Што дишеме?!

Вчера повторно беше забележано високо ниво на ПМ10 честички во воздухот низ Скопје, Битола и Тетово. Највисоко загадување е забележано во Лисиче, околу 22 часот.

Од податоците преземени од time.mk, нивото на ПМ10 честички во Скопје беше на второто највисоко ниво во овој месец, со вредност од над 450 микрограми на метар кубен, додека Тетово и Битола бележат пораст на загадувањето во последните два дена.

Новата влада сè уште не изготви стратегија за долготрајно решавање на проблемот со загадувањето. На зголемувањето на акцизата на дизелот и предложеното поскапување на зонското паркирање во Скопје им се „лепи“ етикетата на еколошка прогресивност (иако е тешко да се поверува дека примарната цел на овие мерки не е полнење на буџетот и дека загриженоста за квалитетот на воздухот кој го дишеме не се злоупотребува за евтина апологија на поскапувањата), но мала е веројатноста дека таквите мерки ќе придонесат кон значајно намалување на загадувањето на воздухот. Дополнително, од буџетот за 2018 година, само 0,4% влегуваат во расходите за заштита на животна средина (за споредба, за култура се планирани 1,95%, за одбрана се планирани 2,82% и за судови се планирани 1,34%).

Решение за луѓето кои се греат на дрва и секаков вид отпаден материјал кој може да се запали, а кои тоа го прават бидејќи се економски приморани, не се разгледува, а предлозите за гасификација и за национализација на БЕГ сè уште не се најдоа на дневниот ред на политичарите.

Во меѓувреме, ситуацијата во Битола станува алармантна. РЕК Битола го пустоши воздухот на градот во кој се наоѓа, не почитувајќи ги и оние малку еколошки регулации кои се поставени за корпорациите. Вината за загадувањето продолжува да се префрла на индивидуите (на нивното користење на нееколошки горивни средства, на неразумното користење на превозот, на греењето на огрев и сл.), што е одсликано од гореспоменатите предлог мерки на владата, кои го казнуваат ова нивно „нееколошко“ однесување, а корпорациите, како РЕК Битола, не се допираат.

Количината на ПМ10 честичките од 180 микрограми на метар кубен веќе се смета за многу висока. Моментално, со над 450 микрограми на метар кубен во Скопје и Битола и со над 350 микрограми на метар кубен во Тетово, таа е неколкукратно надмината, со што граѓаните се оставени да дишат отров — нешто што се случува со години наназад.