Коленичење пред воениот сојуз НАТО

На 18 јануари во Македонија во официјална посета беше генералниот секретар на НАТО – Столтенберг. И покрај засилениот антагонизам на различните политички проминенции од политичката сцена, како внатре во Собранието на РМ (бојкотирање на работата на Собранието од страна на пратениците на ДПМНЕ), така и надвор од него, сепак целиот наш политики естаблишмент се обедини и дури заедно со лидерите на верските заедници (?!) во Собранието го завземаа своето место за да го слушнат обраќањето на неговата екселенција Столтенберг.

А пак во Собранието имавме можност да ја видiме не само поданичката култура, како карактеристика на целата политича реалност во РМ, туку и униформната, истоветна и излитена политичка практика како есенција на сиот оној навидум различен идеолошки прилог кој ни се сервира преку боите на партиските знамиња. И не е само покорноста кон алијансата НАТО кое ги обеднува едногласно сите наши пратеници во Собранието. Тука е игнорирањето кон исклучително лошата социјална состојба како приоритет за решавање пред прашањата за името, јазикот и слични, така да кажеме, проблеми од предполитички карактер. Се разбира тука се и едногласно да се согласат за молк по однос на исклучително високите бенефиции кои ги уживаат, како што се патните трошоци, високите примања, пратеничкиот имунитет и сл.

Понатаму, во обраќањето, генералниот секретар на оваа милитарна алијанса констатираше напредок и реформи во државата, по што дури и изрази пофалба кон законодавниот дом! Интересно е да се забележи дека Столтенберг, зборувајки за Алијансата, посочи дека од суштинско значење за нив е да се види како инвестираме во одбраната! Сите сојузници на НАТО биле посветени на тоа. И уште додаде дека сите сојузници се обврзале да го зголемат буџетот на 2 посто од БДП, па во таа насока тој и ја поздрави посветеноста на Владата кон остварување на оваа цел. Нашата влада ита кон постигнување на таа цел третирајќи ја како највисок приоритет. Зголемување на буџетот за одбрана, па уште и неколкукратно од досегашното, значи ништо друго освен тотална рамнодушносткон горливите социјални прашања кои се основен услов за неконфликтно општество.

Владата, иако дојде на власт преку протести, ја игнорира анти-НАТО реториката изразена на протестите за време на посетата на Столтенберг.