Превод

Како академиците користат сиромаштија, угнетување и болка за интелектуално мастурбирање

Следниов текст е превод и ставовите изразени во него не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Пишува: Клелија О. Родригез

Политиката на деколонијализација не е иста како и чинот на деколонијализација. Загрижувачки е колку брзо фрази како „деколонизирање на умот/срцето“ или едноставно “деколонизирање” се консумираат во академските кругови. Дедо ми се бореше за деколонизација и најверојатно би се збунил доколку овие академици му го објаснат концептот на него.

Ме загрижува начинот на којшто терминот почнува да станува синоним за пракса на ослободување од колонијалните начини на делување за оние кои што во целост функционираат под овие практики. Деколонијализацијата за мене, како обоена жена, значи нешто поразлично од она што значи за бел човек. Зошто е ова важно? Зошто кожата ми се ежи кога ќе го слушнам овој збор во академски бели кругови каде обоените луѓе се вклучени само за да се даде привид на разноликост? Зошто во грлото ми остануваат заробени зборови кои не можат да се претворат во реченици? Можеби поради тоа што во овие „деколонизирачки“ практики стануваме колонизирани одново?

Добивам понехуман третман во споредба со бел академик или оној кој се однесува како бел академик. Однесувањето на оние кои добиваат похуман третман и кои тврдат дека создаваат простор за обоени луѓе треба да биде преиспитано. На пример, промовираат позитивна дискриминација на смешен начин. При процесот на аплицирање за работа, треба да прецизираме дали сме „странски државјани“. Дали бел човек ја искусува горчината што следи кога обоената личност ќе го прочита овој термин? Или другите понижувачките термини кои сум принудена да ги претрпувам во трката за идните најдобри академици во САД? И истите бели колеги кои никогаш не ги искусиле овие работи, грациозно се редат за да презентираат на конференции за деколонизирачката методологија за да го покажат нивното сојузништво со обоените луѓе.

Ефектите на вмрежување, односно стекнување нови познаници, се само уште еден метод при кој деколонијализацијата во полето на општествените науки се покажува како фарса. Колку што ја разбирам историјата, Кристофер Колумбо бил исклучителен во поглед на вмрежувањето. Тој ги ставал луѓето како мене во синџири, уверувајќи не дека е со цел за плетење на мрежа која ќе не поврзе сите нас.

Безбедноста не е баш одлика на академските кругови, ниту пак слободата на говор е вистински присутна во нив. Не сите го имаме луксузот да зборуваме слободно без да бидеме казнети со тоа што ќе сме етикетирани како радикални, премногу емоционални, лути, или дури и недоволно образовани. При вистинско деколонизирање, правиме неповратни одлуки дури и да ризикуваме да не ја добиеме работата за која аплицираме. Само да тврдиме дека сме во академското полето на деколонијализација не е доволно. Не е изненадувачки дека и оние кои работат на деколонизирачки методи, ги реплицираат и усовршуваат истите, бидејќи сме вовлечени во колонијализам во корпоративна средина.

,,Сакам да знам што правите овде деца – односно, зошто дојдовте во нашата земја Мапуче? За да не прашувате прашања? Да нè претворите во предмет на вашите истражувања? Сакам да одите дома и да ги разгледате овие загрижувачки прашања кои го измачуваат моето срце веќе долго време.”

Ова беше одговорот на Њана Ракел, лидерот на Мапуче (староседелски народи) на група на американски студенти од катедрата на човекови права кои го посетуваа Чиле во април во 2015. Нејзиниот бес ме мотивираше да размислам како да се ре-обмисли, преиспита и препрочита призмата низ која јас ги искусувам општествените науки и начинот на кои ги политизирам моите тековни промени на становишта во мојот испреплетен систем. Дали го правиме тоа кога правиме истражувања? Прашањата на Њана Ракел, нејзината оправдана лутина и реакција ме натераа да размислам за многубројни гледишта за она што навистина ја дефинира одредена територија, нешто на што дедо ми грижливо ме научи кога учев како да распознавам мрави и пчели.

Како политизирани мислители, мораме да размислиме за овие искуства доколку сакаме да бидеме дел од поголеми дискусии за солидарност, отпор и територии во општествените науки. Како почнуваме да работиме во служба на северно-американските принципи и правејќи го тоа, можеме ли да признаеме што навистина не однело таму? Многу од нас, работејќи во хомогени академски простори (со делумно либерални тенденции), се пронаоѓаат во овој опис кога прашањето отворено се поставува.

