Иран соопшти дека е извршен терористички упад во нуклеарната централа Натанц

„Иранскиот нуклеарен објект Натанц беше погоден од терористички напад во неделата”, ова го изјави шефот на нуклеарната програма, неколку часа по извештаите за електрична „несреќа“ – и токму еден ден откако започнаа со работа новите центрифуги за збогатување на ураниум.

Според првичните информации, настанот предизвикал застој во мрежата за дистрибуција на електрична енергија на нуклеарниот објект во Натанц, блиску до градот Исфахан

Израелските медиуми објавија дека инцидентот е најверојатно предизвикан од сајбер напад, додека „Тајмс оф Израел“ отворено тврди, повикувајќи се на „западни разузнавачки извори“, дека МОСАД стои зад ваквиот прекин на снабдувањето на електрична енергија во Натанц. Засега нема официјални изјави од израелски официјални лица.

Иранските одговорни лица сѐ уште не изнесоа повеќе детали, освен што шефот на нуклерната програма во оваа централа, Али Екбер, инцидентот го нарече „нукларен тероризам“. Тој за државната телевизија нагласи дека Исламската Република Иран го задржува правото да преземе акција против оние што стојат зад инцидентот во нуклеарната централа. 

Инаку, нуклеарната програма на Иран е регулирана според нуклеарниот договор од 2015 година, исто така познат како Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA), од кој САД во време на Доналд Трамп еднострано се повлече од истиот и ја продолжи, па дури и интензивира политиката на наметнување економски санкции на Иран. После повлекувањето на САД од овој договор, нуклеарната програма на Иран продолжи да ја следи Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA – International Atomic Energy Agency), а иранските власти неколку пати нагласуваа дека сите нуклеарни потфати на Иран се за мирни и енергетски цели, што впрочем ова уште еднаш беше потврдено еден ден пред овој инцидент, од страна на претседателот Хасан Рухани.