Непознатиот Рацин

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Насловот на оваа колумна може да предизвика чудење. Толку многу знаеме за Рацин, речиси нема кој не ги знае неговите „Денови“, неговите „Тутуноберачи“ и „Копачи“, неговата „Ленка“. За поетот на силно светнатиот ден секоја година се организира посебна конференција (Рацинови средби), многу статии и книги се напишани за него, како воопшто може да се каже дека Рацин ни е непознат?

Сепак, и покрај мноштвото писанија за Рацин, има некои аспекти од неговиот живот и дело кои сè уште не се доволно расветлени. Дали неговото загинување во „пријателски оган“ беше несреќен случај или убиство? Дали е исправно да ја минимизираме или игнорираме неговата политичка активност? Зошто бил исклучен од Комунистичката партија во 1940 година и дали повторно го примиле назад? Како се позиционирал Рацин во т.н. спор на книжевната левица, тој доста важен книжевен, но и политички спор помеѓу југословенските комунистички книжевници?

На 13 јуни е годишнината од загинувањето на Рацин. По ослободувањето официјалната верзија кажуваше дека тоа беше несреќен случај. И не се сметаше за политички опортуно да се испитуваат околностите на неговата смрт. Но има неколку информации кои наведуваат дека не може така едноставно да се прифати дека смртта на Рацин била случајна несреќа. На пример, врз него било стрелано од непосредна близина, само од триесеттина метри, а партизанската печатница во која работел се наоѓала на само 300-400 метри од партизанската база. Според официјалната верзија, стражарот што пукал во него не забележал дека е тој, зашто било самрак и зашто се уплашил дека се работи за непријател. Ама, до толку ли не може човек да распознае некого на триесеттина метри, па било и самрак? И до толку тој се уплашил од непријателот, иако се наоѓал на само 300-400 метри од партизанската база? Па на таа далечина од базата многу поверојатно е да приоѓал некој партизан, а не некој непријател. А сепак стражарот стрелал, без предупредување и исклучително прецизно. Во овој контекст, зошто обично не ги наведуваат дистанцата од која е стрелано во Рацин, дистанцата помеѓу печатницата, како и точното време на настанот? Колку што мене ми е познато, целосна реконструкција на настанот никогаш не е извршена. Веројатно бидејќи, како што гледаме, сè е така јасно па немало потреба од тоа.

Во врска со исклучително краткиот период на Рацин во партизани има и други интересни детали. Комунистичката партија не сакала да дозволи Рацин да замине во партизани, на патот до партизанскиот одред Рацин веројатно влегол во судир со инструкторот на ЦК Добривое Радосавлевиќ, му бил одземен пиштолот додека бил во партизанскиот одред.

Но, зошто му бил одземен пиштолот, зошто Комунистичката партија не сакала да дозволи тој да замине во партизани и, особено, зошто некој би убил намерно еден од тогашните најголеми живи поети? Што може некој воопшто да добие од убиство на еден поет?

Тука доаѓаме до основната фантазмагорија во врска со Рацин, до тезата дека тој примарно бил поет и дека неговата политичка активност била, во најдобар случај, не многу важна. Фактите не го кажуваат тоа. Во 1928 година Рацин учествува, како единствен делегат од Македонија, на Четвртиот конгрес на КПЈ во Дрезден. Сигурно не бил испратен таму поради неговите песни. Во 1933 година станува член на Обласниот комитет на КПЈ за Македонија. Не поради неговите песни. Набрзо, по шест месеци, е уапсен. Повторно, не поради неговите песни.

Рацин е еден од најистакнатите македонски комунисти во 1930-тите. Кога одлучија да го исклучат од партијата во 1940 година, тоа не беше некакво си маргинално случување, туку важен настан за партијата во Македонија. Еден од нејзините најистакнати дејци беше исклучен и бојкотиран. Деец кој до 1943 година имал направено повеќе за партијата и револуцијата од Лазар Колишевски, Страхил Гигов и редица други комунисти кои по ослободувањето ги зазедоа најважните фотелји. Следствено, при „несреќниот случај“ од 13 јуни 1943 година не загина само еден од нашите најголеми поети, туку и еден од најистакнатите македонски комунисти.

Ако се има ова предвид, ако се знае кој навистина беше Рацин, неговото загинување од „пријателски оган“ добива друга конотација. Мотивите за евентуалното негово намерно убиство веќе не се банални и така неосновани. Можеби не е логично да се убие поет, ама да се убие еден комунист кој имал проблем со држењето до партиската линија во тоа време не било преседан ниту во Југославија ниту пошироко.

Разбирам зошто, за време на Југославија, Рацин намерно беше претставуван само како поет и зошто се инсистираше на нерасветлување на околностите на неговата смрт. Но, не разбирам зошто е тоа така и денес, повеќе од 25 години од тогаш.

Здравко Савески