделени, со засебни образовни програми, во одделни училишта без никаков меѓусебен контакт, а сето тоа единствено поради нивната етничката припадност. Она што е примарно и најпотребно во борбата со постојниот национализам кај младите е укинување на сегрегираното образование и воведување интегрирано образование.

Еден од дефектите на овој закон е и процентуалната поставеност (исто како и кај Охридскиот рамковен договор). Граѓаните на оваа држава не претставуваат само бројка, па да ги остваруваат своите права врз таа основа. Албанската заедница, која брои над 20% од вкупното население на земјата, според овој закон, го стекнува правото за официјализирање на јазикот и писмото што го зборува (но и самиот закон е недоречен и оставен за слободно толкување што конкретно значи тоа официјализирање). Но, што станува со другите етнички заедници? Дали Турците, Ромите, Власите и останатите народи кои не се над 20%, не се исто еднакви со Македонците и Албанците? Дали доколку албанскиот народ падне под границата од 20%, автоматски ќе ги изгуби сите досега признаени и стекнати права? Она на што укажуваме е дека процентот не смее да претставува принцип за стекнување граѓански права, бидејќи е и недемократски и регресивен. Не смее граѓаните на оваа земја да се ценат преку бројноста на нивната заедница и не смее нивните права да бидат признавани и одземани во зависност од таа бројност.

Владејачката номенклатура, на чело со СДСМ и ДУИ, се обиде набрзина и без јавна дебата да го протурка носењето на овој закон и да го убеди народот дека со овој закон „магично“ ќе се намали национализмот и дека Албанците и Македонците во државава конечно ќе почнат да се „сакаат“. Тоа е безочна манипулација, бидејќи национализмот не се победува со политички пазарења и популистичка реторика, туку со принципиелна борба и признавање на правата на заедниците од принцип, а не од политички опортунизам, како во актуелниов случај. Со дополнително разгледување на овој закон, станува јасно не само дека јазот и раздорот меѓу Албанците и Македонците нема да се намалат, туку дека уште повеќе ќе порасне, бидејќи едните сметаат дека нешто им се одзема и губат, а другите сметаат дека добиваат нешто посебно.

Тоа е така поради политикантската заднина на иницијативата за овој закон. Имено, видливо и оправдано е губењето на довербата и поддршката на владејачката ДУИ кај албанското население, што јасно дојде до израз на последните парламентарни избори. Делегитимирањето на ДУИ како политички фактор и борец за „албанската кауза“ се отслика и со појавата и растот на нови политички партии во албанскиот блок. Оттука, интересот на ДУИ од донесувањето на овој закон лежи во намислата, преку манипулација со етничките чувства на Албанците, да си го поправи урнисаниот углед и примат меѓу албанските гласачи, а законот понатаму да го претставува како огромен политички успех, со што на подолг рок би ја стабилизирала својата опаѓачка популарност. На овој начин, ДУИ се обидува да го тргне фокусот од горливите социјални и економски проблеми, како и нефункционалните институции кои се секојдневие и реалност за повеќето Албанци (како и сите други граѓани) во државата, за чиешто решавање ДУИ не презема ништо.

СДСМ води сервилна надворешна политика, раководена од афирмацијата на националистичките тенденции во соседните држави. Сè поизвесната промена на името на државата, заради поскоро зачленување на Македонија во воениот сојуз НАТО, води до неизбежна загуба на дел од македонското гласачко тело од страна на СДСМ, нешто што се обидува да го компензира со приближување до албанското гласачко тело преку површна популистичка реторика.

Наместо вакви неодредени и нејасни закони, кои го зголемуваат јазот меѓу граѓаните по етничка основа, парламентарното мнозинство треба да изготви закон со којшто ќе ја овозможи употребата на јазиците на сите заедници во службената комуникација со државата, да изготви промени во образовниот систем, кој е механизам за сегрегација врз јазична основа, и да воведе интегрирано образование, со цел намалување на национализмот присутен кај младите и зголемување на нивната поврзаност.