Што е просветителството? – Имануел Кант

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Што е просветителството[1]?

Просветителството е излегување на човекот од неговата самонаметната незрелост. Незрелоста е неспособност да се употребува сопственото разбирање без туѓо водство. Оваа незрелост е самонаметната доколку нејзината причина не лежи во недостатокот од разбирање, туку во неодлучноста и недостатокот на храброст да се користи сопствениот ум, без туѓо водство. Осмели се да знаеш! (Sapereaude.) „Собери храброст да го употребиш сопственото разбирање,“ е, оттука, мотото на просветителството.

Мрзеливоста и страшливоста се причините поради кои толку голем дел од човештвото радо останува незрело целиот свој живот, долго откако природата го ослободила од надворешнo раководење. Тие се причините поради кои им е толку лесно на другите да се постават себе си како старатели. Толку е удобно да се биде потчинет. Ако имам книга што мисли наместо мене, свештеник кој дејствува како моја совест, доктор кој ми ја препишува диетата и така натаму, тогаш јас немам потреба да се напрегнувам себе си. Немам потреба да мислам, само ако можам да платам, други ќе се погрижат за таа непријатна работа за мене. Старателите кои љубезно си го присвоиле надзорот, се потрудиле големото мнозинство од човештвото – а во него и целиот понежен пол – да го смета својот чекор кон зрелоста, не само како тежок, туку и како исклучително опасен. Првин, овие старатели  го оглупавуваат својот добиток и внимателно спречуваат послушните суштества да направат макар еден чекор ослободени од поводниците за кои ги врзале. Потем им ја прикажуваат опасноста што би ги снашла доколку тие се обидат да зачекорат самостојно. Но оваа опасност всушност и не е толку голема; по неколку сопнувања, најпосле би научиле да чекорат. Како и да е, примерите на таквите неуспеси заплашуваат и генерално ги обесхрабруваат сите понатамошни обиди.

На тој начин тешко е за поединецот да се ослободи од незрелоста што речиси станала негова втора природа. Нему таа дури и почнала да му се допаѓа, и на почетокот тој навистина е неспособен да го користи сопственото разбирање бидејќи никогаш не му било дозволено да го испроба. Догмите и формулите, овие механички алатки обмислени за разумна употреба  – или поточно злоупотреба – на неговите природни дарби, се оковите на бесконечната незрелост.  Човекот што ќе ги отфрли би презел неизвесен скок дури и преку најтесниот јаз, зашто тој не е навикнат на такво слободно движење. Поради ова постојат само малку луѓе кои цврсто чекорат, и кои излегле од незрелоста преку развивање на нивните сопствени умови.
Многу е поверојатно луѓето да се просветлат сами; впрочем, само ако им се даде слобода, просветлувањето ќе биде неизбежно. Секогаш ќе има по неколку независни мислители, дури и меѓу самопрогласените старатели на мнозинството. Кога еднаш таквите луѓе го отфрлиле јаремот на незрелоста, тие ќе го рашират духот на разумно почитување на човековата вредност и неговата должност да размислува за себе. Особено треба да се нагласи дека јавноста (заедницата) која претходно била подјармена од овие луѓе подоцна ги присилува токму овие старатели да останат потчинети доколку е испровоцирана од некои други старатели кои самите се неспособни за било какво просветлување. Тоа покажува колку е погубно да се всадуваат предрасуди: тие на крајот ќе им се одмаздат на своите создавачи, или барем на на нивните потомци. Оттука, јавноста може да го постигне просветлувањето единствено бавно. Револуцијата може да му стави крај на личниот деспотизам или на ненаситното тиранско угнетување, но никогаш не може да донесе вистинска реформа на начините на размислување. Нови предрасуди ќе послужат во замена за старите, како насоки за немислечкото мнозинство.
Ваквото просветителство не бара ништо освен слобода – и тоа најневиното од сè што може да се нарече со зборот „слобода“: слобода за јавна употреба на сопственото расудување во сите нешта. Од сите страни сега го слушам извикот: „Немој да се расправаш! “ Војникот вели: „Не расправај се – покори се!“ Собирачот на данок вели: „Не расправај се – плати!“ Свештеникот: “Не расправај се – верувај!“  Само еден владетел во светот вели: „Расправај колку што ти е драго, но потчини се!“ Насекаде наоѓаме ограничувања на слободата. Но, кои ограничувања му штетат на просветлувањето? Кое ограничување е невино, а кое го унапредува просветлувањето? Јас одговарам: јавната употреба на сопственото расудување мора да биде слободна во секое време, и единствено ова би му донело просветлување на човештвото.

