Настани

Ова е цивилизација! – Вие богови!

Текстот е превземен од FB настанот.


Цивилизација е она што не разликува од суштества водени од нагони и воедно не дефинира преку поинакво ниво на комуникација која ја претпоставува културата, а со тоа и уметноста како спроводник на нови вредности. Таа ни покажува она што историските учебници не можат, ни дава увид во историското наследство, покажува по што копнееле цивилизациите во минатото, што за нив значело напредок и прогрес. Таа е степен на општествен развој и организација низ кој поставуваме прашања и добиваме одговори за самите себе.

Од овој понеделник, продолжувајќи секој понеделник во јуни, започнуваме со проекција на мини серија од документарни филмови во авторство на уметничкиот критичар Метју Колингс, чија намера е да се анализира историјата на уметноста, а со тоа и цивилизацијата, преку разгледување на конкретни дела кои се сметаат за вредни достигнувања од областа на уметноста, а кои воедно направиле фантастичен цивилизациски исчекор предизвикувајќи, преиспитувања и дилеми во мноштво различни области од човековото живеење.

Целта на проекциите, кои се своевидни лекции по уметност за почетници, е да се обидеме да ја направиме уметноста разбилива пред се за луѓето кои не се уметници или историчари на уметност. Оттука, ќе се обидеме да одговориме на прашања од типот: Како и зошто античките скулптури на совршени тела се појавиле па исчезнале во христијанството, како оштествените промени како француската буржоаска револуција и индустријализацијата влијаеле на уметноста, како реди-мејд предметот или монохромната слика се врвни современи уметнички дела во 20тиот век. По секоја проекција, следи дискусија на темите релевантни за прикажаната епизода, за која вовед ќе даде гостин(ка) историчар на уметност.

Епизода прва – „Вие богови“.

Како уметноста ги манифестира спецификите на античкиот поредок и како истата кореспондира со општествените случувања во Стара Грција? Како моменталните вредности и размислувања влијаеле врз уметноста во средниот век? На кој начин различните пристапи во толкувањето на спиритуалноста и религијата носеле промени во перцепцијата на луѓето? Како религиозните практики и верувања го моделираат „совршеното тело“ на антиката или „телото на гревот“ во периодот на христијанството? Во која мера ликовните претстави на Исус се историски приказ или производ на општествени конвенции? Дали во т.н исламска уметност можеме да препознаеме христијански елементи и обратно?

Првата епизода од серијалот „Ова е цивилизација“, насловена „Вие богови“, ќе даде увид во слични прашања анализирани преку примери на уметнички дела создадени и инспирирана од верувањата и религиозните практики почнувајќи од времето на старите Египќани, па се до современието. Воведе во дискусијата по оваа епизода, заедно со свое видување на темата ќе даде проф. Никос Чаусидис.

Проекциите ќе бидат на англиски јазик, а дискусијата по нив ќе биде водена на македонски јазик.

Доколку временските услови се добри, проекциите ќе бидат на отворено, во дворот на СЦ Дуња. (* облечете се соодветно)