Настани

„Theoria” изложба на Зоран Попоски во Мала станица

Текстот е превземен од FB настанот.


Почитувани,

Ве известуваме дека на 15 јуни 2017 година (четврток), во Националната галерија на Македонија, мултимедијален центар Мала станица, во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на Зоран Попоски под наслов „Theoria”.

Интердисциплинарниот македонски уметник Зоран Попоски својот најнов проект насловен „Theoria” го базира врз принципите на повеќеслојното истражување во доменот на културните и општествените теории и практики, поставувајќи се себе си како аналитичар и критичар на мноштво теми кои се однесуваат на идентитети, територија, јавен простор итн.

Тековната серија постконцептуални цртежи под наслов „Теорија“ на која е фокусиран и која ја развива од 2015 година навака, досега содржи 65 дела (од кои на оваа негова 14 по ред самостојна изложба, поставена во Националната галерија на Македонија е претставен избор од 22), и според авторот претставува серија на портрети на „монументални фигури од светот на филозофијата, книжевноста и уметноста, и негови лични светилници, од Фридрих Ниче и Вирџинија Вулф до Валтер Бенјамин и Џудит Батлер“.

Делото од оваа серија, „Меланхолија (Ниче)” ја доби наградата за цртеж на Артслант, водечка светска мрежа за современа уметност. Три други дела од овие серии цртежи, портрети на филозофите Теодор Адорно и Жил Делез и на уметникот Јозеф Бојс, во неколку прилики беа објавени во британскиот весник „Гардијан”, во избор на Флавија Фригери (кураторка за современа меѓународна уметност во Тејт Музејот во Лондон), како и на Емили Сарџент (кураторка на Велком Колекцијата во Лондон) и на Шоаир Мавлиан (кураторка за современа фотографија во Тејт Модерн во Лондон).

Изложбата ќе трае до 15 јули 2017 година.