АктуелноЛокално

Струмичките уметници издејствуваа средба со министерката и можен нов избор за директор

Министерката за култура Ирена Стефоска имаше средба со актерите кои се незадоволни од изборот на Васил Бубев за директор на Центарот за култура „Aнтон Панов“ во Струмица.  Струмичките актери кои јавно се спротиставија на изборот Васил Бубев да биде директор на ова институција, по повод изборот на новиот директор на НУ Културен центар „Антон Панов“, сметаат дека кадарот е несоодветен, бидејќи се работи за наставник по физичкa култура и нема искуство во работата со културните установи, поради што покренаа иницијатива „Фискултура или култура“ и петиција која ја потпишаа над 300 уметници и културни работници од институционалната и независната културна сцена и со која бараат од Министерството да ја преиспита својата одлука.

Актерите бараат од министерката Стефоска да го поништи конкурсот, бидејќи одбиени беа магистер по културен менаџмент и актер со речиси 30-годишно искуство и издејствуваа до понеделник да се најде најдоброто решение на проблемот.

Министерката Стефоска рече дека процедурата според која е избран директорот, формално – правно според актуелниот Закон за култура била испочитувана во целост од комисијата што го вршела изборот, но поради револтот меѓу актерите дека  директор ќе биде лице со неадекватно формално образование  и непознато во културната средина, до понеделник ќе се бара друго решение, според постоечкиот Закон за култура.

Легалниот момент е испочитуван од почеток до крај. Но, затоа си дадовме време до понеделник за да го надминеме проблемот, а при тоа да не го прекршиме законот, таков каков што е. Во овој момент е тој закон“, вели министерката Ирена Стефоска.

Стефоска апелира и на донесување на новиот Закон за јавен интерес во културата, кој е во собраниска процедура, а со кој за да се стане раководител на културна установа се бараат високо- стручни квалификации во областа.

„Си дадовме време да го најдеме најдоброто решение во интерес на драмскиот ансамбл и Центарот за култура во Струмица. Им благодарам што со нивната гласност ми помагаат и мене и на сите културни работници во земјата, новиот Закон за култура кој е во процедура што побрзо да биде донесен, бидејќи во тој закон меѓу новитетите е и еден од условите за станување раководител на институција, а тоа се високите стручни квалификации во областа“, рече министерката Стефоска.

Актерите се надеваат на надминување на проблемот и на изнаоѓање најдобро решение од формално – правен,  етички и еснафски аспект. Но потенцираа дека не отстапуваат од барањето спроведениот конкурс да се поништи, а избраниот директор да се отповика и да се именува друг кандидат, со што ќе се даде шанса на соодветните кандидати. Во спротивно, најавија порадикални мерки.

Ако до понеделник не бидат решени одредени работи и не одат во насока, во која е нашата крајна ултимативна цел, да биде тргнат од директорското место господинот Бубев, ќе пристапиме кон порадикални мерки, како што се непослушност, протести и т.н, вели актерот Стојан Велков.

Актерите се незадоволни по изборот на Васил Бубев за директор, кој во моментов е директор на градинките, а претходно работел како професор по физичка култура во ОУ „Гоце Делчев’“ во Василево.