Од друга страна, приватната употреба на расудувањето може често пати да биде тесно ограничувана без притоа особено да му наштети на напредокот на просветлувањето. Под „јавна употреба на сопственото расудување“  ја подразбирам онаа употреба што човекот, како учен, ја прави пред читателската јавност. Јас ја нарекувам „приватна употреба“ онаа употреба што човек ја презема во своето расудување кога ја врши граѓанската должност што му била доверена. Во некои работи што го засегаат интересот на заедницата неопходен е одреден (управувачки) механизам во кој одредени членови на заедницата остануваат пасивни. Ова создава вештачка едногласност што ќе послужи за исполнувањето на јавните цели, или барем ќе ги зачува овие цели од уништување. Овде расправањето не е дозволено: човекот мора да се послуша. Како дел од оваа машина, доколку тој истовремено се смета себе си за член на една универзална заедница – светско општество на граѓани – (да кажеме дека тој се смета себе си за учен кој рационално ѝ се обраќа на јавноста преку своите писанија) тој секако може да расправа, и обврските со кои тој делумно е поврзан како пасивен член нема да страдаат. Следствено, би било многу штетно кога војник на должност и под наредба на неговите надредени, би посакал да ја критикува соодветноста или корисноста на своите наредби. Тој мора да послуша. Но, како учен [схоластик] тој не може оправдано да биде спречен да ги забележи грешките во воената служба и да ги изнесе своите погледи во јавноста за просудување. Граѓанинот не може да одбие да ги плаќа даноците на кои е обврзан; всушност, дрското неплаќање на таквите даноци може да биде казнето како скандал што може да предизвика општа непослушност. Сепак, овој човек не ги злоупотребува своите обврски како граѓанин доколку, како учен, јавно ги искажува своите забелешки за несоодветноста или можната неправда на таквите давачки. Свештеникот, исто така, е обврзан да проповеда пред своите верници во согласност со доктрините на црквата на која ѝ служи, бидејќи тој е ракоположен токму под тие услови. Но, како учен, тој има целосна слобода, всушност и обврска, да ги искаже сите негови внимателно проучени и конструктивни размисли кои се однесуваат на грешките во таа доктрина и неговите предлози кои се однесуваат на подобрување на религиската догма и црковните институции. Ова не е нешто што би можело да ја оптовари неговата совест. Бидејќи она што тој го подучува во согласност со неговата положба како претставник на црквата, тој го пренесува како нешто што тој не е слободен да го подучува онака како што тој самиот го разбира. Тој зборува како некој што е вработен да зборува во името и според наредбите на друг. Тој ќе каже: „Нашата црква го подучува ова или она; ова се доказите што таа ги приложува.“ Следствено, тој ќе им биде од корист на своите верници колку што е можно повеќе со тоа што ќе ги претстави доктрините на кои тој можеби не ги прифаќа со целосна убеденост. Тој може да се посвети себе си да ги подучува овие доктрини бидејќи не е целосно невозможно тие да содржат некоја скриена вистина. Во секој случај, тој не пронашол ништо во доктрините што би било противречно на основата на религијата. Бидејќи, доколку тој верувал дека постојат такви противречности, тој не би можел да ја извршува својата служба со чиста совест. Тој ќе морал да си даде отказ. Оттука, употребата што учениот ја прави на своето расудување пред верниците што го вработиле е само приватна употреба, бидејќи без оглед на нивниот број, тие се само домашна публика. Со оглед на ова, тој, како проповедник, не е слободен и не треба да биде слободен, штом ги спроведува наредбите на други. Од друга страна, како учен кој и’ се обраќана неговата сопствена јавност (светот) преку неговото пишување, свештеникот во јавната употреба на своето расудување ја ужива неограничената слобода да го користи своето расудување и да зборува во свое име. Тоа дека со духовните чувари на луѓето треба да се постапува како сo незрели е апсурдност која ќе доведе до постојано потхранување на апсурдите.

