После изборите во Венецуела, САД и сојузниците стануваат пожестоки – можен е државен удар

Следниов текст е превод и ставовите изразени во него не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Администрацијата на Трамп ги осуди изборите во Венецуела за уставно собрание, одржани во неделата (30.07.2017), како „уште еден чекор кон диктатура“ и покрај високата излезеност на гласачите и малиот број на показатели дека новото собрание ќе ја намали надлежноста на законодавната власт. Дали Венецуела ќе биде новата цел на ЦИА за промена на режимот?

КАРАКАС – Според САД, нејзините сојузници, и секогаш-послушните мејнстрим медиуми, изборите во Венецуела, одржани претходната недела, беа „пропаст“. Самото гласање беше прилично контроверзно во Венецуела и надвор од неа, стремејќи се да избере кандидати за ново уставно собрание (државно тело кое може да го промени уставот на Венецуела).

Николас Мадуро, претседателот на Венецуела, го држи знамето за време на митинг во Каракас, Венецуела, 27 Јули 2017.

Администрацијата на Трамп ги осуди изборите во неделата како „уште еден чекор кон диктатура“, предупредувајќи дека нема да прифати „нелегитимна влада“ во Венецуела. Подоцна беа наметнати санкции на Мадуро, претседателот на Венецуела.

Санкциите на САД и застрашувачките изјави не беа послушани во Каракас, каде што претседателот Мадуро со пркосен тон изјави, во вечерните часови од неделата по крајот на гласањето, дека „Гласник на императорот Доналд Трамп вели дека тие нема да ги признаат резултатите на изборите за уставно собрание во Венецуела. Зошто, по ѓаволите, би се грижеле за тоа што има Трамп да го каже? Ние се грижиме за тоа што има да го каже суверениот народ на Венецуела“.

Тој слично одговори и на новостите за санкциите, велејќи во своето јавно обраќање дека „се чувствува горд да биде санкциониран од господинот империјалист Доналд Трамп“. „Наметни какви било санкции, но јас сум водач на слободните луѓе“, додаде тој.

МинтПрес неколкупати известуваше дека не е сè онака како што изгледа во Венецуела. САД одамна е вмешана во обиди да се дестабилизира владата на Венецуела (уште од пред две децении, кога Хуго Чавез за прв пат беше избран за претседател). После децении поддршка на неколку неуспешни државни удари и години економска војна, САД е многу вмешана во националната криза, иако силно се обиде да ја сокрие својата улога.

Поради масивните резерви на нафта (најголемите во светот) и честото владино неодобрување на американски корпорации и нивно влијание низ годините, Венецуела одамна е на удар од владата на САД. Дополнително, од исказите на лична вендета за уништување на Чавистите од неколку членови од администрацијата на Трамп и од последното предупредување дека САД „нема да прифати“ влада која тие сега ја означуваат како „нелегитимна“, делува доста возможно Венецуела да биде првиот обид на Трамп да ја продолжи долгогодишната пракса на САД за разнишување и дестабилизирање на демократски избрани левичарски влади во Латинска Америка.

Што навистина се случи за време на изборите во неделата?

Луѓето проверуваат на која машина гласаат на список снабден од Венецуелскиот Национален Гласачки Совет. Списокот е истакнат пред гласачката станица, за време на самото гласање за избор на уставно собрание во Каракас, Венецуела, 30 Јули 2017.

Мејнстрим известувањето за изборот на уставно собрание се фокусираше на тоа што би можело собранието да стори откако ќе биде избрано. Изборот беше претставен како чекор кон диктатура, иако претседателот на Венецуела е овластен од сегашниот устав да свика такво собрание. Овие тврдења се базирани на можноста новото собрание да состави устав кој ќе ја разниша законодавната власт и ќе му даде неограничена сила на Мадуро, нешто што ниту Мадуро, ниту некој во неговата партија, изјавил дека сака да се случи.

Според сегашната влада на Венецуела, уставното собрание било свикано со цел да се заштитат одредени „достигнувања“ на Чавистите низ последните две децении. Друга цел е да се разреши ќор-сокакот помеѓу законодавната власт (контролирана од опозицијата) и извршната власт, дозволувајќи групи од двете страни да состават нов устав и да отпочнат дијалог.

Сепак, партиите од опозицијата ги бојкотираа изборите, иако со години самите бараа да се свика уставно собрание – се додека Мадуро не побара да се свика. Од таа причина, резултатите на изборите во неделата доведоа до победи најмногу на поддржувачи и сојузници на Мадуро, додека главната опозициска група во Венецуела (Тркалезната Маса за Демократско Единство) одлучи да не учествува, намалувајќи ја вредноста и значењето на целиот процес. Други помали опозициски партии одлучија да учествуваат.

