АктуелноИнтернационалноЛокално

Скопје-Приштина: Горливи проблеми-благи мерки

Откако Приштина се најде на врвот на загадени градови во светот, властите решија дека почнувајќи од 31 јануари, сообраќајот во центарот на градот ќе биде забранет за сите жители. Истиот ден, стотици луѓе со бели маски се мобилизираа на протести во градот против алармантното загадување кое понекогаш го надминува и нивото на загадување во одредени градови во Кина. Иако властите се обидуваат да применат краткорочни мерки како забраната на коли во центарот на градот, демонстрантите остануваат скептични: „Забраната за коли во центарот е глупост, бидејќи луѓето ќе продолжат да возат коли на други улици веднаш до центарот. Треба да се стават филтри на електраните и да престанат луѓето да согоруваат јаглен.” – вели Џ. Хоџа, жител на Приштина.

Скопје се соочува со слично ниво на загадување на воздухот. И покрај протестите против аерозагадувањето во Скопје во изминатиот период, властите преземаа само низа краткорочни мерки во поглед на намалување на загадувањето што се должи на сообраќајот, како воведување привремен бесплатен јавен превоз во Скопје. Но, поостри мерки, како забрана за коли, не беа дел од пакетот на итни мерки.

Според Татјана Чакулев, Коалиција О2 за чист воздух „Бесплатниот превоз е неоснована мерка ако нема редукција на другиот сообраќај. Според нас е непотребно трошење буџетски пари. Во Брисел кога е загадено над 200 микрограми на метар кубен тоа е трето ниво и тогаш се забранува секаков сообраќај”.

Сепак, особено загрижувачки е што и во Скопје и во Приштина, се чини дека големите индустрии, кои исто така имаат значително учество во загадувањето на воздухот, постојано остануваат изземени од равенката. Во Скопје дури 18 % отпаѓаат на индустријата, а уличната прашина и прашината од градежните активности учествуваат со 19 %, додека во Приштина аерозагадувањето се препишува главно на две електрани на периферијата на градот. Но, се уште недостасува силна политичка волја за исполнување на барањата на граѓаните за квалитетни филтри и намалување на погонот на индустријата при екстремна загаденост.

Од друга страна, иако и во двата града огромен процент на аерозагадувањето се должи на начинот на греење на домаќинствата, т.е. греење на дрва и дури и отпад, можноста за снабдување со топлинска енергија на сиромашните домаќинства изгледа далечна. Напротив, предвидените калориметри би резултирале со значително поскапување на парното во Македонија за 30%. Наместо вината да отпаѓа на индивидуата, потребно е системско решение. Оној кој се грее на отпад, не го прави тоа од своеволие, туку од немај-каде. Ако воздухот мириса на сиромаштија – тогаш битката против аерозагадувањето нека биде битката за искоренување на сиромаштија.