Но, треба ли заедница на свештеници, да речеме еден црковен собор, да го има правото да се обврзе себе си со заклетва на одредена непроменлива доктрина, со цел да обезбеди постојано старателство над сите свои членови и, преку нив, и над луѓето? Јас велам дека ова е сосема невозможно. Таквиот договор, склучен за да го оттргне секое понатамошно просветлување од човештвото, е едноставно неважечки па дури и кога е потврден од страна на суверената моќ, од парламентите, и најформалните договори. Епохата не може да склучи пакт што ќе ги обврзе следните генерации, ќе ги спречи да ги зголемат своите значајни увиди, да се прочистат од грешки, и, општо земено, да напредуваат во просветлувањето. Тоа би било злостор против човечката природа, чијашто права судбина лежи токму во таквиот напредок. Оттука, наредните генерации се целосно овластени да ги отфрлат таквите одлуки како своеволни и срамотни. Пробниот камен на сите такви одлуки што можат да бидат преточени во закон за луѓето лежи во ова прашање: Можат ли луѓето да си наметнат таков закон себе си? Возможно е да се воведе определен поредок за ограничен краток период во очекување на подобар поредок. Но, додека трае овој преоден поредок, секој граѓанин (а особено, секој свештеник во улога на учен) би требало да биде оставен слободно да ги објавува своите критики за мааните на постоечките институции. Ова треба да трае додека јавното разбирање за овие нешта не дојде дотаму што, со здружувањето на гласовите на мнозинството (иако не нужно на сите) учени, предлозите за реформи да можат да бидат поднесени пред суверенот за да се заштитат оние верници кои во согласност со нивните најдобри увиди се одлучиле за променет религискиот поредок, без притоа да ги попречуваат оние кои сакаат да останат верни на старите институции. Но, да се согласат на траен религиски поредок што никој јавно не би смеел да го доведе во прашање, всушност би претставувало поништување на цел еден период во напредувањето на човековото подобрување. Ова мора да биде целосно забрането.

Човек може да го одложи своето просветлување, но само за ограничен временски период. Но, целосно да се откаже од просветлувањето, дали за себе, или за своите потомци, значи да се повредат и да се згазат светите човекови права.  Она за што луѓето не можат да одлучат сами, уште помалку може да го одлучи монархот за нив, зошто неговиот углед  како владетел се содржи токму во начинот на кој тој ја обединува волјата на сите луѓе во својата. Доколку тој согледа дека секое вистинско или претпоставено (религиско) подобрување е во согласност со граѓанскиот поредок, тој може да ги остави своите поданици на мира да го прават она што тие го сметаат за нужно за спасот на своите души. Спасението не е негова работа; негова работа е да го спречи секој оној што насилно ќе го спречува другиот да го одреди и унапреди својот спас најдобро што знае и умее.. Всушност, би било штетно за неговото височество доколку тој се вмеша во овие работи и ги надгледува писанијата со кои неговите поданици сакаат јавно да ги изнесуваат своите (религиски) гледишта, дури и кога го прави ова од стојалишта на сопствените највисоки согледувања, зашто тогаш тој се изложува себе си на прекорот; Caesar non est supra grammaticos (Кралот не е над граматичарите/учените). Уште полошо е кога тој ја понижува својата суверена моќ дотаму за да го поддржи духовниот деспотизам на малкумина тирани во неговата држава над остатокот од неговите поданици.

Кога прашуваме дали ние сега живееме во просветлено доба, одговорот е НЕ. Ние сепак живееме во доба на просветителството. Како што сега стојат работите се’ уште е далеку од вистината дека луѓето се веќе способни да го употребуваат сопственото расудување во релгиските работи убедливо и коректно без надворешно водство. Сепак, постојат очигледни индикации дека полето за работа кон целта (за религиозната вистина) е сега отворено. А згора на тоа, пречките против општото просветлување или ослободувањето од самонаметнатата незрелост постепено се намалувааат. Во таа смисла, ова е време на просветителството и векот на Фридрих (Великиот).