Со оглед на тоа што и јас самата сум била проучувана и набљудувана под микроскопот на луѓе од други земји во осумдесетите, кога истражувачи доаѓаа да не прашуваат за животот во военото подрачје во Ел Салвадор, навистина се пронаоѓам во прашањата на Ракел. И јас и таа сме биле сместени во нормите на Северна Америка кои им служат на одредени истражувачки агенди. Па така, имаме слични искуства во поглед на тоа како е да се ,,биде прочитан’’ според одредени историски критериуми.

Гласот на Ракел беше полн со емоции. Тoј ден се собравме во Рука од Рихоли. Седевме во круг, гледајќи кон центарот и слушајќи ја тишината на старешината. Ракел нè научи скапоцена лекција. По преиспитувањето на методите користени за да реализираме истражувања во Непал и Јордан, емоционалното барање на Ракел што го спомнав погоре, го зададе последниот удар. Ни покажа дека и покрај тоа што можеби однадвор изгледаме дека сме политички свесни, продолжувавме да користиме академска дисциплина за да го проучуваме „егзотичното“ однесување и правејќи го тоа, всушност ги поткопуваме, омаловажуваме и не ги прифаќаме лекциите за она што претставува културолошка размена од нивна страна.

Од ваквите интеракции на терен, произлегуваат прашања кои ја раскринкуваат сржта на проблемот: Како се справуваме со проблеми кои настануваат од досега утврдениот општествен компромис во општествените науки? Проблеми во „одучувањето“ на практики? Неретко академските кругови повеќе личат на циркус отколку на центри на високо образование, каде културата на натпревар под влијание на надворешните притисоци да се постигнат добри резултати ја поттикнува врската меѓу учителот и ученикот.

Една од трагичните последици на традиционалниот систем на високото образование е работата со колеги кои тврдат дека имаат експертиза во областа на општествен активизам, но никогаш не искусиле никаков вид на активизам. Зборувам за оние академици кои направиле кариери од болката на други, впивајќи знаење од маргинализирани заедници. Без разлика дали се признава ова, истиот метод при кој што „зборуваш за нешто за кое знаеш малку (или ништо)“ се пренесува на студентите кои ние, како професори и ментори, ги подготвуваме да почнат да пишуваат истражувања за деколонијализација.

Линда Смит зборува за презирот што го чувствува за зборот „истражуање“, гледајќи го како еден од највалканите зборови во англискиот јазик.. Потполно се согласувам со неа. Кога седнуваме секој семестар да напишеме учебник за „одучување“ на одредени практики, мораме да размислиме како ќе вклучиме содржина која ќе помогне да се пренесе претходно дефинирана дисциплина во општествените науки заедно со тековната општествена реалност. Како можеме да создадеме простор каде студентот слободно ќе се изразува без страв од лоша оцена?

Денес, сè и сешто е дозволено ако има ,,деколонизаторски печат”, дури и кога истото е лишено од политичка итност. Овие тенденции се чини дека се украсни во најдобар случај и мораме да ја оспориме нивната основа. Не можеме да продолжиме да го критикуваме неолибералниот систем сè дури имаме површни визии за солидарност без да се стремиме кон подлабоко разбирање. Ова се работи за кои си честитаме, но на крај само отвараме простор за идни консументи на престиж.

Ходниците на иституцијата каде моментално работам се олицетворение на лажната солидарност преку постери за конференции, семинари и патувања во глобалниот југ кои се неизмерно скапи. Сè додека имаш пари да си платиш за авионската карти, хотелот, оброците и транспортот, можеш да си додадеш некој ред во твојата биографија и да зборуваш за новото општествено движење и неговите радикални стратегии да го срушат системот. И ти можеш да учествуваш во академски дијалози за сиромаштија и работнички права дури те одминува недокументираната чистачка која ќе ти го намести креветот дури одиш во главната просторија да зборуваш за нејзината борба.

Мораме подобро да го анализираме интелектуалното маструбирање кое го добиваме преку сиромаштијата, трагедијата, угнетувањето и болката – главните работи кои нè стимулираат да имаме оргазам. Оргазмот доаѓа во форма на дискусија, прашања, пишување на апликации за грантови, проекти итн. Потоа продолжуваме со други видови на забава. Неолиберализмот претвори сè во продукт или искуство. Мораме да ја ставиме под лупа логиката на моќ која се наоѓа зад нашата наставна програма и истражувања. Мораме да ја слушнеме тишината, она што не е напишано и да обрнеме внимание на внатрешната динамика на заедниците и како ги етикетираме нивните искуства доколку навистина сме посветени на деколонијализација.

Превела: Габриела Андреевска