Мејнстрим медиумите во Англија и Шпанија многупати известија дека 70 проценти од жителите на Венецуела се против гласањето што се одржа во недела. Сепак, анкетата од каде што потекна оваа бројка беше спроведена од фирмата Датаналисис чиј претседател, Луис Висент Леон, јавно го искажа своето незадоволство со свикувањето уставно собрание и со владата предводена од Мадуро. Всушност, во претходните месеци, Леон се покажа повеќе како десничар и про-опозициски експерт отколку анкетар, кревајќи сомнеж во резултатите од анкетите на неговата фирма.

Сепак, тие анкети се сметаат за објективни од страна на мејнстрим медиумите. На пример, вестите на NBC наведоа анкети за излезеност од Датаналисис, заедно со Торино Капитал (банка за инвестирање од Њу Јорк), со цел да докажат дека излезеноста на изборите во неделата била пониска од таа што официјално била соопштена, односно дека на гласањето излегле само 3.6 милиони гласачи (18.5 проценти од гласачкото тело). Овие бројки беа наведени и од лидерите на опозицијата, кои наводно го бојкотирале целиот процес, но сепак некако успеале да тврдат дека помалку од 3 милиони жители на Венецуела гласале. Венецуелските изборни органи – кои всушност ги пребројуваа гласовите – изјавија дека 8.1 милиони жители на Венецуела учествувале на изборите (41.5 проценти од гласачкото тело).

Во меѓувреме, насилството од опозицијата помина без медиумска покриеност. Иако полицијата  се спротивстави на опозициските демонстранти, забранувајќи ги протестите во деновите пред изборите, опозициското насилство не беше мало, за што сведочат стотиците запалени машини за гласање и кандидатот застрелан во својот сопствен дом. Сепак, во мејнстрим медиумите единствено се споменуваше полициската операција.

Резултатите од изборите се „силно оспорени“ исклучиво од сојузници на САД

По завршетокот на неделното гласање, многу медиуми исто така соопштија дека резултатите од изборите се „силно оспорени“ од група на земји. Сепак, тие кои ги осудија изборите се блиски земји сојузнички на САД. Во земјите од Латинска Америка кои го осудија гласањето спаѓаат и Колумбија, Аргентина, Чиле, Мексико, Перу и Парагвај, а заедно со нив и Европската Унија и Канада.

Колумбија, Перу и Мексико имаат претседатели кои се наметнаа како блиски сојузници на САД, честопати ставајќи ги корпоративниот интерес и интересот на владата на САД пред тој на своите жители. Бразил и Парагвај исто така силно натежнуваат кон Вашингтон, откако лево-наклонетите претседатели беа заменети со десничарски претседатели преку „благи“ државни удари. Чиле, и покрај тоа што е „демократија“, остана тесно поврзана со надворешната политика на САД откако владата на Аленде беше отфрлена од страна на САД во 1973. Аргентинскиот десничарски претседател, Маурицио Макри, исто така покажа дека е поврзан со САД и има направено договори кои дозволија на САД да ја рашири воената присутност во државата за време на неговиот краток мандат.

Други земји, кои не се сојузници на САД, ги поддржаа изборите во Венецуела и се спротивставија на обидите на САД на наметнат санкции. Меѓу нив спаѓаат Русија, Никарагва, Боливија и Еквадор.

Неколку Латино Американски водичи го обвинија Мадуро за губење на својата легитимност да ја води државата поради неговиот рејтинг од 30 проценти (додека анкетите кои опозицијата ги наведува, а се од Датаналисис, покажуваат рејтинг од 20.8 проценти). Овие бројки се наведуваат од страна на медиумите како уште причина поради која уставното собрание не може да ги претставува желбите на жителите на Венецуела, иако гласањето е неповрзано со рејтингот на Мадуро.

Но, не се споменува дека многумина од овие Латнско Американски водичи имаат рејтинг под тој на Мадуро, посочувајќи дека и тие мора да ја имаат изгубено легитимноста да ги водат своите држави, доколку нивниот аргумент е валиден. На пример, Енрике Пења Мието од Мексико има рејтинг од 12 проценти, додека Мишел Бачелет од Чиле има рејтинг од 20 проценти. Бразилскиот десничарски и неизбран претседател има најнизок рејтинг од само 5 проценти. Сепак, во мејнстрим медиумите, само Мадуро се споменува како непопуларен (види тука, тука и тука).

Со оглед на тоа што земјите кои се спротивставуваат на исходот на гласањето од неделата во Венецуела се исклучиво САД и земји сојузнички на САД, самата осуда не делува на ништо повеќе од обид да се создаде „интернационален консензус“ дека владата предводена од Мадуро, иако избрана по демократски пат, е изолирана и нелегитимна, правејќи ја полесна мета за дестабилизација и за промена на режимот.

Акциите на САД кон Венецуела стануваат пожестоки

Викендот пред изборите, владата на САД даде неколку индикации дека ќе ги засили обидите да ја промени насоката на политиката во Венецуела. Претходниот петок потпретседателот Мајк Пенс се јави на Леополд Лопез, контроверзниот лидер на опозицијата, потврдувајќи дека администрацијата на Трамп ќе преземе драстични економски мерки против владата предводена од Мадуро доколку изборите се одржат во недела. Пенс го величаше Лопез, кој беше вмешан во неуспешниот државен удар од 2002, поддржан од САД, поради неговата „храброст и отворена одбрана на Венецуелската демократија“.