Еден монарх не треба да смета дека е под неговото достоинство да се каже дека тој смета дека не е негова должност да им наложува што било на своите поданици во религиските работи, туку да им остави целосна слобода. Ако тој се одрекне од арогантниот збор „толерантен“, тој и самиот ќе биде просветлен; тој ќе заслужи да биде фален од благодарниот свет и идното потомство како оној човек што бил првиот што го ослободил човештвото од зависноста, барем од власта, допуштајќи им на сите да го употребуваат сопственото расудување во работите на совеста. Под негова власт, чесните свештеници, во улога на учени и без оглед на должностите што им ги наложува нивната положба, ќе можат слободно и отворено да му ги објавуваат нивните идеи на светот за да ги испитува, иако тие би можеле тука и таму да отстапуваат од прифатената доктрина. Ова дури ќе биде и повистинито за секоја личност што не ја ограничува  никаква заклетва на функцијата. Овој дух на слободата сега се шири и надвор од границите (на Прусија) дури и онаму каде што треба да се бори против ограничувањата поставени од власта која не успева да ги сфати своите вистински интереси. (Фридриховата Прусија) е светол пример дека слободата не треба да причинува ни најмалку грижи кога станува збор за јавниот поредок или за единството на заедницата. Кога некој не планира намерно да ги држи луѓето во варваризам, тие самите постепено ќе се издигнат над таквата состојба.

Ја нагласив главната цел на просветителството – излегувањето на човекот од неговата самонаметната незрелост- пред сè во религиските нешта, бидејќи нашите владетели немаат интерес да играат старатели на своите поданици во уметностите и науките. Но, пред сè, незрелоста во религијата е, не само најштетна, туку и најнечесна. Ставот на еден суверен владетел кој ја претпочита слободата во уметноста и науката оди уште подалеку: тој знае дека не постои опасност во ослободувањето на неговите поданици јавно да го употребуваат своето расудување и да ги објавуваат своите идеи за подобар устав, како и нивната искрена критика на постоечките закони. Ние веќе имаме впечатлив пример (за таква слобода), и ниеден монарх не може да се рамни со оној кого ние го почитуваме.

Но, само човекот кој и самиот е просветлен, кој не е исплашен од сеништа, и кој истовремено командува со добро дисциплинирана и бројна војска како гарант на јавниот мир – само тој може да каже што (суверенот на) слободна држава не може да се осмели да го каже: „Расправајте колку што сакате, и за што сакате, но покорете се!“ Иако овде согледуваме, како и секаде во човечките работи во кои речиси сè е парадоксално, еден изненадувачки и неочекуван правец во развојот на настаните: големиот степен на граѓанска слобода се чини дека е во корист на интелектуалната слобода на луѓето, а сепак истовремено поставува и ненадминливи пречки. Но, кога има помалку граѓанска слобода, се создава простор тој слободен дух да се прошири до границите на своите можности. Природата, значи, внимателно го одгледала семето внатре во тврдото јадро – односно, поттикот и призивот за слободна мисла. И оваа слободна мисла постепено делува повратно врз начините на мислење кај луѓето, и луѓето стануваат сè повеќе способни да делуваат во слобода.  На крајот, слободната мисла делува дури и врз темелите на власта и на државата ѝ одговара да постапува со човекот, кој сега е повеќе од машина, во согласност со неговото достоинство.

[1]Германскиот весник  BerlinischeMonatsschrift во 1784 година на своите читатели (пред сè интелектуалната елита) му го поставува прашањето: Што е просветителството? На ова прашање на Берлинскиот месечник одговараат низа знаменити интелектуалци на своето доба. Еден од одговорите, а можеби и најзначајниот, е есејот на Имануел Кант, кој во својот оригинален наслов гласи “Was ist Aufklärung?“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *