АктуелноЛокално

Прослава на смртта

На граничниот премин Деве Баир во Македонија ќе пристигне контингент на Вооружените сили на САД кој ќе учествува на вежбата „Dragoon Guardian 17“ во Криволак со припадници на Армијата на Република Македонија. Во Куманово ќе се одржи пригодна свеченост на која ќе се обрати министерката за одбрана – Радмила Шекеринска. На заедничката воена вежба ќе учествуваат 300 припадници на американската армија и 95 припадници на АРМ и истата ќе трае до 10 август.

Пред вежбата, на плоштадот Македонија во Скопје, ќе се изложува оружјето на армијата на САД, со што граѓаните на Република Македонија ќе имаат можност да се запознаат од блиску, а потоа и да поразговараат со дел од војниците. Притоа, одредени точки од воената историја на САД отвораат можност за многу интересна дискусија.

Низ изминатиот век, САД ја искористи својата војска за голем број инвазии, бомбардирања и напади (Ирак, Србија, Сирија и Авганистан се само дел од земјите во кои воено интервенираше САД). Поводот за дел од нив беше сочувување (или воспоставување) на демократијата. За друг дел, поводот беше спречување на нуклеарното вооружување. За трет дел, поводот беше спречување на кршењето на човековите права. Во меѓувреме, доколку се погледнат земјите во кои САД има интервенирано, лесно може да се забележи дека ситуацијата воопшто не се подобрила после таквите акции. Демократијата никогаш не била подобрена поради воена интервенција на САД (напротив, во некои земји е дури и влошена). Нуклеарното вооружување во светот се нема намалено поради воена интервенција на САД (сепак САД е еден од лидерите во поседство на нуклеарно оружје, а во одредени земји во кои таа интервенираше, се покажа дека нуклеарно оружје воопшто немаше).

Да ја разгледаме воената историја на САД само во изминатата година. За време на претседателството на Барак Обама (човекот кој, меѓу другото, доби Нобелова награда за мир), САД во една година фрли 26171 бомба, додека бројот на земји во кои се присутни специјалните американски трупи се зголеми на 138 (над 70% од светските нации). Пред 2016 година, секој претседател, за време на претседателските избори, ветуваше дека ќе го намали буџетот кој САД го троши за воени цели и ниту еден од нив не остана доследен на својот збор (напротив, сите го зголемија воениот буџет).

Од ваквата надворешна политика на САД најмногу пати обичниот човек. Цивилот. Тој е тој што гине за туѓи цели, невооружен, како колатерална штета. Зарем го заборавивме Белград и бомбардирањето во 1999? Зарем не гледаме што се случува низ светот и колкава штета е нанесена од војската која церемонијално ја пречекуваме?

Воените цели на САД не се цели на обичниот човек. Таа војска не се бори за човековиот интерес, туку единствено за интересот на профитот и како таква не заслужува почит ниту прослава, туку напротив, заслужува само осуда.