Европската унија во Македонија во втората половина на 19-тиот и првата половина на 20-тиот век

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Народот прави своја историја, но не по своја волја и не под околности кои самите си ги избрале, туку под околностите кои непосредно ги затекнале, околности кои се зададени и наследени. Традицијата на мртвата генерација како ноќна мора ги притиска умовите на живите – К.Маркс – Осумнаесетти бример на Луј Бонапарта (1852)

Капитализмот како економски систем кој се базира на приватна сопственост на средствата на производство и претприемништво со цел генерирње на вишок на вредност во вид на профит, развивајќи се и етаблирајќи се помеѓу 16-ти и 18-ти век во Западна европа стана претесен за пазарот во кој и самиот се разви.

ЕУ на Балканот пред своето време

Така при крајот на 18 тиот век тој освен што речиси му стави крај на феудалното владеење во Европа, почна да претендира во својот опфат надвор од тогашниот европски пазар. Континентална Европа стануваше се поограничена за задоволување на профитабилноста како иманентната потреба на овој систем базиран на масовоно производство и безгранична акумулација на капитал. Така од потребата да се шири и оплодува европскиот капитал, почнаа империјалистичките зафати на Европа кон светот неодмиунувајки го и Балканот.

Либерализмот и европскиот капитал влезе во европскиот дел на Османлиската Империја во втората половина на 19 век, a продолжи со зголемено темпо во првата половина на 20 век. После 45-годишна пауза (втората половина на 20 век) либерализмот и странскиот капитал повторно зачука на портите на Балканот во почетокот на 90-тите и со истото воодушевување како претходно од Oсманлиската администрација, овојпат едногласно од домашните политички елити беше пречекан и се правеше ама баш сè (особено по пат на рушење на социјалната држава, распродавање на индустриските капацитети и незаштитување на домашната економија) за тој (странскиот капитал) што повеќе да се привлече и зголеми.

Дерегулацијата на правилата кои ги штитат оние што само својот труд го имаат да го продаваат за да преживеат, представена низ еуфемизмот „поволната бизнис клима “, хармонизација и усогласувањето со европското право е нешто веќе видено на овие простори. Европската политика на вшмукување на периферијата во единствениот пазар каде што владее западниот капитал, е веќе видена преку Хатихумајунот од 1856 (своевиден „Рамковен договор на Осмалиската империја“), донесен под покровителство и гарантиран од концертната дипломатија на европските империјалистички земји.

Прибе во Македонија пред своето време

Хатихумајунoт како реформски акт е дефинитивно во духот на Планот на Рајхард Прибе, и предвидувал реорганизација на државната администрација, судството, полицијата и даночната политика, поправка на патиштата, унапредување на земјоделството и трговијата и друго. Следува извадок од ферманот на потписникот на овој реформски акт, Султанот Абдул Меџит до поданиците на својата империја, ферман полн со големи зборови и големи очекувања:

Законите против корупцијата, поткупувањето и кражбите ќе бидат применувани според законски форми, спрема поданиците на мојата Империја, без разлика на нивната положба и природата на нивните функции. Ќе се пристапи кон создавање банки и други слични установи за да се направи реформа во паричниот и финансискиот систем, како и кон создавање фондови наменети за наголемување на изворите на материјалното богатство во мојата Империја. Ќе се пристапи, исто така, кон правење патишта и канали што ќе овозможат соопштенијата да бидат полесни и ќе ги наголемат изворите на богатството на мојата земја. Ќе се укине сè што може да ѝ пречи на трговијата и земјоделството. За да се постигнат овие цели, ќе се пробаат соодветни средства за да се искористат науките, уметностите и капиталите на Европа и да се постават на тој начин пополека за ползување.“

(Од Хатихумајунот во Одбрани текстови за историјата на македонскиот народ (1800 – 1919 година), трето дополнето издание).

А што донесле овие реформи ни дава подоцнежното искуство на народите за кои Хатихумајнот требало да донесе правичност и просперитет, искуство  забележано во истражувањата на еден од основоположниците на катедрата по историја при УКИМ, проф. Љубен Лапе:

Извесниот забележителен напредок во усовршувањето на транспортните средства со изградбата на железничката линија Солун – Скопје – Митровица, па трасирањето на новите помодерни сувоземни патишта и отворањето на првите телефонопоштенски линии, повеќе го искористиле европските капиталистички земји за пласирање на своите фабрички производи отколку самата домашна буржоазија, чиишто производи во конкурентската борба со европските ја изгубиле својата привлечност дури и за самите дотогашни македонски потрошувачи. Турската влада се покажала неспособна и не преземала никакви мерки да го заштити своето домашно производство кое од ден на ден покажувало сè поголем застој и стагнација. Новото турско чиновништво кое се испилило од гореспоменативе реформи потекнувало до домашната феудална средина и речиси ги зачувало сите нејзини навики во доменот на управувањето над населението во Македонија. Неговата основна задача била со севозможни средства да извлекува даноци од населението неопходни не само за издршка на овој непроизводен турски чиновнички апарат, туку и за отплатување на турските државни долгови со високи камати. (…) Во сите области на управата: судството, полицијата, финансиите, општинската управа имало злоупотреби. Чиновниците оддолу догоре ги гледале само своите лични интереси и биле поткупливи.

(Одбрани текстови за историјата на македонскиот народ (1800 – 1919 година), трето дополнето издание).

Заклучок:

Историјата се повторува, прв пат како трагедија, втор пат како фарса за народите кои не учат од своето минато.

Не може, а да не се забележи сличноста на пристапот на политичките експоненти на крупниот капитал на Западот, пред век и половина, и пристапот кој денес го имаат спрема Македонија и воопшто спрема балканските народи. Дали реформите во судството и администрацијата сами по себе ќе донесат правда и обезбедат еднаквост? Дали либерализацијата (приватизацијата) на железничкиот сообраќај и водата, ќе донесат сами по себе подобри и подостапни услуги? Дали зависноста од европските фондови и кредити и дали препупташтањето на финансиската политика на комерцијалните банки го зголеми богатството на нашата земја како што се надеваше султанот Абдул Меџит?

Или напротив…

 

Зоран Василески