Социјални центри — стремеж кон заедништво

Текстот е испратен од дописник од Социјалниот Центар „Дуња“.


Впрегнати во прангите на долгите работни часови, денес сè помалку имаме време да се сретнеме еден со друг. Голготата на работникот/работничката, речиси проголтан/а во зинатата челуст на чудовиштето капитализам, е сè поизразена, без разлика дали е на компјутер или машина за шиење; од друга страна, истиот/тата прекарен/на работник/чка располага со сè помалку финансиски средства за да може да си дозволи да биде уживател/ка на културно-уметнички манифастации (кои пак стануваат екслузивно право на сè помала елита).

Растечкото класно раслојување се одразува и преку луѓето кои ги гледаме на улица во понорот на бескуќништво. Јанѕа те пролазува по парталавото ти тело кога увидуваш дека истиот премален човек струполено проси крај потполно празна и ненаселена куќа која во цело свое раскошно изобилие подбивно надвиснува над неговиот/нејзиниот глад.

Токму како одговор на сè поголемите кризи во системот, се раѓаат социјалните центри во пркос да крикнат – се лажете ако мислите дека сте ни го столчиле поривот за социјална правда и човечност! Изникнуваат како отпор кон неолибералното узурпирање на градот, на заедничките ресурси и оттаму – обидот за узурпирање на човечкото. Социјалните центри претставуваат окно низ кое непокорно продира одблесок измеѓу мрачните трупови на многукатни бетони.

Активист(к)ите од колективите/(не)формалните здруженија, кои најчесто делуваат во социјалните центри, остро се спротивставуваат на пасивизацијата на човековото битие, односно неговото сведување на пасивен објект на моќта и репродукција на идејните светогледи на власта, а се стремат кон тоа да бидат активни и партиципативни чинител(к)и во локалните заедници и пошироко. Наспроти quid pro quo, суштествувањето во овие центри се сосредоточува наполно на кооперација и ре-заземање на заедничките ресурси узурпирани од крупниот капитал. Социјалните центри најчесто почиваат врз принципи на солидарност, заедништво, другарство, тежнеејќи да ги превозмогнат класните, етничките, родовите, расните и секаков вид на други разлики. Неретко искубаните прагови и мртви форми од напуштени куќи ги претвораат во усвитено од жар прибежиште за безкуќни луѓе, млади и/или сиромашни на маргини од општеството, патници/чки со алтернативни видици на кои им е потребно бесплатно сместување итн. Социјалните центри понекогаш имаат и солидарна кујна која нуди бесплатни оброци на оние на кои им е потребно. Навидум истоветни, постои голема дискрепанца меѓу социјалните центри и хуманитарните организации, иако здружување и соработка меѓу истите не се исклучени. Имено, социјалните центри почиваат врз егалитаристички и солидарни начела, што оспорува „служење“ на храна како во ресторан, а повикува на заедничко подготвување на храната и воедно и заедничко јадење на истата во солидарен простор или надвор. „Јадеме СО нив и правиме СО нив, наспроти правиме ЗА нив.“ Всушност, ваквиот светоглед ги прикажува маргинализираните отаде немоќта на жртва во железни вериги од безизлезност, односно ги отелотворува во улога на активен чинител/ка. Понатаму, колективите во социјалните центри неретко се идентификуваат како политички субјекти, а не само како луѓе кои послужуваат храна, односно, наместо само да даваат храна, решаваат заедно со маргинилизираните лица да делуваат за да ги изнајдат причинителите на сиромаштијата, но и истовремено да работат кон искоренување на истите. Следствено, социјалните центри имаат изразена политичка димензија која може да биде, но најчесто не е во соодветство со политички партии (политика во својата изворна смисла “активна вклученост во работите кои го засегаат градот” – Πολιτικά, Politika, грчки).

Непрофитни и некомерцијални, одржувани од волонтер(к)и кои полетно работат без оддив, ваквите центри ја овоплотуваат мечтата и насушната потреба од алтернативен и пред сè, пристапен (бесплатен) простор за дружба и креативно изразување на младите, невработените, работничкиот прекаријат (односно поголемиот дел од работничката класа што се должи на сè помалата средна работничка класа). Самоорганизираноста, хоризонталната поставеност и самоодржливоста се меѓу суштинските одлики. Тежнеењето кон самоорганизираност можеби најинтересно се одразува преку модалитетите на одржување на просторот – не постои чистач/ка кој/а се грижи за просторот, туку тоа го прават самите членови/членки на колективот, а со ова во ткивото на социјалниот центар неоспорно се проткајува и едно додатно поведение во пракса – родовата рамноправност. Суштествената поставка е сепак начелото на егалитарност.

Несомнено едно од најважните обележја на социјалните центри е поттикнувањето на критички дискусии и проблематизирање на теми кои би биле занемарени во мејнстрим културата. Преку филмски проекции, поетски/прозни читања, изложби, дебати итн. активистит(к)ите од центрите тежнеат да продрат отаде хегемонијата на нормативната култура. Односно, да се биде активен чинител/ка во општеството, наспроти пасивен консумент на она што доминантната култура неуморно го сервира (читај: со кое не засипува). Непрофитното и некомерцијалното суштествување на овие простори неумоливо го разорува ексклузивитетот на тековното општество – то ест, преку овозможување на обемен спектар на бесплатна културно-уметничка забава, чија достапност во модерното општество се ограничува на мала, елитна клика.

Можеби една од главните функции на социјалните центри е токму да не потсетат дека свет каде се однесуваме солидарно и со љубов кон луѓето, каде нагласокот го ставаме врз заедништвото и соработката, а не безумниот натпревар и обземеноста од трката по профити – не само што е возможен, туку и постои и пркосно пулсира во безрадосното сивило на урбаниот бетон. Да не потсетат дека човекот, како општествено животно, е посилен во заедништво, а не како оттуѓена единка.