Исто во петок, министерството за надворешни работи на САД нареди семејни членови од персоналот на владата да ја напуштат американската амбасада во Каракас и издаде предупредување за патување во Венецуела на американските жители. Такви драстични мерки обично се преземаат кога се очекува зголемување на нестабилноста или на насилството. САД веројатно биле однапред свесни дека опозицијата ќе повика на „војна на улиците“ после гласањето во неделата.

За ЦИА е исто познато дека е моментално вмешана во дестабилизацијата на Венецуела. Неуспешниот државен удар при крајот на Јуни, на пример, беше поврзан со ЦИА и со Администрацијата за борба против дрога на САД.

Потврдата за тековната вмешаност на ЦИА во Венецуела се појави порано неделава, кога директорот на ЦИА, Мајк Помпео, изјави дека САД работи во насока на овозможување „транзиција“ на Венецуелската власт во координација со владите на Колумбија и Мексико. Попрецизно, Помпео изјави дека „се надева дека транзиција во Венецуела е можна и дека дава сè од себе за да ја разбере тамошната динамика“.

Скоро потоа, тој додаде: „Само што бев во Мексико Сити и Богота, недела дена пред да започнам да зборам за овој проблем, и се обидов да им помогнам да ги разберат нештата кои тие можат да ги сторат за да добијат подобар исход за нивниот дел од светот и за нашиот дел од светот“.

Понатаму, за неколку месеци, САД се спрема да води воени вежби со три Јужно Американски држави, од кои две се граничат со Венецуела. Вежбите, наречени „Операција: Америка Обединета“, ќе вклучат и воспоставување на привремена воена база на тројната граница помеѓу Колумбија, Перу и Бразил. Експертите посочуваат дека вежбите се од посебен интерес за САД, бидејќи тие претставуваат можност да се фокусираат на политичката ситуација во Венецуела. Според Телесур, претседателот Доналд Трамп веќе се сретнал со претседателите од Перу и Колумбија за да го дискутира интересот на САД во Венецуела, пред официјално да ги најави воените вежби. Во најмала рака, военото покажување сила ќе се случи во време на продлабочена криза и ранливост на Венецуела и ќе го држи Мадуро на работ на столчето.

Државен удар на хоризонтот?

Со над 100 милиони долари потрошени за Венецуелската опозиција, мала е веројатноста дека владата на САД ќе биде пасивна и ќе дозволи луѓето на Венецуела сами да си ја одредат својата судбина. Начинот на размислување на САД лесно се воочува во поранешниот министер за надворешни работи, Хенри Кисинџер – кој се има сретнато со Трамп неколку пати – и неговата озлогласена изјава во врска со социјалистичката влада на Аленде во Чиле која тој помогна да се отфрли: „Не гледам некаква потреба да седиме мирни и да гледаме како некоја држава станува комунистичка поради неодговорноста на нејзините луѓе“. САД со години покажува дека одбива да го признае човековото право на само-одредување, особено кога станува збор за влада што доаѓа на власт, а е непријателски настроена кон империјата на САД.

Анти-владин демонстратор држи пушка земена од обезбедувањето за време на судирот во Каракас, Венецуела, 8 Мај 2017.

Според протечена снимка од 2013, Мариа Корина Махадо, опозициски лидер, објаснува како Рамон Гилермо Авеледо, претседателот на мрежата опозициски групи Mesa de la Unidad Democrática, кажал на министерството за надворешни работи дека „единствениот начин за ова да се разреши е преку провоцирање и акцентирање криза или државен удар. Или процес на затегање и припитомување, за да се генерира систем со комплетна социјална контрола“.

Бојкотот на опозициските лидери на изборите за уставно собрание во неделата е најдобриот начин да се акцентира кризата, додавајќи на интернационалниот пси-оп кој ќе оправда поголемо интервенирање од страна на САД и меѓународните сили во Венецуела, бидејќи демократијата делува „загрозено“. Со опозициски ликови, како Леополдо Лопез, кои веќе се во комуникација со високо рангирани американски официјални лица, како и со низата повици за воени државни удари, вистинската борба за Венецуелската демократија стига до кулминација. Останува должност на независните медиуми да посочат на реалните аспекти на ситуацијата во Венецуела, со цел да се спречи интервенирање на САД во уште една „шарена револуција“ за промена на режим, со што – доколку биде успешно – Трамп би го направил својот прв државен удар.

Забелешка од уредникот: Оваа приказна беше ажурирана со цел да ја рефлектира одлуката на администрацијата на Трамп да наметне нови санкции на Венецуела, после резултатите од националното гласање за избор на уставно собрание во понеделник вечерта.

Извор: МинтПрес

Превод: Јован Крајевски